За седум години, до 2017-ма, руските инвестиции во Македонија изнесувале приближно 50 милиони долари. Страв има кај охридските овоштари
Евентуалното воведување на трговски санкции на Русија кон Македонија по неодамнешното протерувањето на руски дипломат, може да се одрази негативно врз земјава, предупредува поранешниот министер за финансии Никола Поповски. Тој во изјава за Гласот на Америка, вели дека сега е важно страстите да се смират, ако се знае дека Русија во Македонија има неколку значајни инвестиции, особено во енергетскиот сектор и металургијата.
„Каква било трговска војна и повлекување на инвестиции би било скапо за Македонија. Да се надеваме дека нема да се случи тоа. Но, најтешкиот пораз за нас би бил, подршката на Русија во Советот за безбедност на ОН. Да се надеваме дека таа поддршка традиционално која ја имаме од Русија за името и за стабилноста во Советот за безбедност, нема да ни се наруши со вето“, вели Поповски.
Македонија е голем увозник на гас и нафта од Русија, а има голем дефицит и во меѓусебните трговски односи, кои минатата година изнесувале 203 милиони долари, од кои, само 54 милиони отпаѓаат на увоз на македонски производи – анализира Мики Трајкоски во еден текст за Гласот на Америка
Загрижени за последните случувања на светската сцена, се и земјоделците, бидејќи дури 70 отсто од земјоделските производи кои се извезуваат, завршуваат на рускиот пазар. Меѓу нив е и охридската цреша, чиј што пласман оди организирано.
„Во последните десет години повеќе од десет пати се зголемени насадите на цреша за рускиот пазар. Засега се` уште најприфатлив е рускиот пазар, бидејки одредени параметри тешко ги исполнуваме за ЕУ. Ако имаме забрана за рускиот пазар, ќе биде тешко да се пробиеме на другите европски пазари“, вели земјоделецот Ванчо Стојаноски од земјоделска задруга „Охридска черешна“ за овој извор.
Стојаноски се надева дека доколку се реши оваа криза, годинава само во Русија ќе се извезат околу 500 тони охридска цреша. Но, според некои други, иднината на Македонија сепак треба да биде НАТО и ЕУ, а земјава треба да продолжи да ги негува стратешките однси со САД и западните сојузници.
Охриуд њус констатиа во исто време дека долгогодишната напорна работа, стратешки пристап и организираната продажба на надалеку познатата охридска цреша (черешна) на земјоделците од регионот здружени во задругата „Охридска черешна“, ги отвориле вратите на пребирливиот пазар во Дубаи. Пред три години е испратена првата пробна пратка од овој производ во Дубаи.
Спакувана во специјална амбалажа за рекордно краток период од околу 10 часа, охридската цреша со авионски транспорт тогаш заврши на трпезите во Дубаи. Купивачите на нашиот овошен деликатес му дадоа високи оценки за квалитет, а веќе од следната година голем дел од производството на цреша од охридскиот регион требаше да се пласира на овој пазар.
– Охридска черешна стигна на трпезите во Дубаи, односно стигна за ифтар во Дубаи. Среќни сме да кажеме дека квалитетот на црешата беше прифатен со задоволство од страна на купувачите во Дубаи што е најава за една многу плодна соработка во иднина, што охридскиот регион ја очекува со пласманот на пазарот во Дубаи и слични пазари во светот.-изјави тогаш Петар Спасески – член на задругата „Охридска черешна“.
Спасески вели дека отворањето на пазарот во Дубаи е голем предизвик, и дека на охридските земјоделци сега им е да одговорат на строгите барања со квалитет и стандард.
-Прво и основно за земјоделците од охридскиот регион е дека согласно критериумите на овие пазари треба да го прилагодиме нашето производство да биде со врвен квалитет. Ако успееме да постигнеме воедначено и квалитетно производство на охридската черешна, сите светски пазари ќе бидат отворени за овој регион и тука е шансата за проектот „Охридска черешна“ – додаде Спасески.
За таа цел во тек е осовременување на технолошкиот процес за софистицирано селектирање и складирање на црешата, кој ќе биде комплетиран наредната година. Следниот предизвик е зголемување на производството.
– Прецизни информации за производството на цреша во нашиот регион нема, но од согледувањата на трговците, охридскиот регион заедно со Требеништа и Мешеишта годишно произведува од 400 до 500 тони цреша. Но многу е важно да разбереме дека без илјада тони производство на годишно ниво како регион нема да бидеме интересни на светските пазари. Ние можеме и пет пати повеќе, но исто така многу е важно младите да го разберат овој бизнис и да не се штедат во работењето.- вели Спасески.
Спасески со организираното производство на охридска цреша започнал пред околу 11 години на површина од еден хектар во атарот на село Лескоец Истакнува дека во последните 5-6 години во охридско се омасови производството на цреши на нискостеблести подлоги, а насадите постојано се зголемуваат. Негова најголема желба е во охридско црешата да се одгледува на 1000 хектари, па затоа и го осмислил проектот „1000 хектари за 1000 среќни семејства“.
-Со одгледување цреша на површина од еден хектар, со ефективна работа од 60 дена се обезбедува месечна плата од 1000 евра во текот на целата година. Тоа е минимално загарантирана добивка, но полињата во охридско стојат необработени. За жал младите не се зафаќаат со оваа работа, дали им изгледа тешко или неизвесно не знам.-рече Спасески.
Сепак, најголемите трговски партнери на Македонија се западните држави. Од нив, предничи Германија со која минатата година трговската размена изнесувала 3,6 милијарди долари, по што следуваат Велика Британија, Италија и Грција. Русија е на 18-то место.