Историчариот Владо Поповски за Нова тв – словото и духот на Охридскиот договор се основната супстанца на македонизмот и враќање на заборавениот пат на борбата на Македонците за создавање на своја држава

За 20 годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор се затекнав на Преспа каде сум во оваа време од годината од како знам за себе. Преспа, кој знае-знае, е регион кој може да послужи како пример на цела Европа за едно пар екселанс мултикултурна функционална заедница.
Живеејќи во еден таков амбиент во кој предрасудите и стереотипите, кои често ги оптоваруваат меѓуетничките односи на национално ниво, се речиси непостоечки бев изненаден од коментарите во јавноста кои упорно се провлекуваат изминатите 20 години за тоа дека Охридскиот договор е некакво надворешно тело наметнато од некои или некого. Размислувајќи на оваа тема имав среќа тука да го затекнам професорот Владо Поповски, историчар, автор на повеќе истражувања, министер во повеќе влади, еден од авторите на Уставот во 1991 година, но и на текстот на Рамковниот договор во 2001 година, директор на Агенцијата за разузнавање, советник на претседателот Борис Трајковски, па и советник во Советот на Град Скопје во советничката група на ВМРО ДПМНЕ, итн., итн. Во секој случај соговорник кој е апсолутно релевантен да ми ги разјасни дилемите околу доживувањата на Рамковниот договор како надворешно тело во македонската национална супстанца како што го доживуваат голем број Македонци.
Се сретнавме во неговото село Долно Дупени на само неколку километри од моето Брајчино. По долгиот, речиси три часовен разговор заклучокот е дека всушност словото и духот на Охридскиот договор се основната супстанца на македонизмот и враќање на заборавениот пат на борбата на Македонците за создавање на своја држава. Од професорот Поповски за првпат дознав дека првата генерација на македонизмот во 1880 година или таканаречената Македонска лига создава Устав кој всушност уште тогаш во себе ги има инкорпорирано основните начела на актуелниот Охридскиот договор.
-Дефинициите дека е наметнат, дека е паднат од небо и дека нема врска со континуитетот на македонската историја и правна мисла и македонските устави е сосема неточно. За жал една дефиниција дека е наметнат од САД ја има споменато и мојот колега Светомир Шкариќ и тоа е далеку од вистината. Охридскиот договор е враќање на заборавениот пат на борбата на Македонците за своја држава и во таа смила Охридскиот договор е корекција на запоставениот пат од развојот на македонската држава. Првиот поим се однесува на борбата на Македонците за своја држава до втората светска војна, до кога нема своја држава, а вториот поим се однесува на развојот на македонската држава од 1944 до 1991 година.

Аргументот за првото тврдење , во текот на 19 век, го има првата генерација која го постави прашањето за Македонија како посебна политичка единица на Балканот. Таа генерација во идејата за создавање на македонска држава го имаше концептот на Охридскиот договор инкорпориран во себе. Станува збор за Македонската лига од 1880 година и нејзиниот Устав, Уставот за идното уставно уредување на државата Македонија донесен од Македонската лига во 1880 година. Тоа е акт кој е доставен до Европска комисија после Берлинскиот договор и легитимиран врз база на членот 23 од тој договор за тоа дека сите тие кои не добиваат посебено решение ќе бидат реформирани како самоуправни области во рамки на турската империја, согласно со Критскиот Статут од 1868 година. Тој устав претпочиташе создавање на рамноправност, политичка и правна на сите народи што живеат во една провинција. Во таа смисла Македонија од кога постои, секогаш била мултиетничко општество и никогаш не била моноетничка. За тој факт дека во Македонија живеат македонски словени, Албанци дека живеат Власи-Цинари дека живее една помала заедница на Грци, дека живеат Турци, македонската генерација беше свесна дека тие народи живеат проникнати едни со друг и ја конципираат македонската држава како заедничка, не само како татковина и општество туку и како заедничка држава. Согласно тој Устав понуден од Македонската лига до Европската комисија, согласно бројката на различните групи предвидено било колку ќе има пратеници во народното собрание, поделба на министерства, предвидено заедничко колективно претседателство на чие што чело стои претставник на мнозинската заедница, но ќе има и претставници од сите заедници во тоа претседателство како врховно државно тело. Се предвидува, исто така, дека државата ќе гарантира рамноправност на сите поединци без разлика на нивното потекло. Во делот на посебните национални интереси – јазик и религија ќе ги почитува решенија на таканаречените црковни општини и тела и во таа смисла кога ќе треба да се донесе закон кои ги решава овие колективни права на постои принцип на надгласување, а ако сепак е некој надгласан тогаш колективниот претседателски институт конечно решава за овие прашања. Во таа смисла во 1988 година е формирано национално собрание и влада. Во таа влада има Македонци и Албанци. Во националното Собрание има Македонци, Албанци, Власи, Грци, итн. согласно нивното присуство. Тој Устав, за жал, не беше прифатен, а македонското движење беше поразено, но првата генерација го остави тој документ како синор на профилот на македонската држава кој природно произлегува од профилот на општествот. Затоа слободно се вели дека Охридскиот договор е враќање на заборавениот пат, вели професорот Владо Поповски во интервју за Нова ТВ, објаснувајќи ја генезата на македонската државност и нејзината комплементарност со актуелниот Рамковен договор.
За жал обидот на Македонската лига завршува неуспешно поради повеќе или помалку познати причини по што во нашиот разговор се наметна прашањето што се случи со политиката и духот на првата генерација на македонската интелигенција која го дефинираше првиот концепт за македонска држава во услови какви што беа стекнати во 1944 година кога Македонија де јуре станува државен ентитет во рамките на тогашна Народна Федеративна Република Југославија.

