НИКИЦА КОРУБИН
Одговорност? Што беше тоа? Па, дури и во ситуација на уникатна и сложена криза, ние се уште говориме за правата, ама ретко кој за одговорностите. Кои инаку во системот и сржта на демократијата одат заедно, едно не може без друго. Врзан систем.
Велат дека кризата го вади на површина најдоброто од луѓето, но исто така велат дека кризата всушност ги покажува луѓето, токму такви какви што се … во криза лошите ќе бидат само полоши, а добрите подобри. Нема некој лош, поради кризата да стане добар. Со други зборови, се потпираме на затекната состојба. Во системот, во општеството, во организацијата, во самите луѓе. Со таа разлика што очекувањата се далеку над капацитетите. Очекувањата се на ниво на целосен спас, од целосен колапс. На симболично ниво, тоа е еднакво на повикот за правна држава, за брза евроатлантска интеграција, за модерност и урбаност, ама со ,,истиот ум,,; оној конформистичкиот и ултра критичкиот ,,за се и сешто,, нормално од удобната позиција на совет без последици, односно одговорност. Одговорност? Што беше тоа? Па, дури и во ситуација на уникатна и сложена криза, ние се уште говориме за правата, ама ретко кој за одговорностите. Кои инаку во системот и сржта на демократијата одат заедно, едно не може без друго. Врзан систем. Ист како овој што го имаме за справување со кризата. И токму сега брутално и соголено го гледаме значењето на ,,последицата на секоја причина,,. Се што е направено во минатото, во смисла на одлука, луѓе поставени на дадени позиции, поставени приоритети, сега доаѓа до израз. Доаѓа пред сите. И сега очајно ги посакуваме ,,правите луѓе на прави места,, зарем не? Исто како и излезот, и од кризата, но и од ситуацијата, на неразбирање или неможност за разбирање на структурата на кризата.
Што е тогаш излезот? Како да се учи од искуството? Како конечно да разбереме дека реалноста се менува , дека праксите на кои сме навикнати немаат веќе смисол, ако некогаш и имале … како да разбереме дека побитна е припадноста кон општеството, државата, колективот како збир на слични пракси, отколку припадноста кон партијата? Синтагмата „заробена држава“ беше наменета за конкретен период и конкретна партија, која отиде предалеку во узрпацијата и суспендирањето на целиот систем, и создавањето на т.н. анти-систем. Но, во својата длабока суштина, „заробената држава“ е опомена, репер за било која партија. Односно, разбирањето што е тоа всушност партијата и колку е ограничена и регулирана нејзината улога во механизмите на демократското општество, Но, дали е така? И кој всушност ја прави сликата на партијата, луѓето кои ја сочинуваат, членови и симпатизери, или луѓето кои ја „владеат“? Кој одлучува за нејзината појавност и презентација, противникот или логиката? Кој е тој што управува со државата, партијата или уставните власти? Каде е границата и дали таа граница им е совршено јасна на сите моќни и немоќни чинители во партиите, или совршено не им е грижа? И кој ја дава моќта, односно кој не ја разбира својата моќ? Овие и редица други прашања, би требало да почнат да си ги поставуваат многу директни учесници во политичкиот живот, токму сега. Не затоа што кризата е толку длабока и сложена, туку затоа што нејзината сложеност ги разобличи сите бесмислени пракси, кои беа и се практикувани како прифатливи, чувајќи го секогаш за ,„другиот“ обвнинението за злоупотреба на дражавата и системот. Се разбира дека постои голема разлика помеѓу, но доколку разликата не ја сведеме на самата суштина, каде завршува партијата, а почнува државата, времето ќе го направи тоа. На штета на сите. И токму затоа, во време на криза, кога сите сме исти и во невољата и во важноста, улогата на партијата е небитна, бидејќи во нејзината основа, меѓу другото е и калкулацијата. Битен е системот. А, тука нема простор за калкулација.
И не, не е партијата државата, партијата е само патот до државата, односно до управувањето со државата. Барем, така треба да биде во демократско општество. А, ние веќе сме на опасен терен и по ова прашање. На некомплетни власти, на ограничено управување и на суспендирање на механизмите на надзор. И повторно доаѓаме до причините и последиците, до одлуките кои беа направени и кои имаат директен исход во моментов. И секое нивно преиспитување нема да ја смени реалноста, но мора да ја смени нашата свест. Да разбереме колку секоја одлука, може да има далекусежни последици. Како всушност функционира „партискиот“ наместо „системскиот“ механизам? И какви последици носи, кога има непресметан ризик, каков што е во случајов, пандемијата? Одлуката за предвремени избори (партиска), а не системска, доведе до избор на технича влада, а тој до (само)распуштање на парлементот со цел органзирање на избори. Тоа пак доведе до десеткување на целиот систем на управување, влада со ограничен и наменски мандат, пратеници без парламент, и претседател (единствен со полн капацитет во правна смисла), кој има најмали надлежности од сите три власти. И кој сега ги носи одлуките, и ја прави стратегијата, краткорочна, среднорочна и долгорочна? Кои се сега мотивите за партиите да калкулираат и одлучуваат наместо системот? Каде е сега јавноста да го отвори прашањето за правниот поредок во моментов? Затоа што системот ни треба повеќе од било кога. Како независен систем, а не партиски супститут. Да, тоа ќе значи созревање преку ноќ, но подобро и тоа отколку импровизација на долг рок. И ќе значи превземање одговорност. Од секого поединечно. Чесно е секој да си ја работи својата задача. А, деновиве гледаме дека само професионалноста и доследноста е она што ни треба и она што реално не води. Без предрасуди, без страв, без стигма и без напад. И без фрустрациите од минатото. Ако до сега не ги решивме проблемите, сигурно нема да ги решиме, преку бесмислени партиски соопштенија. За нечија корист, а на сеопшта штета.
Да ја оставиме државата на мира. И системот кој го сочинуваат оние луѓе кои таму биле поставени. За сите, а не само за некого. Партиите ќе го добијат својот момент, кога кризата ќе биде завршена, светот променет, а тие затечени? Кому ќе му се обратат тогаш и со кои пораки? Ако, веќе за нешто треба да размислуваат, ова е тоа, преиспитување на начинот на кој функционираат. Целосно и темелно … За да има кому да се обратат и за да има што да решаваат. Преку системот кој треба сега да биде во целосна функција. Како три власти, кои имаат своја логична поврзаност. Без одлагање и без калкулации. Без жал и страв за одлуките кои беа донесени, за некое друго време кое никогаш не се случи. Тест? Ако е за добро за сите, нека го положат само тие што заслужуваат шанса. И знаење да се прилагодат на новото време.