БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Како викал Путин, не може Русија да го трампа суверенитетот за квалитет на животот. Така и Македонија, може ли Македонија да ги трампа своите фиксации, своите проблеми, своето заглупавено поимање на суверенитетот, за значително подобар квалитет на животот или вие ќе си останете на браникот на проблемите како врвни национални и државни интереси на Македонија
Дир Мицко, зошто не си земеш повеќе време, десети септември е зад аголот, не може на секого да му текне нешто паметно во толку краток рок, не се сите паметни и талентирани, нека не ти биде незгодно во таа смисла, качи ја Македонија на своите неврони, пушти ја низ церебралниот механизам, сними ја, Мицко, разглоби ја, па состави ја, неколку пати, за да може на дисплејот да ти се појави вистинскиот одговор на прашањето: што да се прави?!
Можеби, ќе ти требаат неколку години, но, батали го времето, времето е измама, не тече времето, ние течеме, Мицко, важно е твојот одговор да биде точен, втемелен, образложен, категоричен!
Ако е Европа поубав град од Преспа- да одиме, ако не е-што ќе ни е!
Тешки прашања.
Батали го референдумот.
Преспанскиот договор ќе помине. Македонија ќе влезе во НАТО и ЕУ, но, дали е тоа решение за нашите државни и национални интереси!? Дури и да е, прашање е колку е тоа добро, зашто националните и државни интереси што се решени, престануваат да бидат тоа. Меѓу барањето и решението поважно ни е барањето, меѓу одбраната и интересите, поважна е одбраната. Со што ќе се занимавате вие и вашата партија ако се е решено и на што ќе личи Македонија ако не е тврдина што вмро ќе ја брани!?
Како викал Путин, не може Русија да го трампа суверенитетот за квалитет на животот. Така и Македонија, може ли Македонија да ги трампа своите фиксации, своите проблеми, своето заглупавено поимање на суверенитетот, за значително подобар квалитет на животот или вие ќе си останете на браникот на проблемите како врвни национални и државни интереси на Македонија. Јас мислам дека е обратно, дека квалитетот на животот е врвен критериум, а не позата на една квазиреволуционерна организација во тешка криза на идентитетот. Да, јас мислам дека проблемот не е во македонскиот идентитет, туку во идентитетот на вмро во услови на модерност, прогрес, култура, интегрираност, светскост.
Така ли е или не е така!?
Биди ми поздравен
Бранко Тричковски
Орешани, 07.08.2018