Освен својот мајчин турски јазик, Челебија добро ги говорел уште и арапскиот и персискиот, знаел и грчки, а според некои негови искази добро разбирал и латински
„Поради исклучително чистиот воздух и вода, жените се мошне убави и мили. Секоја девојка носи свилено здолниште, и движејќи се небаре како паунки, ги збунуваат луѓето. Поетите и вљубените своето време го минуваат во кафеани и озборување, меѓу луѓе со необични чалми небаре птичји гнезда и танчерки кои на својата половина имаат обесено шарени ленти со ножеви. Танцот на Циганките, сазовите и песните наоколу, секого го тераат на возбуда и себезаборав. Заради пријатната клима во градот, населението се оддава на љубов и уживање. Сокаците се покриени со бела калдрма, a градот има голем број угледни луѓе, пријатели на дервиши, поети и чудаци, кои уживаат во забави, а нивното најголемо богатство претставуваат љубовните преживелици. Има многу убави жени со месечеви лица во градот” … запишал меѓудругото Евлија Челибија пред триста и педесет години минувајќи низ Македонија. Како дворски писар полни педесет години во седумнаесеттиот век поминал на пат и никогаш не стигнал да се ожени, но секогаш кога поминувал низ Македонија морал барем нешто да запише за прекрасните жени што ги гледал во градовите. На оваа димензија на патеписите на Челебија потсетува еден разговор на преведувачот Илхами Емин за неделникот „Фокус“.
Кога би се собирале страниците напишани за Македонија (Румелија) од напишпаното би се собрал барем еден том (од десет) кои ги составил патеписецот.
Првото патување во Македонија, односно првата средба со убавите жени во Македонија се случила во 1660 година кога од Босна низ Косово Поле одел за Софија, минувајќи низ Скопје, Куманово, Кратово и Крива Паланка. Подоцна бил и во Прилеп, Битола, Штип, Лерин, Воден и во уште многу македонски градови. За Евлија Челебија како човек, но и за неговите патувања низ Македонија, неделникот разговарал со писателот Илхами Емин, кој има направено избор од најубавите записи за Македонија. Според него, Евлија е мошне уверлив и интересен кога зборува за своите непосредни доживувања како човек, по малку и поет, како љубопитен и страстен набљудувач и шегаџија, но и сериозен османлиски воен писар, плашлив патник низ неизвесноста на балканските патишта.
Бил шерет човек, сликар, поет, универзална личност, своевиден западноевропски рицар од источен вид. Освен својот мајчин турски јазик, Челебија добро ги говорел уште и арапскиот и персискиот, знаел и грчки, а според некои негови искази добро разбирал и латински.
‘Во изборот од патеписи што ги објави ‘Слово’ инсистирав на презимето Челеби, а не Челебија, затоа што е во духот на турскиот јазик. Неговото име и презиме значи ‘светиот учен’. Наставката ‘ја’ му е додадена подоцна од словенските народи. Роден е 1611 година во Истанбул, а во Македонија бил за првпат во 1660 година. Живеел околу 70-ина години и умрел во својот роден град, но гробот, за жал, не му се знае. Записите за нашите краишта ги извлеков од 10-те тома негови патеписи објавени во Турција пред триесеттина години. Од патеписите може да се реконструирааат најмалку 3-4 патувања на Челеби низ Македонија. Бидејќи бил писар и верски службеник на Мелет-паша, секогаш кога минувал низ овие предели одел со голема придружба и немал многу време да се задржува во секој град одделно.
Го запишувал она што ќе го видел, но и она што ќе ги слушнел од соговорниците во ановите. Живеел во време на неколку султани, а оној што му бил директно надлежен морал да има увид во она што гледал дека го запишува во градовите. Оттука, се мисли дека многу од материјалите се изгубени или пак била извршена цензура при препишувањето на записите’, вели Илхами Емин, тврдејќи дека за првпат кај нас, на пример, се објавуваат некои податоци за градовите, потоа се открива вистината за Али-Паша и се опишува најголемиот пазар во овој дел на Османската империја, што се одржувал во близина на Струмица.
Според патеписот на Евлија Челебија, или Челеби, како што инсистира Илхами Емин, пазарот бил од сите четири страни заграден како тврдина, а патеките кои минувале низ 1.000 дуќани биле вкрстени во вид на шаховска табла.
„Еднаш годишно, обично за време на бербата на цреши овде доаѓаат 100.000 луѓе од Анадолија, Арабија, Иран, Индија, Синд, Самарканд, Белх, Бухара, Каиро, Дамаск и Ирак, како и од сите страни на Европа. Трговци од море и копно ја продаваат својата стока. Крај околните долини се поставуваат илјадници шатори, па сето тоа личи на војските на Александар и на Дарие. Овде може да се најде и од пиле млеко. Панаѓурот трае 40 дена и ноќи, а жените ги продаваат и своите скриени, скапи работи. Се продаваат дури и лични девојки и момци.
