Ова го тврди гувернерката Ангеловска-Бежоска за Фактор, во мигот кога финансискиот свет се тресе над судбината на банкарскиот гигант Кредит Свис
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/03/ovoj-pat-vo-evropa-1024x466.jpg)
Јавноста си поставува постав бројни прашања како актуелчните проблеми на некои познати банки во светот ќе се одразат врз глобалниот банкарски свет. Од Кредит Свис веќе доаѓа информација дека оваа мултинационална банка ќе позајми до 50 милијарди франци, односно 54 милијарди долари од швајцарската Централна банка, со цел да ги зајакне своите финансии.
Во време кога е драматична состојбата на светските финансиски пазари, а предизвикано од падот на американската СВБ Банка, Фактор се интересираше колку се безбедни парите на македонските деловни банки.
Дали нашиот банкарски сектор има средства во Кредит Свис, е прашањето кое си го поставуваат финансиските аналитичари во земјава? Можно ли е евентуална пропаст на Кредит Свис, што многумина, а и самата банка го сметаат за сосема неможно сценарио, да доведе и до загуби кај нашиот банкарски сектор?
Народна банка на Македонија уште на првиот ден по случувањатра со СВБ Банката се огласи и кажа дека нашиот банкарски сектор е безбеден и нема да има никакви последици.Но, по најновата состојба со Кредит Свис, Фактор уште еднаш ги постави прашањата до гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, колку се безбедни македонските банки.
Гувернерката во својот одговор за Фактор вели дека изложеноста на нашите деловни банки кон странство е многу мала, што всушност го прави отпорен на тековни надворешни случувања.
„Како што веќе и искомунициравме, важно е јавноста да знае дека изложеноста на нашите банки кон странство е многу мала, што говори во полза на негова отпорност на директни ефекти од тековните надворешни случувања. Доминантен дел од пласманите на банкарскиот систем се во домашната економија, а изворите на финансирање се доминантно домашни. Побарувањата на нашиот банкарски систем кон странство се само 5 отсто од вкупните средства, а обврските само 6,6 отсто од вкупните обврски“, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска за Фактор.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/03/da-ne-se-plasime-1024x553.jpg)
Ова всушност, ако послободно се преведе, би значело дека парите на нашите банки се дома, па затоа и светските потреси не може да имаат некое страшно влијание врз нашиот банкарски сектор.
Како што таа укажува, дополнително, а многу важно, е што нашиот банкарски систем работи врз основа на конзервативен деловен модел, што дополнително го прави отпорен во вакви ситуации.
„Тој има диверзифицирана и стабилна структура на финансирање во која депозитите на населението имаат доминантно учество. Овие средства главно се пласираат во кредити на нефинансиските лица, коишто учествуваат со 60 отсто во вкупните средства на банките и коишто имаат висок квалитет“, објаснува гувернерката Бежоска.
Токму затоа, како што нагласува таа, ваквата позиција на нашите банки, заедно со исклучително солидните биланси, со високо ниво на капитал, коешто е највисоко во последната декада, соодветната ликвидност и одличниот квалитет на кредитното портфолио, говорат во прилог на негова отпорност.
„Се разбира дека сите случувања на глобалниот пазар внимателно ги следиме“, децидна е гуивернерката Бежоска.
Инаку, Кредит Свис соопшти дека презема решителни активности за да ја зајакне својата ликвидност, додека акциите на банката вчера паднаа за 24 отсто, откако соопшти дека нашла „слабост“ во своето финансиско известување.Тоа предизвика општа распродажба на европските пазари и страв од поголема финансиска криза.
Американската финансиска институција, пак, Џеј-Пи Морган оцени дека најверојатното сценарио е мултинационалната банка УБС Груп во Швајцарија да ја преземе банката Кредит Свис. Тешката положба на таа банка доведе до сомневања за стабилноста на целиот финансиски пазар во светот. Коментирајќи ја одлуката на швајцарската национална банка да обезбеди помош за ликвидност на Кредит Свис во износ од 50 милијарди франци, Џеј-Пи Морган забележува дека тоа „не е доволно“. Сепак, акциите на Кредит Свис пораснаа за повеќе од 30 отсто откако банката објави дека ќе позајми 50 милијарди франци од Швајцарската национална банка.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/03/panika.jpg)
Шефот на Саудиската Национална Банка, која е најголем акционер на Кредит Свис, Амар Ал Кудаири изјави дека паниката и падот на акциите на банката се неоправдани.
