ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Серијата „дружби“ со братската ни Унгарија започна во 2010 година, со Срѓан Керим и неговите 750.000 евра во шише, а продолжи со унгарски безимени шпиони и со обвинение за дваесетмина македонски државјани
Мистериозното исчезнување на неколкукратно осомничениот и обвинетиот Никола Груевски и неговата објава дека е во Унгарија е првокласен скандал.
Намерата не е да занимавам со тоа кој е виновен за бегството на Груевски и дали во Унгарија влегол облечен во женски алишта. За пропустот со неговото „обезбедување“, најверојатно некој ќе одговара, а што се однесува до женскита алишта не би ме чудело доколку навистина се облекол во фустан, оти тој цел живот се криел зад фустани, најчесто зад оние на „мајка Нада“. Но, бегството на Груевски, токму во Унгарија, е она што сакам да го потенцирам, бидејќи кај нас секое сеќавање трае три дена, иако „дружбите“ со братската ни Унгарија се стари безмалку една деценија!
Верувам дека многумина ќе се сетат на скандалот наречен „пари во шише“. Финансиски скандал за кој никој не понесе одговорност, иако во Министерството за внатрешни работи и во Царинската управа има еден куп документи кои се испратени од Унгарија и со кои се потврдува дека Душан Огњановски, вработен во „Медиа Принт Македонија“ и личен шофер на Срѓан Керим, на 29. декември 2010 година, бил фатен од унгарските власти во обид да пренесе 750.000 евра скриени во шише. Во дописот од „мајка Унгарија“ има мал милион факти, но никаква истрага не е поведена, се разбира, освен ако не се земе в предвид она глупирање на Горан Трајковски од УЈП, кој, од Скопје, утврдил дека нема ништо спорно и незаконски и дека немало неплатен данок?! Шоферот криумчари пари во Унгарија, а Трајковски објаснува дека немало неплатен данок на доход, односно за стекнат неоданочен имот. Само идиот може да бара оданочување на пари кои ги не се во легален оптек! Зошто се огласи ненадлежниот УЈП, а не некоја друга институција е прашање за власта предводена од Груевски.
МВР и нејзината УБК, иако ги поседуваа документите, не само што го негираа шишето со 750.000 евра, не само што не кажаа ниту збор за ново издадениот пасош за возачот, туку влезе во отворена војна со сите оние кои тврдеа дека се работи за коруптивен случај. Братска Унгарија си молчеше!
Неколку години подоцна, поточно во септември 2013 година, Никола Груевски повторно ја „стави“ Унгарија во игра. Овој пат тој ќе отвори судски случај кој ќе го нарече „Шпион“. Политички противници на Груевски се најдоа на листата на обвинети за шпионажа во корист на Унгарија.
И сега, пет години подоцна, уште не се кажа кои се тие лица на кои нашиве им (про)давале важни безбедносни информации. Имиња на унгарски шпиони нема ни во обвинението, но затоа, пак има имиња на лица кои со години наназад се негови најблиски, партиски соработници.
Политичката поддршка што Груевски ја добиваше од унгарскиот премиер Виктор Орбан, во време на изборни кампањи, е башка муабет, но наивно е да се верува дека Мартин Протугер морал да си ја лекува психата во болница во Будимпешта, како што е наивно да се верува дека Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, како и Никола Груевски, не планирале бегство во Унгарија. Наивно е да се поверува дека инвеститор од Унгарија сакал да е сопственик на телевизија и портали кои му останаа верни на Никола Груевски, бегалката со чардаш-нозе и во женски фустан!