ЕМЛИЈА ЛАЗАРЕВСКА
Во едно место во Англија кога граѓаните не биле задоволни од локалната самоуправа, која недоволно го собирала лисјето и ситниот отпад. Се пожалиле и веднаш утредента дошле екипи на една од партиите со свои партиски членови-волонтери и покажале како тие ќе се грижат за околината, ако се гласа за нив на идните избори…
Портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, редовно го нарекува портпаролот на СДСМ ,,Манулач“. Сите што ја гледале „Зона Замфирова“ знаат дека тој на овој начин во најмала рака го исмева изгледот, а веројатно и однесувањето на својот колега по партиски должности.
Ако ја следите нивната комуникација на социјалните мрежи, ќе видите дека тие промовираат една простачка комуникација, полна со навреди и омаловажување, која треба да биде пример за однесувањето на нивните партиски истомисленици(што се гледа по коментарите под нивните објави), но и воопшто за однесување на јавна сцена. И тие не се единствените. Отров се истура од устите на ,,видни“ членови, ветерани на двете најголеми политички партии во државата.
Како може да очекуваме воспитани и цивилизирани граѓани во политичко-партиско затруено општество, а пред се’ млади генерации, кога ваквото однесување е секојдневна ,,нормална“ комуникација меѓу партиските опоненти?
Мене ме интересира, како еднаш не се фатија досега за конкретна работа? Па на пример, секој ден да промовираат политичка култура, култура на однесување во јавен простор, култура на живеење…:! Замислете да се пофалат дека знаат да свират клавир, па секој ден да постираат инсерти од нивните музички партитури на некој инструмент…па тоа да го гледа младината и да тргне по нивниот пат…
Како би било секој ден на нивните ФБ и други профили на социјалните мрежи да промовираат општествено корисна работа, преку сопствен пример. На пример, како го чистат дворот околу зградата, ете не мора јавното добро, сопствениот двор или да одат да поприкажат во некој старски дом, да им раскажат и покажат на дело дека се корисни граѓани на ова општество, дека мислат на нив, во вистинска смисла на зборот, дека прават да се чувствуваат живи и дека ете и тие се важни и корисни граѓани и дека не се оставени таму чекајќи ја смртта…и дека некому вистински нешто значат.
Или како што тоа е на пример во Англија. Пред извесно време ми раскажува една пријателка. Вели, не бевме задоволни од локалната самоуправа, која недоволно го собираше лисјето и ситниот отпад. Се пожаливме. Вели, веднаш утредента дојдоа екипи на една од партиите со свои партиски членови-волонтери и ни покажаа како тие ќе се грижат за околината, ако гласаме за нив на идните избори…
Ги повикувам (нашите) да одат по улиците и да видат како тие изгледаат, да видат како се однесуваат луѓето, да видат дека плукањето, она вистинското, е начин на живеење, та дури дотаму што ако ги прекориш може да добиеш преку нос, во буквална смисла на зборот. Да видат дека голем дел од повозрасната популација нема три заби во глава, дека се руинирани, пропаѓаат…немаат пари и нема кој да им посвети внимание. А знаете што последици предизвикува нездравата исхрана, па уште и недоволно соџвакана? Се чудите, и си велите, што зборува, што ѝ е? Ете тоа, најдете начин преку партиски програми, едуцирајте, овозможете, помогнете.
Дали може да ги замислите овие партиски апаратџици како комуницираат пристојно, па како на тој начин промовираат пристојно однесување, култура и цивилизација, почит на едните кон другите, па колку и да не се согласуваат и колку да се на различни бранови должини. Не? Не можете? Или како на оние здодевни и штетни ,,дебатни“ емисии се слушаат еден со друг, се почитуваат и уважуваат и нудат конкретни решенија на проблемите, место меѓусебно надвикување и плукање… Но, секако, тука се највиновни самите медиуми, на кои ама ич не им е важно што, туку како тоа нешто ќе им донесе поголема гледаност. И како што гледате, ова е еден маѓепсан круг на пропаѓање, човечко пропаѓање, пред се’.
Партиите се тие кои, за жал, го воспоставуваат урнекот на однесување, параметрите на социјално однесување. Нивните партиски инсталации, главно произведени како послушници, ги добиваат најдобрите места за работа, од каде потоа се инсталираат клоновите надолу хиерархиски, та дури и во образовните институции од градинка, па се’ до факултет. Пример, речникот на професори(ки), и тоа универзитетски, кои се пис на уста и сус во душа.
До кога партиските инсталации наместо преку конкретни квалитетни настани, ќе ја трујат јавната сцена со простачки навреди, дискриминација, ситење и омраза? Дали знаат дека младите се тотално испуштени(за ова нека се запрашаат и родителите) и дека немаат основно ниво на култура? Дали знаат дека никогаш не го собираат своето ѓубре од клупите на кои седат? А корпите им се ставени под нос. Дека не знаат да кажат добар ден или недај Боже да помогнат на постарите лица? Дека за нив учтивата форма Вие е непознаница. Дека меѓусебната комуникации им е сведена на пцуење, навреди, омаловажувење и простачки зборови? Нема од кого да научат, нели…
Што можат овие тешки бирократи кои се произведуваат во партиските инкубатори, да ги научат младите кои се зачленуваат во партиите, освен дека лепењето плакати е добро за државна работа или функција? Како може Влатко Ѓорчев, Антонио Милошоски, Александар Николовски некому да бидат свежа партиска крв, или Радмила Шекеринска омилен лик, кога никогаш не ја надминала статистичката грешка на популарност на анкетите?!(патем таа не пцуе, не навредува и не манулачизира)…што е ете уште еден показател за нивото на гласачкото тело произведено во партиските лаборатории.
Зошто се’ уште за партиски подмладок се земаат најпослушните, а не најдобрите студенти или младинци?
Претстојната изборна кампања ќе биде една здодевна и мачна, веќе видена гњаважа и парада на меѓусебно плукање, ,,надмудрување“ и омаловажување. Уште еден циклус загадена партиска крв меѓу населението, како погодна почва за омраза.
Навистина збоктисавте. Здодевни сте како смрт…
(Ако.мк)