Борел-Вархеји: Изборите поминаа во мирна и демократска атмосфера, но изборниот процес останува недоволно регулиран. По двојните избори што на 8 мај се одржаа во нашата земја, најдобриот пат што Северна Македонија треба да го следи е интеграција во ЕУ, изјави за МИА Даниел Сервер, експерт за Балканот
Според прелиминарните наоди и заклучоци на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), претседателските и парламентарни избори кои се случија на 8 мај поминаа во мирна и демократска атмосфера, се вели во заедничката изјава на Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.
Борел и Вархеји, во заедничката изјава, велат изборите биле конкурентни со почитување на основните слободи, но посочуваат дека изборниот процес и понатаму останува недоволно регулиран.
– ЕУ и честита на претседателката Силјановска-Давкова за изборот и со нетрпение очекува да работи со новиот претседател, првата жена шеф на државата во Северна Македонија. Ги охрабруваме релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада. Двете институции треба да работат заедно за да го унапредат патот на Северна Македонија кон ЕУ, вклучително и со спроведување клучни реформи особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, во интерес на сите нејзини граѓани, се наведува во соопштението на Европската служба за надворешни работи.
Посочуваат дека Северна Македонија направи одлучувачки чекори во процесот на пристапување во ЕУ и сега ќе биде важно да се имплементираат преостанатите обврски неопходни за отворање на првиот кластер во процесот на пристапување.
– ЕУ и Северна Македонија споделуваат силно партнерство. Земјата целосно се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и очекуваме нашата соработка да продолжи и понатаму да се развива, се наведува во соопштението.
Европската унија забележува дека заедничката меѓународна набљудувачка мисија на изборите од ОДИХР и ОБСЕ, Европскиот парламент и Парламентарното собрание на Советот на Европа, двојните избори ги окарактеризира како конкурентни, со почитување на основните слободи.
– Иако законската изборна рамка ја постави основата за демократски избори, некои одредби не беа во согласност со меѓународните стандарди, во однос на еднаков пристап до медиумите, одговорност за државното финансирање и пристап до правна заштита. Неодамнешните измени на Изборниот законик беа воведени доцна и не ги одразуваа препораките на ОДИХР, велат од Европската служба за надворешни работи.
Откако Меѓународната мисија за набљудување на изборите ќе ги издаде своите конечни препораки за идните избори, Европската унија очекува сите политички актери, релевантни институции и засегнати страни да ја покажат својата посветеност за зајакнување на демократијата преку заедничка работа за да ги спроведат тие препораки брзо и многу пред следните избори.
По двојните избори што на 8 мај се одржаа во нашата земја и на кои убедлива победа извојува десно ориентираната ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседателски кандидат Гордана Силјановска-Давкова, најдобриот пат што Северна Македонија треба да го следи е интеграција во ЕУ, изјави за МИА Даниел Сервер, експерт за Балканот.
Сервер е професор на катедрата за напредни меѓународни студии при универзитетот Џон Хопкинс и е убеден дека новата влада нема да успее на следните избори ако, како што вели, не го реши прашањето со Бугарија и го забави процесот за членство во ЕУ.
-Најдобриот правец за Македонија е Европската Унија. Не гледам друга алтернатива што може да донесе подобар животен стандарт, повеќе слобода на говорот или зголемена безбедност, изјави денеска тој.
Во својот коментар тој се осврна и на Преспанскиот договор опишувајќи го како „добар кој ги признава интересите на двете страни“ Северна Македонија и Грција.
-Треба да се забележи дека Преспанскиот договор експлицитно го штити правото на граѓаните да ја нарекуваат земјата како што сакаат (Член 7, параграф 5). „Северна Македонија“ се бара само во официјална употреба, посочува тој..
На прашањето за злонамерното влијание на Русија на Балканот и дали гледа можни закани по Преспанскиот договор, Сервер кажа дека не гледа закани туку само опортунизам.
-Заканата доаѓа од луѓето кои не сакаат да го прифатат и со тоа да ја отфрлат Македонија назад во несигурност и изолација. Постои закана и од руското влијание, Москва е спремна да ги охрабрува сите оние приврзани кон етнонационализмот и поделбите, наместо кон меѓуетничката соработка и лојалноста кон државата.
Идната влада ќе биде исправена и пред предизвикот со барањата на Бугарија за промена на Уставот, а на што ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува.
-Претпочитам устави што не именуваат етнички групи. Сметам дека бугарските барања за уставни промени се прекумерни. Но, Скопје треба да изнајде решение со Софија кое ќе овозможи Северна Макеонија да пролжи со прогресот кон ЕУ, рече Сервер.
Според него, кандидатите за членство во ЕУ се соочени со тажна вистина – постечките земји членки имаат големо влијание врз какво и да било нерешено билатерално прашање „што и да се договори со Софија би било мала цена што треба да се плати за непредок кон ЕУ“.
-Скопје и Софија имаат повеќе причини да соработуваат отколку да се конфронтираат. Се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го признае тоа и ќе бара решение наместо постојани триења, оценува Сервер.
Тој предвидува дека идната влада предводена од оваа партија нема да успее на следните избори ако не го реши прашањето со Бугарија и го забави членството на земјата во ЕУ.