Драмата на Шексиир, како вели режисерот Џон Блондел, е „комична медитација за мистеријата на љубова, како и фестивалска слава за самиот театар“
ЛИЛЈАНА МАЗОВА
Охридското лето 2019 (кое традиционално во сите изминати години се одржува во терминот од 12 јули до 20 август), тече според селектираната програма. Во драмскиот дел од грижливо селектираната програма од страна на актуелниот селекторот режисерот Александар Поповски, на 2 август беше прикажан Шекспировиот „Сон на летната ноќ“ на Рускиот драмски театар Станиславски од Караганда и именуван според големиот Станиславски.
Претставата беше прикажана на сцената на Долни Сарај. Режисер е и нам познатиот Џон Блондел кој, меѓу другото, има поставено/режирано и на сцената на Народниот театар во Битола дури четири продукции.
Драмата на Шексиир, како вели режисерот Џон Блондел, е „комична медитација за мистеријата на љубова, како и фестивалска слава за самиот театар“. Таква беше и изведбата на сцената на Долни Сарај.
„Сонот на летната ноќ“ поставува повеќе клучни прашања како што се, на пример, оние од типот што е љубовта, од каде доаѓа, како се „справуваме“ со неа, како делува на нас, што очекуваме, добиваме и слично. Овие состојби, ситуации или што и да е друго, актерите ги изведоа/одиграа/оживувеаја на начин кој ја формира целината која таква се префрла и на гледачот.
Сосем е јасна и целта на режисерот: претставата да поставува прашања, но да не бара одговори на нив. Таа идеја на Џон Блондел е остварена.
Во отвореноста кон прашањата кои ги поставува драмата и она од што тргнал/замислил/остварил режисерот Блондел, оваа сценската приказна, би рекла, тече во еден здив. Режисерот има огромна поддрша и од сите други учесници/реализатори на претставата. Највидлива, а воедно и најодговорна и најотворена, е неговата работа со актерите.
Успеал актерите ликовите да ги играат/откриваат низ сите зададени/зацртани елементи на текстот и на она што тој го поставил пред нив. Затоа и резултатот е таков каков што е: моќна претстава која трае во сеќавањата на гледачите.
Актерите ги толкуваат/прикажуваат ликовите низ многуте агли и начини/перспективи на љубовта. Сложно и воедначено. Секој тргнува од својот лик, меѓутоа во контекстот на заедничкото. Затоа и остваруваат игра/проект/претстава/театар во кој заедништвото се остварува низ сите сегменти.
Дисциплинирано и уште поважно – сложно, умеејќи да ја почитуваат взаемноста и фактот дека секој од ликовите е подеднакво важен. Додека ги играат своите ликови, практично, ни покажуваат/прикажуваат дека „уживаат“ со/во нив. И што е уште важно, истото го пренесуваат и на гледачот. Резултатот е взаемно задоволство меѓу нив и гледачот.
Има еден друг проблем кој во/со ништо не зависи од организаторите на Охридското лето, и е стар колку и самиот фестивал. Додека траат/се играат претставите, а и концертите – па и оние кои се во затворениот простор на црквата „Св. Софија“ – од сите страни трешти друга музика или повици од бродовите за ноќно возење… И тоа секако им пречи и на актерите и на гледачите. Но – тоа е тоа.