ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Јордан (Орце) Камчев е во право кога тврди дека се лицитира со висината на парите што требало да се исплатат за неговото ослободување од притвор и за запирање на постапката за случајот „Империја“. На судењето за „Рекет“, по само три одржани рочишта, се изнаслушавме различни суми евра
Тешко дека некој можеше да претпостави дека случајот „Рекет“, по само три одржани рочишта, ќе донесе толку многу информации за работата на Специјаното јавно обвинителство, за невладината организација „Меѓународен сојуз“, за телевизијата што тоа и не била и за парите кои се споменуваат.
Рака на срце, јас уште не сум сигурен колку пари требало да се исплатат за да се спаси Орце Камчев од притвор и од натамошен кривичен прогон, ниту пак, знам колку пари биле изнесени од неговиот дом.
Имено, целата јавност беше информирана дека Боки Тредичи, во името на Катица Јанева, од Орце Камчев побарал осум милиони евра, средства кои доколку биле исплатени повеќе од сигурно на екс-шефицата на СЈО ќе и го наденеше прекарот Катица „Отто“. Сепак, од досегашниот тек на случувањата никако не можеме да се ослободиме од износот од 1,5 милиони евра, иако на судењето „највисоката понуда“ изнесува 710.000 евра. Засега никој не кажува дали Камчев исплатил 1,5 милиони евра и ако веќе ги дал каде тие завршиле?
Од досега слушнатото може да се заклучи дека сопругата на Орце, Ана Камчева, исплатила 350.000 евра, а дека остатокот до половина милион, односно преостанатите 150.000 евра ги дал Зоран Милески викан Кичеец! Ако е ова така, ( а на сведокот мора да му се верува, бидејќи законот го обврзува да ја зборува вистината), тогаш како неминовност се наметнува прашањето: Зошто Кичеец дал свои пари, а потоа се обидел да го рекетира Камчев за истите тие пари?
Со вака поставена претпоставка се отвора прашањето дали Јанева воопшто побарала осум милиона, дали адвокатот на кој му била понудена соработка побарал „два, четири или шест милиони“ или што би рекол Камчев понуди изнесени како на зелен пазар?
Склон сум да им верувам на поединци, иако тоа некогаш се и сведоци во судска постапка, но после само тројца распрашани сведоци во „Рекет“ ај што не ми е јасно колку пари им се земени на Камчеви, туку не ми е јасно во што тие биле спакувани?
Од сведочењата можеше да се слушне за изнесени 500.000 евра во торба. Од друго сведочење разбравме дека имало 350.000 евра и дека парите биле ставени во несесер (со боја на кајсија), за на крај да слушнеме дека пари (и тоа сума од 710.000 евра) биле спакувани во две торби, од кои едната била долга еден метар!
Ако е за верување она што го кажува благајничката Мирјана Бошковска дека за толу пари треба две големи торби, тогаш се прашувам колкави торби треба за во нив да се спакуваат осумте милиони кои ги барала Катица Јанева? Чинам дека за десет пати поголемиот износ попаментно би било да се стават во камион, отколку да се купуваат или доправаат некои од торбите кои претходно биле користени, можеби и за други намени?
Судењето за „Рекет“ ќе продолжи со распит на сведоци, но уште сега чувствувам дека ќе има нови изненадувања, барем кога се во прашање сумите на пари што требало да бидат исплатени за слободата на Камчев и на неговите блиски и пријатели, бидејќи еднаш веќе се спомнаа и 14 милиони евра.
Како и да е, во едно ќе се сложам со Орце Камчев: Сето ова личи на пазарче, само парите никаде ги нема!
П.С.
Орце Камчев, кој сведочеше во петокот, еден ден пред да се појави во судот, бил виден како оди во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Дали Камчев, како сведок на Обвинителството, бил повикан заради „висински подготовки“ или заради нешто друго знае само тој!