Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ПАК ЗА „МАКЕДОНСКО“ И „ГРАЃАНИН НА РСМ“

January 28, 2019 Filed Under: Колумни

АТАНАС ВАНГЕЛОВ

Самото признавање (αναγνοριση на грчки; кај Аристотел идентификација или препознавање) било директно, било индиректно е нешто без кое не можат народите, супстанца на државите што ги признава меѓународното право. Зошто е така тоа? Така е затоа што таа супстанца е составена од единки (живи луѓе, индивидуи) кои се поврзуваат меѓу себеси со заеднички јазик и традиција

Пратеникот на опозицијата Комуцакос, во остра расправа на Комисијата за надворешни работи на грчкиот парламент бранеше став дека владата на Алексис Ципрас признала македонски јазик и нација кога, во Преспанскиот договор, ја допуштила формулата „државјанство/граѓанин на РСМ.“ Министерот Катругалос го оспоруваше тоа. Неговиот аргумент беше: меѓународното право не знае за „дефиниција на нации.“ Врз основа на тоа државите не признаваат нации. Ни Грција не го сторила тоа. Значи, во прашање е признавањето. Има или нема признавање? Било директно, било индиректно?

Во својата колумна „Што сака Касами?“ образложив дека на придавката „македонско“ инсистрирал нашиот министер Никола Димитров, а пак тоа го прифатил Гркот Никос Коѕијас. За да се најдат „некаде на половина пат.“ Коѕијас сметал на други, за него поважни отстапки од Димитров. Кога не би било така, и тој би барал да се брише таа придавка затоа што покрива не само држава (РСМ) туку и народ. Како, на пример, во синтагмата „македонски народ.“ Коѕијас би го барал тоа, ако ништо друго, тогаш барем да се отстрани двосмисленоста -амбигвитет: едни ќе го читаат (Касами, на пример) тоа како  ознака за етнос. Други како ознака за припаднаст на држава. Не поинаку е, впрочем, и со двајцата грчки полемисти – пратеникот Комуцакос и министерот Катругалос.

Точно е дека меѓународното право признава држави, но не и нации. Од таа гледна точка министерот Катругалос е во право. Точно е, исто така, дека придавката „македонско,“ иако се врзува за „државјанство,“ се внесува и заради нешто друго. Тоа друго е: затоа што од Македонија може да се изведе придавка „македон-ски,-ска,-ско“, а од Северна Македонија  „северномакедон-ски,-ска,-ско“, се прави добар копромис (А. Меркел: оној од кој никој не е задоволен) за да се ублажи психолошкиот шок (удира по душа!) од промената на уставното име. Не помалку во право е, од таа гледна точка, и пратеникот Комуцакос. Придавката упатува и на јазик и на нација истовремено. Иако е врзана за “државјанство.“

Самото признавање (αναγνοριση на грчки; кај Аристотел идентификација или препознавање) било директно, било индиректно е нешто без кое не можат народите, супстанца на државите што ги признава меѓународното право. Зошто е така тоа? Така е затоа што таа супстанца е составена од единки (живи луѓе, индивидуи) кои се поврзуваат меѓу себеси со заеднички јазик и традиција, усна или писмена (историја). Тоа се две клучни составки на тоа што обично се вика национален или идентитет  на етно-група. Да се оспори тој идентитет не значи друго освен да се рече дека е во прашање аморфна (безоблична) маса, како што би рекол Крсте Црвенковски. Таа аморфна маса стои, во најмала рака, подолу во споредба со друга, културно и цивилизациски поиздигната.  Таа маса сѐ уште нема μορφη (облик, форма), таа е – инфериорна.

Кога некој ве смета за подолу (инфериорен) од себе, како може не само да помисли, туку и да склучи договор за добрососедство со вас? Затоа што, освен во случајот на безусловна капитулација, договори склучуваат партнери, ортаци или држави кои се признаваат како – постојни (егзистентни), може да се рече дека самиот договор е, во една мера, обострано признавање на страните кои го склучуваат. Еден потпишан договорот меѓу владите на Заев и Борисов, макар и „на службениот јазик според уставот“ на двете земји, „асиметричен“ (Ф. Мухиќ) по некои точки, сепак има силно изразина тендеција за рамноправност и, со тоа, признава јазик и нација. Кога не би било така, Борисов би наметанал бугарски за својот јазик, а „службен јазик според уставот“ за – македонскиот.

Таа силно изразена тенденција кон признавање македонски јазик и нација наидува на ожесточени отпори како во Грција (Мицотакис, Каменос) и Бугарија (Каракачанов, Захариева), така и во Македонија (Мицковски, Бачов). Тие отпори повлекуваат со себеси завиден дел од јавното мнение (тешко прифаќа крупни промени!), планирани гласачи за секоја опозиција чија прва цел и смисла е да дојде на власт. Неретко, по секоја цена. Затоа и се вели (со право!) дека тие опозиции бранат теснопартиски интерси. Државните галантно им ги препуштаат на партиите на власт. Јас мислам дека има и нешто друго кое помага да се разбере зошто толку многу луѓе, и во трите земји, се против договорите.

Националниот идентитет (тој е менлив!) има своја основа во еден друг за кој се користи името „архаичко јас“. Последново се разликува од првото по тоа што се стекнува на најрана возраст: готов е во петтата година од животот на дете. Потоа не се менува. Тој се скаменува. И за него јазикот (мајчин) е клучна составка, а пак бајките се тоа што се традициите (историја) за националниот идентитет кој се менува. Ете и зошто се вели дека човек двапати се раѓа: еднаш од своите биолошки родители и вторпат во јазикот (Бенвенист).

Затоа што има пресечна точка меѓу примарен (архаичко јас) и секундарен (национален) идентитет, оспорувањето на последното е автоматско оспорување и на првото. Но и оспорувањето (негација)  е, од логичка гледна точка, „да“ и „не“ истовремено. Тоа не е апсолутна негација како рамнодушноста, на пример. „Да“ затоа што да оспориш некого или нешто, треба да – постои!  Македонците и Македонија можеа да бидат оспорувани затоа што – постојат. Реков „можеа?“ Така реков, затоа што договорите меѓу Заев, Борисов и Ципрас колку до вчера беа научна фантастика во нашите „балканцки междусобици.“ Вистина, станува збор за едно индиректно признавање. Ама и тоа врапче в рака е многу повеќе од неслетан гулаб на гранка која, освен тоа, ја нема.

 

 

Filed Under: Колумни

СО ГОВОРИ ЗА ПОДМЕТНУВАЧИ НА ПОЖАРИ ВЛАСТА ПОКАЖУВА ДЕКА ДВОЈНО Е НЕСПОСОБНА
РEКТОРОТ ЃОКИЌ КАКО ГЛАВЕН КОНКУРЕНТ НА ВУЧИЌ
КОРЕНИТЕ НЕ СЕ ЗАБОРАВААТ
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (136): ПРИХОДИТЕ ОД НАФТА СЕ ТОПАТ, ШТО ЗНАЧИ ТОА ЗА МОСКВА
ГОРДОСТА МИ УДРИ ВО ЧЕЛО – И МИ ИЗВАДИ ОКО

Најново

  • СО ГОВОРИ ЗА ПОДМЕТНУВАЧИ НА ПОЖАРИ ВЛАСТА ПОКАЖУВА ДЕКА ДВОЈНО Е НЕСПОСОБНА
  • РEКТОРОТ ЃОКИЌ КАКО ГЛАВЕН КОНКУРЕНТ НА ВУЧИЌ
  • КОРЕНИТЕ НЕ СЕ ЗАБОРАВААТ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet