Тие канали функционираат подолго време со добро разработена тактика. Тоа се работи насо брзи глисери и со користење на неколку точки. Откако ќе исплови глисерот одлучува дали ќе биде точка А Струга, точка Б, покрај Охрид, или точка три кај „Свети Наум“, тврди Стефан Буџакоски, професор по безбедност за Глсот на Америка
МИКИ ТРАЈКОВСКИ
Полицијата од албанскиот град Корча, неодамна спречи шверц на 25 килограми марихуана преку Охридското езеро, од Албанија во Северна Македонија. Дрогата била транспортирана со чамец, при што биле уапсени четири лица. Претходно била складирана во близина на мрестилиште за пастрмка во Поградец.
Стефан Буџакоски, поранешен висок полициски функционер и професор по безбедност објаснува како се одвива нелегалниот транспорт.
„Тие канали функционираат подолго време со добро разработена деликвентска тактика. Тоа се работи на организиран начин со брзи глисери и со користење на неколку точки. Откако ќе исплови глисерот одлучува дали ќе биде точка А Струга, точка Б, покрај Охрид или точка три кај Свети Наум“, објаснува Буџакоски.
Буџаковски додава дека е јавна тајна оти Охридското езеро е место од каде се транспортираат различни видови на дрога.
„Тоа е јавна тајна, која е позната и на полицијата, која поради две причини потешко се справува со оваа појава, бидејќи, тие поседуваат подобра техника за пренос на оваа наркотична дрога и риба, и второ што овие криминални групи соработуваат со некои полициски службеници“, тврди Буџакоски.
За да се намали ваквата појава, Буџакоски вели дека е неопходно да се спроведе поширока безбедносна акција од страна на МВР со вклучување на повеќе структури, но и пософтицирани средства, како што се побрзи глисери, дрон, хеликоптери.
„И неколку пати да се пресечат неколку канали и тоа значи дека и превентивно ќе се делува не само репресивно против оние кои почесто пренесуваат дрога на ова подрачје. Имавме и во претходните години случаи, каде според сознанија требаше да се пренесе кокаин, кој во метални кутии се спушти на дното на езерото, а потоа криминалците имаат начин како тоа да го обезбедат. Нашите нуркачи се обидоа да го извадат, но не успеаја“, раскажува Буџакоски.
Акцијата на албанската полиција позната како „Рестарт 15“, е петнаесетта по ред и има за цел оневозможување на шверц на дрога од едната на другата страна на границата. Освен за дрога, езерото се користи и за нелегална трговија на риба.
„Нелегалниот транспорт цвета. Во Охрид дневно се ловат илегално околу 500 килограми белвица и голем дел од тој рибен фонд што се лови завршува во Албанија. Во Албанија ловат некаде околу 400 кајчиња кои немаат квота на улов, ловат колку сакаат и голем дел од тоа завршува на македонскиот пазар“, тврди Радован Димитриевски, рекреативен риболовец.
А, како се прави тоа: „Освен по воден пат дневно, ноќе се шверцува со кајчиња, до пограничните села и од тука потоа се транспортира по земјен пат и по илегални премини. Шверцот за жал е многу развиен и се уништува целиот рибен фонд“, тврди Димитриевски.
Од МВР велат дека полициската станица за граничен надзор Охридско езеро презема мерки и активности пред се за спречување на прекуграничниот криминал (шверц на наркотици, риба, кафе, оружје и друга стока),илегална миграција.
„Прекуграничниот криминал преку сината граница се врши и со помош на брзи глисери со кои брзо се пренесува криумчарена стока од Албанија во РСМ и обратно“, одговорија од МВР.
Пред три години во пловен објект, на брегот на езерото беа пронајдени над 100 килограми марихуана, спакувана во торби. И во 2021, македонската полиција на брегот пронајде марихуана вредна 250 000 евра. Од полицијата велат дека во 100 случаи годинава пронајдени и одземени се 477 рибарски мрежи и други предмети. Поднесени се и 41 прекршочна пријава по разни основи. Од почетокот на годината до 31.07.2023 година пронајдени и одземени околу 1,000 парчиња риба.