Благодарност треба да се упати и на дирекцијата на фестивалот (на сите вработени) која најгрижливо ги организира 50.тината настани. Или секој ден/вечер по еден, два па и три настани: концерти, театарски претстави, изложби…
ЛИЛЈАНА МАЗОВА
Охридското лето, нашата најголема летна културна манифестација, се ближи кон својот годинашен крај. Започна во традиционалниот термин на 12 јули, а ќе заврши на 20 август со, од мој агол, интересниот проект/претставата Одисеј. Работена е по текст на Горан Стефановски, во режија на Александар Поповски, а е продукција на дури шест институции: ГДК Гавела од Загреб, Театарот Улисис од Бриони, Српскиот народен театар од Нови Сад, Словенското народно гледалишче од Марибор, Ателје 212 од Белград, Стерииниот театар од Нови Сад и Театарот Навигатор од Скопје.
Ако на селекторите на програмата за годинава – за музичкиот дел музичарот Васо Ристов, и за драмскиот режисерот Александар Поповски треба да им заблагодариме за грижливо селектираната програма, благодарност треба да се упати и на дирекцијата на фестивалот (на сите вработени) која најгрижливо ги организира 50.тината настани. Или секој ден/вечер по еден, два па и три настани: концерти, театарски претстави, изложби…
Што се однесува до драмскиот дел на годинашното Охридско лето, по премиерата на Несоодветно за на работа, следуваше гостувањето на Рускиот драмски театар Станиславски – Караганда со Сон на летната ноќ во режија на Џон Блондел. Потоа мултмедијалниот проект Спокоен сум ко врвот … не прашувам зошто сум се извишил на Драган Спасески Охридски, интересното Буре Барут на Народниот театар од Истанбул во режија на Јилдирај Шахинлер, инспиративното Парче душа – сценски приказ на поезијата на Блаже Конески на Љупчо Тодоровски – Упа…
Вообичаено сите се бавиме/пишуваме за програмата што е прикажана на фестивалот. Или на било кој друг фестивал/манифестација.
Затоа и решив да променам – да го истакнам ангажманот на вработените во Охридското лето. Тие максимално, навидум со леснотија што можеби е и така, се однесуваат кој секој гостин – учесник или гледач.
И гостите и публиката се чувствуваат добредојдени токму поради тој нивни однос. Тоа им годи на сите, иако организаторите сами си знаат како го постигнуваат тоа. Зашто воопшто не е лесно во текот на сите фестивалски денови/вечери да се организира толку обемна програма, да се пречекаат и испратат големиот број на уметници, да се организираат средби со нив со новинарите, настаните да течат – не е премногу да се каже – беспрекорно… И на/за сето тоа постојано да се има насмевка на лицето за секој гостин или посетител.
Не треба да се заборави и фактот дека речиси секоја вечер настаните се на друга сцена, на друг простор.
Токму тоа, веројатно, им ја отежнува работата на вработените во Охридското лето. Меѓутоа, тие и тоа го прават со голема посветеност. И да повторам, со насмевка, со внимание и љубезност кон секој учесник и секој посетител. Ако, на пример, публиката е прекубројна за во просторот во кој се одржува настанот, тие успеваат да сместат секого. Пак со насмевка/љубезност.
Затоа и секој се чувствува добредојден: задоволен и од програмата и од односот на вработените во Охридското лето, што не е баш вообичаено кога станува збор за вакви големи (а и помалку големи) фестивали/манифестации. :