Кога зборуваме за оставки и служење, подразбираме нормална демократска држава. Дали Северна Македонија е таква?

ЏЕЛАЛ НЕЗИРИ
Секој амбициозен политичар треба да има предвид дека кога презема функција, презема и одговорност. Таа одговорност е да и служи на земјата, на својот народ, зашто луѓето што го опкружуваат оцениле дека токму тој може да биде добар службеник на граѓаните. Ако не успее да служи како што треба, заминува, дава оставка без да размислува двапати. Можеби имал добра намера, можеби не бил виновен, но кога се случува трагедија како онаа во Кочани, каде што загинаа 59 лица и над 150 беа повредени, оставката на министерот или министрите што се именувани да служат е првиот чин што треба да се случи.
Кога зборуваме за оставки и служење, подразбираме нормална демократска држава. Дали Северна Македонија е таква?
Во 2018 година во Ласкарци, Скопје, загинаа 13 граѓани во автобуска несреќа. Во 2021 година автобус изгоре на патиштата на Бугарија со 45 патници додека патуваше од Турција. Истата година во Тетово живи изгореа 14 луѓе, кои се лекуваа од коронавирус во модуларната болница во Тетово. Овие денови во Кочани загинаа 59 млади во дискотека без никакви безбедносни стандарди, што организира концерт без никаков безбедносен протокол. Кој министер поднесе оставка по овие трагедии? Во трагедиите од 2018 и 2021 година министрите од коалицијата СДСМ-ДУИ се спасија со медиумски трикови. Сега не можат да бараат од министрите на ВМРО-ДПМНЕ да поднесат оставка за оваа трагедија. По неколку години, некоја друга влада нема да “жртвува” ниту еден министер во следната трагедија, бидејќи веќе стана практика. Практиката во демократијата понекогаш е посилна од законот и уставот. Практика што ги повторува трагедиите, каде што сите се виновни освен вистинските виновници.
Како функционира нормалниот свет? Еве 10 примери како реагирале владите:
Оваа година во Србија оставка поднесе премиерот Милош Вучевиќ. Причина – уривање на покрив на железничка станица во Нови Сад, каде што загинаа 15 лица.
Чунг Хон-вон од Јужна Кореја во 2014 година поднесе оставка како премиер по трагедијата на фериботот Севол, каде што загинаа над 300 лица.
Директорката на Тајната служба на САД, Кимберли Читл, во 2024 година поднесе оставка по атентатот врз Доналд Трамп. Во своето сведочење пред Конгресот, Читл го нарече настанот „најголем оперативен неуспех” на агенцијата во децении.
Во 2023 година во Шпанија, по фаталните поплави во Валенсија, кралот Фелипе VI се соочи со гневот на жителите, кои бараа оставка од премиерот Педро Санчез, обвинувајќи го за лошо управување со кризата.
Министерот за транспорт Костас Караманлис, на 28 февруари 2023 година поднесе оставка по фаталниот судир меѓу два воза во Лариса, Грција, што предизвика смрт на 57 лица.
Романскиот премиер Виктор Понта поднесе оставка заедно со неколку членови на неговиот кабинет по пожарот во ноќниот клуб „Колектив” во Букурешт на 30 октомври 2015 година, кој однесе 64 животи и повреди стотици луѓе.
Јапонскиот министер за транспорт Тошихиро Никаи во 2005 година поднесе оставка по излетувањето од шините на воз во Амагасаки, при што загинаа над 100 лица.
Данската премиерка Хеле Торнинг-Шмит во 2015 година поднесе оставка по пукањата во Копенхаген.
Јапонскиот премиер Еисаку Сато во 1964 година поднесе оставка по земјотресот во Ниигата, преземајќи морална одговорност.
Израелскиот премиер Ехуд Олмерт во 2008 година поднесе оставка по критиките за управувањето со Втората либанска војна.
Девет месеци по преземањето на власта, премиерот Христијан Мицкоски бара одговорност насекаде, но не и во владиниот кабинет. Оставките како морален чин се даваат за да се зачува довербата на граѓаните во институциите, во конкретниот случај во владата. Ако тоа не се случи, довербата на граѓаните во извршната власт ќе се изедначи со онаа во судството. А министрите, пак, ќе имаат апсолутен имунитет изграден врз низа трагедии.