Дали излегувањето од Владата беше „пирова победа“ со церл на постигнување на уставни измени? Дали Албанците ќе бидат повторно главен фактор во евроинтегративниот пат: Активни во обезбедувањето на консезус вината е во нивната послушност

Во јавноста се уште одекнува помалку изненадувачкото напуштање на Арбен Таравари на власта и министерската функција. Се забележува преминувањето во опозиција од речиси комотна позиција во владините редови. Токму довчерашниот министер за здравство се сметаше за главен „фронтмен“ на коалицијата ВЛЕН која ја сочинуваат повеќе лидери. Неодамна лидерот на едното крило на АА јавно ги произнесе своите ставови. Истакна дека, иако меѓуетничките односи не беа директна причина, тие се една од главните причини за напуштање на владината коалиција. Таравари објасни дека укинувањето на балансерот и непочитувањето на претходните договори за законот за правична застапеност беа показатели дека партнерството не функционира. Се осврна и на прашањето за уставните измени и европскиот пат на земјата. Тој изјави дека македонската заедница треба да има ексклузивно право да одлучува за прашањата поврзани со идентитетот, но дека целото општество има интерес Македонија да стане дел од Европската унија.
За дел од аналитичарите, по напуштањето на Владата од страна на Таравари, сведочевме на обид да се прикаже дестабилизација во редовите на ВЛЕН, но фактите покажуваат поинаква слика. Според Џенур Исени и покрај неговото заминување, Владата остана стабилна, двајца пратеници од неговата партија решија да останат дел од парламентарното мнозинство, со што се покажа дека политичката математика на Таравари не се оствари. Исени во разговор за „Локално“ вели дека наместо криза, видовме консолидација на поддршката за Владата и за евроинтеграциските процеси.
– Во јавноста се појавија толкувања дека ваквиот потег може да се гледа како обид преку етничка реторика да се изврши притисок врз премиерот Христијан Мицкоски во однос на уставните измени. Меѓутоа, треба да се потенцира дека Мицкоски никогаш не бил принципиелно против уставните измени, тој бара правно обврзувачки и меѓународно загарантирани уверувања дека со вклучувањето на Бугарите во Уставот, ќе завршат условите од ЕУ. Ова е легитимна и разумна позиција, особено по неодамнешните изјави од официјална Софија дека ова не е единствениот услов, што ја доведува во прашање веродостојноста на процесот – анализира Исени.
Според него, тврдата позиција на Таравари дека Владата ја напуштил поради „етнички причини“ изгледа повеќе како политичка конструкција, отколку резултат на реални неисполнети обврски. Наместо принципиелност, истакнува соговорникот, неговото однесување остава впечаток на партиска калкулација насочена кон добивање политички поени пред избори.
Во однос на улогата на Албанците во уставните измени и во евроинтегративниот процес, Исени порачува дека Албанците како политички субјекти отсекогаш биле конструктивен фактор и носител на реформските процеси. Се очекува тие повторно да бидат активни во обезбедување на консензус, но одговорноста за следните чекори лежи кај сите политички актери, вклучително и меѓународните партнери кои треба да гарантираат фер и одржлив процес.
– Од премиерот Мицкоски се очекува да продолжи со државнички пристап, да води инклузивен дијалог, но и да инсистира на јасни правила и гаранции. Само така може да се обезбеди стабилна иднина на земјата во рамките на Европската Унија, дециден е Исени.
На истата тема поразговаравме и со екс-пратеничката Никица Корубин. Таа истакнува дека речиси пред една година, во пресрет на парламентарните и претседателските избори, токму приклучувањето на Таравари, кон другите, тогаш опозициски албански партии ја обликуваше и коалицијата ВЛЕН и нивниот иден резултат. Неговиот придонес, како што вели, очигледно за нив беше толку важен и клучен, што тој стана и нивен претседателски кандидат и најекспониран претставник.
