Петре Прличко во интервју за Хрватската телевизија во 1984 година зборува за познанството и пријателството со Кочо Рацин, со кого ги поврзувало грнчарството.
„Со Рацин се знаеме од детството, бидејќи и јас како него работев грначарство. Работев чирак кај Левковци. Одевме во тоа време заедно до „Рупите“ место каде се копаше глина, некаде кај сегашен Киро Ќучук. Така детски разговарвме по пат и назад. Откако заминав како патувачки глумец, ги изгубивме контактите. Но судбински 1940 година, во театарот во Скопје се играше претставата „Милион маченици“, и тоа на маекдонски, по заслуга на директорот Веља Живоиновиќ, ни дозволи пиесата, да ја одиграме на мајчин јазик. По одигрувањето на премиерата, ми пријде Кочо Рацин, ме прегрна, беше радосен,бидејќи слушнал театарска претстава на мајчин јазик. Ми рече „Еден ден и ние ќе имаме свој македонски театар“- раскажува Прличко.
Прличко и Рацин имале уште една средба кон крајот на 30 години од минатиот век.
„Се сретнавме уште еднаш, во куќата на Димче Трајковски, на улица Мокранчева бр. 29 во Скопје. Таму тој отседна. По некое време дојде полиција и го одведе во станица Рацин а мене ме врати дома во Велес. За време на партизаните не го видов и денес ми е многу жал, што тој не може да се радува, на тоа што денес ние се радуваме“.
Прличко зборува и за заминувањето во партизани и формирањето на партизанска театарска група која го носела името на Кочо Рацин.
„Се пријавив во село Жегљане. Во рудникот во Катланово е формирана команда на група 3. Таму бевме неколку месеци и дојде курир од Главниот штаб, побара да се јавам во село Врановци- велешко. По пат го сретнав најстариот актер, колегата велешанецот Тодорче Николовски. И тој имаше таков позив и заминавме во Врановци. Таму го најдовме и Владимир Милчин. Дојдовме на идеа да направиме претстава, како умира партизан, која треба да се игра во првиот ослободен град. Во Врановци најдовме и неколку бугарски актери,кои бегале од тамошните власти и се најдовме во партизани. Таму го најдовме Оџаков, со сопругата, директор на тамошен театар, Славчо со сопругата и сите заедно ја создадовме претставата. Тие играа во претствата како умира партизан, на македонски јазик. Кога Прилеп беше ослободен , тргнавме да ја играме, но добивме наредба да продолжиме за Битола. Преку ден театарската група „Кочо Рацин“ чекореше, маршираше низ слободна Битола а вечерта ја одигравме претставата. Се крена тетарската завеса и одигравме претстава на македонски јазик во слободна Македонија. Кога се ослободи Скопје ја одигравме и таму. Од оваа театарска група „Кочо Рацин“ подоцна се формира македонски Народен театар“ – вели Прличко.