ЗОРАН МИЛОШЕВСКИ
Не е политика кога во време на полициски час се „шверцувате“ во теретана. Кога јавно се декларирате за борец против заразната болест, а тајно се дружите во затворените делови на меаните. Не е политика кога болеста која го покори светот ја имате за главна манипулативна алатка
Со вашите теории на заговор убијте го целиот персонал, па со вашите теории на заговор ќе се лечите сами, вели инфектологот Каламарас
Не, не е точно дека пандемијата на КОВИД-19 не’ направи полоши луѓе од тоа што бевме. Ние сме си такви од мајка родени. Коронавирусот само го забрза процесот на обелоденување на сета наша злоба, сиот лошотилак кој сме го носеле во себе, а кој дотогаш не сме имале можност целосно да го ставиме на увид на јавноста.
Тоа има многу заеднички црти со синдромот на самоуништување, на кој толку често се повикуваме во моментите на самосожалување и оплакување на нашата „проклета судбина“. Оти, нели, заговорот да не’ нема како народ и како држава, датира уште од кога е светот и векот. Сепак, ако сме чесни и искрени пред самите себе, како што не сме, ќе се согласиме со најголемата вистина: дека нам не ни требаат душмани, дека на Македонецот најголем душман му е – Македонецот.
Дека само човечката глупост и, евентуално, свемирот се безгранични, сме докажале неброено пати. Оттаму, на оние несреќници кои се бламираа пред зградата на „Илинденска“, не може да им се земе за зло протестот против коронавирусот кој, всушност, не постои, туку е измислен за да не’ чипираат. Исто како и кревањето на гласот против идењето на екипи од Бугарија, и тоа само во недела навечер со цел да монтираат 5G, што пак е причина ластовиците и штрковите да ги нема во златна Македонија, а врапчињата да умираат пеејќи. Навистина не треба тоа да им го земеме за зло. Оти горнион, толку можел – толку делел.
Она што во целата ситуација е пострашно, е свесното глумење лудило на одредени политички „елити“ и ситни профитери и политиканти, со една цел – остварување личен профит на трагедијата и маката на граѓаните. Не е политика кога во време на полициски час се „шверцувате“ во теретана. Кога јавно се декларирате за борец против заразната болест, а тајно се дружите во затворените делови на меаните. Не е политика кога болеста која го покори светот ја имате за главна манипулативна алатка. Кога воведувањето рестриктивни мерки за справување со пандемијата еден ден го поддржувате, а следниот ден се оградувате од сопственото мислење и без пардон го осудувате. Тоа не се вика „политика“, туку „обид за партиско профитерство во време пандемија“.
Со своето однесување за време на здравствената криза која од темел ги измести животите на граѓаните на планетата Земја, следствено на тоа и нашите, продолжувачите на политиките на унгарскиот бегалец покажаа дека, не само што не заслужуваат некогаш, било кога, да ја водат државата, туку не се достојни ни името да им се спомене!
Целата таа збирштина на извикани третокласни политиканти и политички профитери, се зло за државата! За каков формат на политичари зборуваме, кога секоја втора изјава им е лага, свесно манипулирање на јавноста дури и по цена на предизвикување чувство на страв, вознемиреност и паника кај граѓаните? Мицкоски, Милошоски, Николоски, Јанушев… за какви тоа личности воопшто разговараме, кога секој од нив е продукт на клептоманската груевистичка школа? Кога секој од нив поединечно, и сите тие заедно, неброени пати биле демантирани од релевантни меѓународни институции за лажно пренесени ставови? Кога нивната партиска стратегија и политичка програма имаат само една точка: Преземање на власта по секоја цена, исклучиво со лажни вести пласирани преку куртонските медиуми, финансирани со украдените пари од единаесетгодишното пљачкосување на државата.
Тогаш кога на народот му беше најтешко, кога опозицијата требаше да ги надмине сопствените стравови од вртење на водата кон воденицата на власта, мицковци ја покажаа сета своја малодушност, неспособност и политичка кратковидост. Пустиот страв дека ќе ги изгубат изборите, ги натера хистерично да мантраат дека избори не смее да има сега, туку после завршување на здравствената криза. Ако СЗО и сите останати здравствени институции кажуваат дека, сакале ние или не, со коронавирусот ќе мора уште долго да живееме, се’ до пронаоѓање на вакцината, тогаш како мицковци замислуваат целото тоа време државата да функционира без легитимни институции? Или пак можеби, од извори блиски до бајачката на Грујо, Мицко има информација дека авионското прскање против комарци, ќе значи смрт за Ковид-19?
Јасно е дека заради функционирање на државата со полн капацитет, што е неодложно потребно и од здравствен и од економски аспект, одржувањето на изборите на 5 јули има приоритетна важност. Теориите на заговор на злосторничкото здружување за некакво апокалиптично сценарио, е класичен „фејк њуз“ за бегање од изборите и спас од пораз. Оти, во што ќе се разликува излегувањето на гласачкото место, од вообичаеното одење во банка или продавница? Каде е поголема опасноста од зараза, ако се знае дека изборите ќе бидат изведени под строго дефинирани протоколи, со задолжително носење на заштитна опрема? За секој нормален и здраворазумен човек, неиспрскан од алуминиум и неозрачен од 5G, одговорот е повеќе од очигледен.
Покрај срамното однесување на најголемата опозициска партија, разочарувачки делува отсуството на чувство за солидарност и емпатија на некои помали политички субјекти, граѓански здруженија и други самонаречени „независни“ групации. Не само што во изминатите стотина дена не покажаа ни грам хуманост, туку со својата себичност и недостоинствен однос, докажаа дека единствената причина за нивното опстојување на политичката сцена, е од чисто лукративен карактер.
Саркастичните коментари на последното нагло зголемување на бројот на заразени и починати граѓани во нашата држава, преку (ре)дефинирање на вонредната во „извонредна“ состојба, е одвратен чин на исмејување на новонастаната состојба. Инсистирањето на ваквите „политичари“ по секоја цена да бидат интересни и да собираат лајкови како капитал пред следните (локални избори), претставува рефлексија на елементарна политичка неукост, целосно разоткривање на нивното лицемерие и лажната грижа за здравјето на граѓаните.
Било која болест, особено кога примила размери на пандемија, е чувствително поле за демонстрирање иронија, хумор, критицизам… Првата работа која треба да се помисли пред да се премине црвената линија, е како им е на оние кои во тие моменти се борат за сопствениот живот? Како се чувствуваат нивните блиски, кои со страв ја очекуваат секоја нова информација од Клиниката за инфективни болести и Градската болница во Скопје? Или, какво е чувството да се биде во самоизолација, да се има блиска и сакана личност во изолација, која не по своја вина се заразила со коронавирус?
Градењето политичка кариера по принципот „целта ги оправдува средствата“, порано или подоцна неизбежно им се удира од глава на приврзаниците на макијавелизмот. Политиката не е циркуски шатор, туку сериозна работа од чие практикување зависи иднината на граѓаните и државата. Нашето тридецениско самостојно и независно битисување покажа дека, час поскоро, на политичката сцена треба да зачекорат едуцирани политичари. Бидејќи импровизацијата и дилетантизмот, предолго ги живееме и прескапо ги плаќаме.