-Па, големо прашање е дали станува збор за неочекувани превирања или затворање на кругот на „мистериозното” нагло влегување во коалицијата, кое логично може да резултира само со нагло излегување. Но, она што е интересно и конзистентно, барем на ниво на перцепција, е дека уставните измени и европската интеграција на општеството и граѓаните, остануваат негова политичка одредница: од ветувањата дека без уставни измени нема влада, до излегувањето од влада поради незавршени уставни измени. Дестабилизација ли е, стабилизацијата на реториката, прашува Корубин во разговор за „Локално“.
Запрашан дали невнесувањето на Бугарите во Устав може да му пресуди на ВМРО-ДПМНЕ или ова е само начин да им се одземе некој глас пред избори, соговорничката потенцира дека условот од Преговарачката рамка усвоена пред 3 години, може да ѝ пресуди на Македонија, нејзината функционалност и одржливост како демократска држава базирана на владеење на правото, на нејзината реална и цивилизациска перспектива.
– ВМРО-ДПМНЕ или било која друга политичка партија се небитни, доколку е пореметена функционалноста и европската сегашност и иднина на државата. „Одземањето на гласовите” на ВМРО-ДПМНЕ не зависи од стабилноста на владата и власта, туку од стабилноста на опозицијата кај македонските партии, која е речиси непостоечка, кога станува збор за јасно и чисто декларирана проевропска опција. Оттаму, било каков потенцијален пад на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ, може да ја намали и онака ниската излезност, но која без реална опозициска опција, нема да има значителен ефект на резултатот. Особено, кога ВМРО-ДПМНЕ сака да биде „најевропската” партија, македонски верзија на состојбите во српското општество на релација власт-опозиција, истакнува поранешната пратеничка.
Според Корубин, ако нешто беше конзистентно, принципиелно и непроменливо, до сега и оваа власт, тоа беше односот на сите албански политички партии, сите години на независноста, во однос на европските и евро-атлантските интеграции. За жал, како што вели, тоа се промени со калкулантското однесување на ВЛЕН во однос на процеси кои веќе беа завршени, и требаа да резултираат со легално и легитимно превземени обврски во однос на целиот процес на европската интеграција која кулминираше со преговарачката рамка од 2022 година.
– Одбивањето тоа да се направи е удар врз нашиот правен поредок, врз одлуките на нашите институции (Собрание и Влада), врз нашиот кредибилитет како држава и партнер во НАТО и ЕУ, преку пропаганден инжињеринг, за наводна „загрозеност на идентитетот” со истовремено брутално и флагрантно уништување на реалниот идентитет, односно негрижата за културното наследство. Но, се разбира тие се само последицата, на прикриеното анти-европско однесување на македонските политички, невладини, медиумски и академски елити и држење на целата држава и општество во „замрзната состојба“. Во такви околности, со откажување од реалната и уставна моќ, која ја имаат, вината на албанските партии е во нивната „послушност“ наместо „лидерство“. Лидерство кое сите, не само Албанците, ќе не однесе во ЕУ, тврди Корубин.
Аналитичарката на состојбите смета дека авторитарниот начин на владеење, во држави кандидати за ЕУ, е возможен само доколку има простор за „глумење реформи и интеграции” без реален напредок. Но, за разлика од пред 2016 година, Корубин нагласува дека сега го имаме Преспанскиот договор, преку затворање на спорот во Обединетите нации, го имаме Договорот со Бугарија, членки сме на НАТО, имаме готова Преговарачка рамка, која предвидува многу посериозни измени и адаптирање на општеството од внесување на еден од народите кои живеат кај нас, во уставот, како уставна пракса која самите сме ја воспоставиле, со присуство на неколку народи во преамбулата.
– Но, сметам дека поголем проблем е авторитарниот начин на размислување кој се обидува да се вклопи во демократско општество и уставната поставеност на државата. Тој наследен „авторитаризам“ ја креира и одржува во живот „заробената држава“. Бидејќи „демократската свест“ прво ќе ги почитуваше сопствените правила и институции, пред да ги критикува другите, заклучува екс-пратеничката.
(lokalno.mk)