Црнечкиот пазар е посебен, при што мнозина доаѓаат да купат црни робови. На посебни места се вртат цели овци и јагниња, а постојат и повеќе од илјада кафеани, меани и бозаџилници. Колку што има магионичари, жонглери, танчери и танчерки, куклаџии и други забавувачи во светот, толку доаѓаат овде за да ги покажат своите неверојатни итроштини. На овој панаѓур секој печали онолку колку што му е одредено од Алах”…,запишал патеписецот.
При своите бројни патувања во седумнаесеттиот век, Челебија не го видел само пазарот во Струмица, туку и уште многу други интересни работи низ Македонија. Всушност, речиси нема поголем град каде што не престојувал барем неколку дена набљудувајќи ги луѓето и животот во градот. Така, на пример, за градот Скопје, во 1660 година ќе запише дека имал 70 маала, а поради старите богатства што ги крие под земја, Грците во тоа време го нарекувале „грчка ризница”. Шетајќи по градот, Евлија ќе забележи:
„Во градот постојат 110 чешми, a водата што доаѓа од Качаничката река по водоводот на Иса-бег се разнесува низ целиот град. Сите овие кристални чисти води се собираат под градот, каде што се мешаат со водите на Вардар. Скопските амами се мошне пријатни. Жените се најголемиот дел од посетителите на Кизлар-амамот, кој се наоѓа близу Јаја-пашината џамија. Истиот амам претставува спокојно и скришно место, погодно за посета на жени. На овие простори за жените се смета како мошне голема вина ако влегуваат во амами кои се наоѓаат на прометни патишта”.
Како Челебија се доближил до амамот и како успеал да ги гледа жените што доаѓале во амамот кај Јаја-пашината џамија не запишал во патеписот. Веднаш се префрлил на Старата чаршија каде што избројал точно 2.150 уредени дуќани, а во сите нив во тегли и други садови имало ставено зумбул, темјанушки, трендафил, јоргован, лилјан, нарцис и други цвеќиња, што веројатно значи дека во Скопје тој престојувал токму пролетта, таа 1660 година. Веројатно останал барем десетина дена зашто научил многу работи кои не можат да се видат за ден или два.
На пример, дознал за значајните поети Хаки и Ерзи Челеби, но најмногу му се допаднало како пишува Коџа Хасанзаде.
Исто така, забележал дека поради пријатната клима и чистата вода, луѓето од Скопје, или тогашните скопјани, биле многу бодри и енергични.
Шетајќи низ градот точно пред 348 години, Челебија забележал во тефтерот дека по ановите се пее, се игра и се јаде до зорите:
„Сокаците се покриени со бела калдрма. Има голем број угледни луѓе кои уживаат во забави, а нивното најголемо богатство претставуваат љубопитните дожувувања”, што ќе рече дека патеписецот прислушкувал како на некоја од соседните маси мажите се фалат за своите љубовни авантури.
Освен тоа, Челебија во Скопје видел дека се изработуваат убави ракавици од волна, плетени производи, украсни перничиња и завеси, кои, како што запишал, не можат да се најдат ниту во Персија.
Дел од жителите, пишува тој, работат како трговци, дел се занаетчии, додека само мал дел се учени луѓе.
Откако ќе запишел се што ќе му се видело интересно, патеписецот влегувал во некој од ановите и додека јадел бележел што има на софрите: печено јагне, бирјан, капама, риба, но и многу разно овошје донесено од разни страни на светот.
Од овошните сокови, пишува Челебија, се издвојуваат медовината, сокот од вишна и ширата од грозје.
Кога завршил со Скопје, Челебија тргнал за Куманово, кое во тоа време било војводство (замислете) во атарот на Скопскиот санџак.
Веднаш забележал дека градот имал доволно вода, а ги пребројал и куќите.
Значи, во средината на седумнаесеттиот век касабата имала околу 600 куќи покриени со ќерамиди.
Забележал, исто така, дека водата и воздухот се многу пријатни и дека околу населбата има многу бавчи и лозја.
Излегувајќи од Куманово, Челебија поминал низ Кратово, каде што избројал 800 куќи и 350 дуќани, останувајќи вчудоневиден од исклучителната изработка на кратовските шамадани, кадилници, фенери, легени и разни позлатени ибрици. Вода не забележал, не забележал ни жени, но забележал дека бакар има во изобилство.
(продолжува)