Она, пак, што се случува од 1944 до 1991 година е запоставен пат. Имено Уставот на НРМ од 1946 година и особено уставите од 1963 година, уставните измени од 1968 година, па Уставот од 1974 година, се до измените во 1988 година. Во овие устави до 1988 година е призната рамноправноста и на народите и народностите, признати се јазиците, обичаите и декларирано е дека државата стои во заштита на таа посебност и застапеност во сите јавни сфери, Уставот од 1968 година вели дека јазиците се еднакви и се потврдува истото и во Уставот од 1974 година. Таа рамноправност значи дека треба да бидат присутни тие различности во секој поглед и пишува дека граѓанинот кои говори на друг јзик за решавање на своите права обраќајќи се до институција треба да му се одговори на државниот јазик, но и на неговиот мајчин јазик и ова е така се до 1988 година кога истото беше дерогирано. Во 1988 година се потценува тој пат. Од 1974 година кога настапува делегатски систем, јас работам во Институтот за социолошки истражувања. Истражувавме како функционира тој систем и проверуваме како се запазени решенијата од национал-политички карактер и заклучиме на пример дека во Кичево никој не говори на свој јазик во општината кога стануваше збор за албанскиот. И на прашањето зошто не се користи тоа право,в одговорот беше – „оди ти пробај зборувај“. Имено се беше признато како во Охридскиот договор, но не се применуваше. Зошто?
– Затоа што од 1967 година, политичка моќ добија безбедносните служби. Ова беше под влијание на југословенската политика или под влијание на српските интереси и во тој контекст многу брзо Албанците се ставија во лоша смисла како заедница која ровари нешто. Исто така, беа третирани сите либерали кои се бореа за слободи. Сите тие беа на тапет и јас го видов тој акт на безбедносните служби. Не смееше да се користат декларативните права и никому не му пречеше што во Уставот пишува едно а се прави друго. Е тоа е она што јас го нарекувам потценетиот пат на македонската државност. Затоа пак ќе речам Охридскиот договор е ново враќање на она што е најприродно за македонското општество, вели професорот Владо Поповски во интервју за Нова ТВ.
Што се случи по распаѓањето на СФРЈ? – Зошто во 1991 година не се вративме на тој заборавен па потценет пат трасиран од првата генерација во 1880 година? – Што содржат скоро објавените транскрипти од состаноците на југословенското раководство на чело со Тито од 1978 годинаа? – Какви обврски презел Глигоров во однос на Милошевиќ? – Одговорите на овие прашања следат во продолжение на овој разговор со професорот Поповски кои ќе бидат објавени на нашиот портал утре.
(Автор: Борјан Јовановски)