Нашиот најдобар стрелец со порака за првиот човек на ФФМ: Мети оди си како човек, а не како кукавица!
Пандев деновиве изјави дека се ставил на располагање на група од повеќе од десетина докажани фудбалски имиња од земјата кои се подготвуваат промени во федерацијата
„Честит нека ни е празникот, но националниот тим ни ги расипа емоциите и прославата“, вели Горан Пандев уште на почетокот на интервјуто кое денеска го објави sportssport.mk. Саботното реми со фудбалскиот аутсајдер Фарски Острови, според Пандев, е понижувачки за секој кој игра фудбал, за секој Македонец, а особено за него како поранешен репрезентативен капитен.
Во интервјуто тој искажува почит за пристапот кон играта на противникот, но потсетува дека главниот напаѓач на Фарски Острови е играч кој е резерва во скопскиот прволигаш Шкупи. Зошто македонската репрезентација не можеше подобро, Пандев го вперува прстот кон селекторот Милевски и кон шефот на ФФМ, Сејдини.
„Премногу понижувачки е односот на селекторот Благоја Милевски кон фудбалот во Македонија, кон клубовите, кон младите фудбалери. Свесен човек сам ќе разбере кога и до кога треба да се седи на одредена функција. Секоја чест за резултатите во минатото, но од историја не се живее. Конците се испуштени од рака, назад нема… Па тој требаше да си оди по оние срамни 7:0 во Англија. Тоа беше неговиот крај, а сето ова до денеска е само борба за секој први во месецот и личниот приход од ФФМ. Да не зборувам како тој со првиот човек на ФФМ го наместија Стефан Ристовски да го исфрлат од националниот тим. Немаа авторитет врз него и контрола. Знаеја дека нема да им молчи и затоа ја направија играта за некој друг да биде капитен, а по стапките на Ристовски знаеја дека ќе оди и Адеми. Тоа е проблемот! Најдобрите ги нема, ги нема затоа што не им се во комбинаториките и политиките кои ги водат. Ако подлабоко гледаме ќе видиме дека ние сами себе си се уништуваме. Која е целта, не ми е позната. Не ми се верува како можат да уништат за брзо време нешто кое се градеше со години и години. Кога вакви дуели како Фарски острови лесно ги добивавме, а знаеме дека токму Лигата на нации е голема шанса за голем успех“, вели Пандев.
Освен за Милевски, Пандев се осврнува во интервјуто и до претседателот на ФФМ, Муарем Сејдини. Кажа дека своевремено го поддржал, но дека дошло време да си оди.
„Имам порака до Муамед Сејдини. Пред точно шест години во Гибралтар му дадов поддршка затоа што имаше визија, сакаше да соработува. Но, тој Мети и овој сега, не се исти личности. Неколку месеци пред Европското првенство тој фати друг курс, почна да се дружи и да слуша совети од погрешни личности. Го изгуби компасот и затоа сега ни се случува колапс. Да си оди како човек, а не како кукавица и тоа што поскоро, без разлика на тоа што мандатот му истекува во март. Одењето ќе биде добро за фудбалот, но и за него лично, затоа што луѓето кои сега му се соработници и советници го водат и него и фудбалот во пропаст“, изјави Пандев во интервју за порталот sportssport.mk.
Што потоа? Пандев открива дека во позадина веќе се создава тим кој во иднина ќе ја води фудбалската федерација, а на која тој и дал поддршка.
„Да, ја сакам и поддржувам промени. Пред неколку недели имав средба со Масар Омерагиќ и му кажав дека му стојам на располагање. Знам дека тој ќе оди во трката за претседател на ФФМ, место за кое се избори уште пред 12 години и место кое насилно му беше одземено. Покрај мене знам дека со него се и Агим Ибраими, Ѓорѓи Христов и уште десетина други докажани фудбалски имиња од земјава. Промени ќе има, што поскоро тоа е подобро за сите“, изјави Пандев.