Последна премиера на театарот со долга историја е правена по текстот на Жозефиен Баласко а во режија на Љубчо Георгиевски
ЛИЛЈАНА МАЗОВА
Охридскиот театар има интересна историја. Отворен е во 1949 година, па затворен и повторно отворен во 2011 година. По повторното отворање на 3 јули 2011 година ја прикажа претствата „Метаморфози“ од Овидиј во режија на Андреј Цветаноски.
Од тој период до сега има 33 премиери. На Охридското лето 2021 настапи по петти пат. Тоа беше претставата што се прикажа како прва во драмскиот дел на Летото 2021 година – претставата „Крик за љубов“ беше прикажана на сцената на Домот на културата „Глиор Прличев“ во Охрид на 13 јули.
Претставата „Крик за љубов“ е работена по текстот на Жозиен Баласко. Режија е на Љупчо Ѓоргиевски, сценографијата на Валентин Светозарев, костимите на Андреј Ѓоргиевски, а музиката на Марјан Неќак (екипа која често работи заедно).
Четирите лика ги играат (според редоследот во програмското ливче) Андријана Тодороска (Жижи Ортега), Никола Тодороски (Иго Мартиел), Ивица Црнев (Леон) и Горан Стојаноски (Силвестер).
„Крик за љубов“ е комедија на карактери со љубовна приказна и романтичен крај, при што доминантни се две теми – театарот и љубовта.
Приказната се плете околу двајца актери, поранешни сопружници кои се ангажирани да играат во претстава во која исто имаат задача да играат ликови на поранешни сопружници.
Во претставата се третира процесот на создавање на една претстава: од распределбата на ликовите, до создавањето на претставата и сето она што се случува до премиерата. Со сите учесници/чинители во неа.
Во тој процес/претстава четворицата актери на Охридскиот театар, под сигурната рака на режисерот Ѓоргиевски кој умее и секогаш умеел на актерите да им го насочи поединечниот и колективниот пат на/во создавањето на претставата, е создаден театар/претстава која умешно го држи вниманието на гледачот.
Во изведбава на „Крик за љубов“ доминира играта на Горан Стојаноски како Силвестер. Тој во текот на целото дејствие максимално е посветен на ликот и на ситуациите, со што и ја поставува/остварува и динамиката на претставата.
Така се доаѓа и до она кон што стремат и текстот и режисерот и сите други учесници во изведбата на „Крик за љубов“ – да се навлезе во суштината/создавањето/постоењето на театарот. Заедно го поставуваат и разработуваат основното прашање: колку театарот е живот и колку животот е театар. Се разбира не е целта да се дојде до одговор (што и го нема), меѓутоа сосем е јасно дека и едното и другото се дел/делови од животот.
Во секој случај, Охридскиот театар и оваа екипа успеале во идејата/целта. И да докажат дека нивниот крик за љубов е потрага по живот. Во целта највнимателно се вклучени сите учесници/реализатори на „Крик за љубов“ што значи во потрагата по живот.