„Ако погледнете како падна целиот банкарски сектор, за жал, се чини дека Кредит Свис беше само изговор за многу луѓе. Мислам дека пазарите бараат приказни за актерите да ги потврдат своите грижи. Тоа е паника, малку паника. Верувам дека е целосно неоправдано, без разлика дали тоа е за Кредит Свис или за целиот пазар“, рече тој. Имавме неуспех минатата недела, но не е ни блиску, нема врска со она што го видовме во 2008 година. Ова е само изолиран инцидент, регулаторите ја прекинаа секоја можност за излевање“, изјави Ал Кудаири за CNBC.
Банкарите, ако после светската криза од 2008 и 2009 година малку беа подзаборавени, сега повторно стануваат ултра актуелни. Пропаста на американската СВБ Банка води до потреси низ целиот финансиски свет, иако речиси сите авторитети уверуваат дека финансиски земјотрес со таква силина како пред петнаесетина години, нема да се случи. Односно, дека токму таа криза ги натерала банките да ги постават сите можни бафери, па сега тие се далеку позаштитени од претходно.
За нашиот банкарски систем нема опасности, смири завчера монетарната власт во земјава, од каде потенцираа дека пропаѓањето на американската Банка на Силиконската долина нема никакви директни последици за нашиот банкарски систем, имајќи ја предвид малата изложеност кон нерезидентите, но и традиционалниот деловен модел заснован врз кредитирање на фирмите и граѓаните при стабилни извори на финансирање.
Оттаму нагласија дека билансите на нашите банки се исклучително солидни, високо капитализирани и ликвидни и со историски најдобар квалитет на кредитното портфолио. Сепак, заради претпазливост во работењето, Народната банка внимателно ги следи сите случувања, велат од централната банка.
Порталот Фактор традиционално, на секои три месеци прави анализа колку се големи и моќни нашите банки, веднаш штом централната банка ги објави податоците. Најновите наши бројки се однесуваат на крајот на 2022 година, според состојбата на активата на домашните банкарски институции.
Најголема и најмоќна на домашната банкарска сцена остануива да биде Комерцијална банка, со актива од 2,46 милијарди евра, што е речиси идентично со големината на банката од пред три месеци, и е безмалку доближување до 2,5 милијарди евра.
На втората позиција според големината е Стопанска банка Скопје, која сериозно од поодамна „гази“ кон актива од 2 милијарди евра, и на крајот на минатата година буквално што не го достигнала тој таргет, остварувајќи актива од 1,998 милијарди евра. Тоа, пак, е пораст за близу 100 милиони евра за само еден квартал, или прецизно активата на Стопанска банка Скопје се зголемила за 93 милиони евра за три месеци.
Повеќе од одличен раст и кај третата по големина банка НЛБ, која ако на крајот на септември лани имала актива од 1,745 милијарди евра, 2022 година ја завршила со капитал од 1,836 милијарди евра, што е пораст за дури 91 милиони евра.
Шпаркасе банка се повеќе докажува дека заслужено го носи епитетот на четврта најмоќна банка во земјава, достигнувајќи на крајот на минатата година актива од 1,416 милијарди евра, остварувајќи на тој начин плус од дури 105 милиони евра за само три месеци, што е всушност најголем пораст од големата банкарска петорка.
Халк банка ја држи одличната петта позиција со постојано зголемување на активата, која на крајот на 2022 година е 1,365 милијарди евра, прикажувајќи на тој начин раст од дури 98 милиони евра за само три месеци.
Следуваат средните банки и тоа Прокредит, со капитал од 683 милиони евра, потоа УНИ Банка со 421 милион и државната Развојна банка со актива од 262 милиони евра и сите тие имаат зголемување на активата во последните три месеци.