АЛЕКСАНДАР ЛИТОВСКИ
Идивидуализмот, кој идеолошки е круцијален дел од неолиберализмот и се претставува како основа и средство за целосен развој на сопствената личност кај секој одделен поединец, всушност, е претворен во обична, но голема измама, оти поединецот е целосно зависен од силите на потрошувачкиот пазарен фундаментализам кој царува во светот. И од богатите паразити, кои секојдневно, му ја цицаат крвта и трудот. Не треба да е човек генијалец за да сфати дека контрадикторноста е вградена во буржоаскиот индивидуализам
Меѓу „најзначајните“ и единствено видливи резултати, на новиот светски поредок во почетокот на овој криминален и грозен 21 век, се масовните епидемии и пандемии, масовните убиства, самоубиства и страдања, војните за нафта, засилувањето на мафијашките организации, страдањата милиони за храна и питка вода, депресиите, сеприсутна осаменост, социјална фобија, катаклизмичната еколошка слика и перспектива и паразитизирањето на паразитите од буржоазијата. Од друга страна, индивидуализмот, кој идеолошки е круцијален дел од неолиберализмот и се претставува како основа и средство за целосен развој на сопствената личност кај секој одделен поединец, всушност, е претворен во обична, но голема измама, оти поединецот е целосно зависен од силите на потрошувачкиот пазарен фундаментализам кој царува во светот. И од богатите паразити, кои секојдневно, му ја цицаат крвта и трудот. Не треба да е човек генијалец за да сфати дека контрадикторноста е вградена во буржоаскиот индивидуализам и оттаму тој е една од базичните невистини и измами на неолиберализмот и конзервативизмот. Исто како и „демократијата“.
Сè почесто, луѓето се сомневаат во можната успешна борба против паразитите кои го контролираат светот. Се чини дека тие се „непобедливи“. Цела светска политичка, медиумска, образовна и културна пропаганда ја шири таквата дефитистичка „вистина“. Секојдневно. Со години наназад. А ќе ја шири и со години нанапред. Но, сепак. Борбата не смее да застане! Не смее да им се молчи на оние што во 21. век промовираат фашистички идеи и пароли, на оние кои сакаат човештвото и цивилизација повторно да ги завијат во црно, како што ги завија во времето на Втората светска војна кога, кога во името на „светиот антикомунизам“, испоубија милиони невини луѓе. Пред оние кои геноцидно прочистија цел еден континент од неговите автохтони домородни жители. Не смее да се слегне со рамената пред модерното масовно ропство кое капитализмот го произведува и негува како нешто највредно во универзумот.
Да нема забуни, кога во денешно време се зборува за ропство, воопшто не се зборува – метафорички! Не. Се зборува за работата „од 9 до 5“. И тука, би било убаво, малку поопширно да се цитира оној контраверзен писател Чарлс Буковски, кој на едно место страшно јасно ја погодил суштината на денешниов капитализам, па пишува: „Никогаш не е од 9 до 5, нема бесплатни паузи за ручек на такви места. Покрај тоа, на повеќето такви места избегнувате паузи за да ја задржите работата. И има прекувремено и во книгите никогаш не успеваат да ја опишат прекувремената работа и дека, ако се пожалите на тоа, секогаш има некоја наивна личност која ќе дојде на ваше место… Ропството никогаш не е искоренето, само се прошири на другите раси. Она што најмногу боли е постепеното опаѓање на хуманоста кај оние кои ја чуваат работа што не ја сакаат затоа што се плашат дека алтернативата е многу полоша. Луѓето само се испразнуваат. Тие стануваат тела во кои има уплашен и послушен ум. Бојата го напушта окото. Гласот станува грд. И телото. И коса. И ноктите. Чевлите. Сè станува грдо… Како млад човек, не можев да верувам дека луѓето можат да го дадат својот живот под такви околности. Како стар човек, сè уште не верувам во тоа. Зошто го прават ова? Поради секс? Телевизија? Автомобили кои се исплаќаат на месечни рати? Заради децата? Деца кои ќе го сторат истото како нив? Претходно, кога бев млад и се преселував од работа до работа, бев наивен и се обидував да разговарам со работниците: ‚Еј, шефот може да влезе во секој момент и да не отпушти сите нас. Токму така. Не ти е јасно?‘ Тие само ќе зјапаа во мене. Јас претставував нешто за што не сакаа да размислуваат… На робовите никогаш не им се плаќа доволно за да бидат слободни. Тие им даваат доволно само за да останат живи и да се вратат на работата.“
Поинаку кажано, паразитите паразитизираат врз трудот и страдањето на милијардите робови кои секојдневно работат од „обична работа“ до „продавање на своето тело“. Впрочем, не случајно големиот Пјер Паоло Пазолини во 1961 г. под наслов „Паразит“ (Accattone) сними филмска приказна за макроа, проститутки и крадци. Со опстанокот и владеењето на овој политички и економски ектопаразитизам врз луѓето и природните ресурси на третото камче од Сонцето, претстои мрачна визија на иднината на човештво. Затоа, ако на човештвото му е нешто нужно во ова наше неправедно време, тогаш тоа е укинување на ропството. А, секако, за тоа е нужна борба за социјална и економска еднаквост на сите луѓе.