Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ОХРИДСКО ЛЕТО 2019: ЗА КРАЈ – „ОДИСЕЈ“ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ ВО РЕЖИЈА НА АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ

August 26, 2019 Filed Under: Ревија

ЛИЛЈАНА МАЗОВА

УЧЕСНИЦИ Прес конференцијата на екипата која го реализираше проектот „Одисеј“

Охридското лето, нашата најголема меѓународна летна манифестација што традиционално се одржува од 12 јули до 20 август во Охрид, заврши. По четириесетте фестивалски денови, со уметници од разни земји од светот, се затвори со театарската претстава „Одисеј“ по текст на Горан Стефановски, во режија на Александар Поповски. Претставата беше прикажана во преполниот Антички театар.

 

Овој „Одисеј“ е копродукција на седум институции на Балканот: ГДК „Гавела“ во Загреб, Театарот „Улисис“ во Бриони, Српското народно позориште во Нови Сад, Словенското народно гледалишче – Драма во Марибор, Ателје 212 во Белград, Стерииниот театар во Нови Сад и Театарот „Навигаторот Цветко“ во Скопје. Копродукцијава е сложена (актери од разни градови, држави, институции) и, да се надеваме, дека ќе има дог век. Претставата тоа и го заслужува.

Драматург на овој „Одисеј“ е Дора Делбјанко, сценографијата е на НУМЕН и Ивана Раденовиќ, костимите се на Марита Ќопо, автор на музиката е нашата група „Фолтин“.

СЦЕНА Одисеј е претстава во која учествуваат многу актери и тоа од целиот ју-простор

Во овој „Одисеј“ ликовите ги интерпретираат (според програмскиот лист): Озрен Грабариќ од Театарот „Гавела“ во Загреб (Одисеј), Анита Манчиќ од Ателје 212 во Белград (Пенелопа), Бранко Јордан од Словенско народно гледалишче во Марибор (Телемах), Мартина Чвек од Театарот „Гавела“ во Загреб (Атена), Светозар Цветковиќ од Ателје 212 во Белград (Зевс, Менелај), Борис Исаковиќ од Српско народно позорише во Нови Сад (Посејдон, Нестор), Јасна Џуричиќ од Српско народно позориште во Нови Сад (Кучето на Одисеј, Калипса, Мајката на Одисеј), Дијана Видушин од Театарот „Гавела“ во Загреб (Меланта, Наусикаја, Кирка, Хекуба), Фрањо Дијак исто од Театарот „Гавела“ во Загреб (Просјакот, Детето од Имара, Киклоп, Астифанакс), Никола Ристановски од Македонскиот народен театар во Скопје (Пејач, Тиресиј).

Драмата „Одисеј“ на Горан Стефановски говори за сознанието дека сите тежнееме/мечтаеме за некакво свое прибежиште – место каде ќе бидеме свои на своето, спокојни и исполнети. Ја има и вербата дека тоа место веќе сме го имале ама сме го изгубиле.

Претставата на Поповски и на екипата која е обединета во намерата/целта/играта, трага и по можноста тоа изгубено место да го најдеме. И за тоа дека ни припаѓа, дека ни е ветено, дека имаме право на него….

И токму тоа право на прибежиште за сите е различно. За Одисеј, конкретно, тоа е Итака. Иако е сосем јасно дека кој ќе го најде е исто сосем неизвесно.

Режијата на Александар Поповски е чисто поставена, каква што е и играта на актерите. Како, впрочем, и на целиот тим околу овој „Одисеј“. Затоа и се следи во еден здив. Таква каква што е целта на режисерот и играта на актерите.

ЗАТВОРАЊЕ Претставата на сценаристот Горан Стефановски го затвори овогодишното Охридско лето

Сега кога е зад нас уште едно успешно издание на Охридското лето, останува да им се заблагодариме на селекторите на двете програми – музичката и драмската – и на тимот/дирекцијата на Летото за организацијата која течеше без никакви пречки, на љубезноста кон секој гостин и посетител.

И, се разбира, да го очекуваме следното Охридско лето од кое, со причина, ќе очекуваме (пак) повеќе. Не е мал јубилејот: 60 (шеесет) години од неговото постоење. Години во кои тоа се градеше, доградуваше и прерасна во фестивал/манифестација призната и дома и во светот. На радост и на уметниците и на публиката.

Довидување до следното 60.то Охридско лето.

Filed Under: Ревија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet