Голем број христијани од Солун, сопственици на овдешните куќи, големи пари печалат на недостоен начин, односно со продавање на вино.
Притоа, чудно е дека никој не им здодева со непристојни зборови на нивните блиски, иако гостите ги послужуваат нивни синови и ќерки.
Ова е ретко чесен и безбеден град …
Неколку години по своето прво патешествие низ Балканот, ефенди Евлија повторно се вратил во Македонија за да ја дораскаже приказната за водата, воздухот и убавите жени. Во Велес, на пример, забележал неколку жени, но за жал поголемиот дел од нив носеле црни платнени фереџиња, па не можел да им ги види лицата.
Забележал дека со вода се снабдуваат од реката Вардар, која, вели, е толку бистра што момите се огледуваат во неа, не употребуваат огледала.
Следниот ден стигнал во Прилеп, град кој имал 10 маала со илјада цврсти куќи со пространи бавчи:
„Повеќето жители се занимаваат со изработка на играчки и ножеви.
Во овој град не можете да сретнете кал. Градот има плодно поле низ кое тече река. Заради пријатната клима, неговите жители се оддаваат на љубов”.
Откако ги оставил прилепчани оддадени на љубов, заминал во Битола.
Во битолската чаршија избројал 900 дуќани, но исто така и рекорден број кафеани – дури 40 на тој мал простор!
Забележал дека околу градот се наоѓаат дури 20 места за излети и забава:
„Во градот кон квечерина се слушаат славеи, а танцот на Циганките, звукот на сазовите и убавината на песните наоколу секого го тераат на возбуда и самозаборав.
Поетите и вљубените своето време го минуваат во кафеани, со озборување, а крај асталите можат да се видат луѓе со необични чалми, небаре птичји гнезда, и преубави танчерки кои на својата половина имаат обесено шарени ленти со ножеви”.
Откако поуживал во славеите и танчерките, патеписецот, што своите тефтери ги порачал уште во 1630 година од родниот Истанбул, каде што секогаш се враќал по неколкугодишно патување по светот, стигнал во Костур, кој го опишал како еден од најубавите градови на Балканот.
Запишал дека градот во тоа време имал околу 2.100 куќи, и дека сите куќи гледаат кон езерото, а луѓето се многу добродушни и склони кон забава:
“Во касабата постојат два амама, меѓу кои оној што се наоѓа крај патот со вода се снабдува од езерото.
Во текот на летото луѓето се капат во езерото.
Заради исклучителниот воздух и вода децата и девојките на овој град се мошне убави и мили.
Сите девојки носат свилено здолниште и движејќи се небаре паунки ги збунуваат луѓето. Инаку, езерото е долго 24 милји, и, денес, кога го пишувам ова, жените ги перат алиштата на брегот.
Забележав дека воопшто не користат сапун, бидејќи овде сапунот е реткост.
Во езерото се ловат разни риби, кои ги нема никаде на друго место.
Рибите се хранат со растенија и тревје кое расте по околните планини и кои во езерото го довлекуваат поројните дождови.
Во текот на ноември секој рибар си носи трње и си го обележува своето ловиште”.
Седнат крај езерото, Челебија долго ги гледал жените што перат алишта, и ништо друго дента не можел да запише освен дека не користат сапун.
Подоцна, кога стигнал во Штип, за кој пишува дека бил освоен во време на владеењето на султан Мурат Први од страна на Али-бег, син на Гази Михал-бег, за кого велеле дека има две срца, веднаш ќе запише дека жените носат фереџе од бела аба и се движат мошне грациозно:
“Поради чистата вода и воздух, овдешните жени се мошне убави, и сите мирисаат многу убаво.
Градот има 2.240 куќи покриени со камени плочи, а секоја куќа има своја бавча и лозници.
Co ќерамиди е покриен само новоизградениот Сарај на Ахмед-ага.
Има и безистен со две железни порти каде што можат да се најдат стоки од седум разни клими и секакви мириси”.
Од Штип заминал за Кочани запишувајќи:
“Целата раја се ајдуци.
Има 600 куќи покриени со дрво и ќерамиди, една џамија, еден ан и околу 15 дуќани. Едвај има 10 муслимански куќи.
Ако не беа тие куќи, преку оваа касаба немаше да прелета ни птица”, запишал Челебија негде кон крајот на седумдесеттите година на седумнаесеттиот век.
Бидејќи цели 50 години од својот осаменички, ергенски живот поминал патувајќи, ефенди Евлија Челебија неколкупати бил и во Солун, главниот центар на Македонија.
И забележал дека во посебен дел од градот се сместени меаните, бозаџилниците и ашчилниците, а за немуслиманското население и за разни настрани типови, како што вели, постојат дури 340 кафеани.
Во нив свратуваат стотици луѓе на коњи, пијат, се одмораат, преноќуваат и потоа одат по своите патишта:
“Голем број христијани, сопственици на овдешните куќи, големи пари печалат на недостоен начин, односно со продавање на вино.
Притоа, чудно е дека никој не им здодева со непристојни зборови на нивните блиски, иако гостите ги послужуваат нивни синови и ќерки.
Ова е ретко чесен и безбеден град.
Освен куќите каде што се точи вино, избројав и точно 20 бозаџилници и 17 уредени кафеани во кои се пее, се свири на саз и чалгии, и се танцува, a таму се собираат патеписци, поети и други луѓе.
Во истите кафеани се одржуваат разговори, a сокаците по градот се чисти и послани со калдрма.
Инаку, во Солун постојат вкупно 16 христијански маала, одвоени од муслиманските.
Во градот има околу 33.000 куќи, а според пописот извршен од Екмекчизаде Ахмет-паша во Солунската каза живеат околу 500.000 жители.
Дознав дека старците во Солун живеат долго, и се многу здрави, така што и на седумдесетгодишна возраст се качуваат на коњи, опашуваат сабји и имаат сила за однос со жена.
Исто така, сакам да забележам, дека речиси сите жени и девојки во Солун имаат убави, небаре како месечини лица, зборуваат доста средено, а во своите усти кријат заби како бисери, а и за нивната чест може да се каже се најдобро.
Интересни се, како што реков, старците кои имаат сила за однос со жена дури и кога сите мислат дека со едната нога се во гробот”, ќе запише во својот дефтер за патеписи Евлија Челебија пред да го продолжи патот за Воден.
Во тоа гратче со дванаесет маала и 1.060 куќи, неколку часа не можел да се соземе од убавината што ја гледал околу себе.
Сите сокаци биле чисти, нигде немало никакво ѓубре, прекрасниот водопад се прекршувал во илјадници бои, па тој веднаш ќе запише дека сличен град на Воден е само рајскиот град Дамаск во Арабија:
“Има многу убави жени во градот.
Имаат месечеви лица.
Во фадот има вкупно седум цркви во кои служат невини девојки, небаре мајката на Исус, од која секоја има од убаво поубаво месечево лице.
Инаку, целото население во Воден ужива во забава и прошетки.
Секој ден одат на некое место за забава, какви што ги има точно 40 околу градот.
Едно од тие места се наоѓа среде град над кое има и високи стебла.
Под дебелите сенки на високите платани, тополи, брестови и липи, кои мирисаат на мисковина, тешко се пробиваат сончевите зраци.
На ова место земјата е покриена со зелена трева, мека како кадифе.
Крај водите се изградени софри и места за скара и готвење.
На гранките на секое високо дрво има лулашки на кои се лулаат млади момчиња и девојки.
Исто така, во самиот град се наоѓа и повисоко место за прошетка и забава наречено
Попски замок, под кој како под нозе се гледа се до Солун и Вардарското поле”, се воодушевувал Евлија од Воден.
Оттаму заминал за Охрид, каде што запишап дека има вкупно 17 маала, меѓу кои се Охризаде, Тулумба, Јунус војвода, Гази-бег, Емир Махмуд и други:
“Градот Охрид и неговата околина се исполнети со лозја и бавчи.
Оној кој Охрид го гледа за првпат му се чини оти има десет до петнаесет илјади куќи.
Во чаршијата и безистенот се собираат учени луѓе, но постојат и други меани и бозаџилници, пристапни за секого.
Секако заради пријатниот воздух и вода, жените во Охрид се многу лични.
Сите имаат сребреникав тен и нежна става.
Убавините на овој град се со светска слава, заради што мнозина продуховени луѓе, се населиле тука.
Од овошјата, пак, најпозната е охридската дуња, додека во овој град постојат и 24 видови јаболки и исто толкав број разни круши.
Јас такви круши не сретнав ниту во Малатја, ниту во Тебриз, Битлис и Шираз.
Особено е сочна водената бегова круша.
Обичај во Охрид е во текот на зимата меѓусебно да се посетуваат и стари и млади.
Притоа јадењата при една посета не смеат да се повторат на другата по неа, што е, исто така, обичај во овој град.
Така, ниту слатките и различни видови компоти не смеат да се повторат.
За време на гозбата кај Ахузадевци сакајќи да пробам од сите изнесени 26 видови компот, за малку ќе изгубев глава.
Инаку, речиси сите луѓе во Охрид говорат словенски и грчки јазик, но албански не знаат. Притоа сите сосема добро и течно зборуваат и турски.
Сите млади охридски јунаци носат црвени самури, калпаци, долами, чакшири и жолти папучи а шетаат со опашани ножеви, додека старците на глава имаат разни чалми, a жените носат разни видови фереџиња, шетајќи како низ чаршијата и низ пазарот, така и низ главната улица во градот”, напишал Челебија.
Тој ретко одел во помалите касаби, како што биле Валандово или Струмица, но кога поминал, веднаш најпрво запишал за жените и девојките кои ги видел:
“Прошетав многу во животот, но никаде не сретнав почисти куќи и поубаво јадење од она што го видов во Валандово, кај овдешните христијани.
Всушност, самите луѓе не се толку чисти, но чисти им се софрите и садовите за храна. Сите убави девојки на глава носат црни шамии, а врз облеката имаат златници или дубровнички и френски динари, пришто на вратот и на градите им висат ѓердани, алки и други украси”.
“Во Струмица, пак, повеќето жени носат фереџиња од бела аба и долами, кога одат на вода.
Во градот има 12 градски чешми, две цркви, 500 дуќани и два трговски анови”, запишал Евлија Челебија пред околу 350 години, шетајќи низ Македонија со својот алваџиски тефтер за патеписи.
За жал, како што вели Илхами Емин, со кого разговаравме за патеписите на Евлија Челебија, освен денот на раѓањето, 25 март 1611 година, не се знае ниту кога тој починал, ниту пак каде му е гробот.
Се знае само дека татко му Мехмед Зили Ефенди бил главен дворски златар, па белки имал малку злато за да купи семеен гроб во Истанбул.
Можеби во гробот ставил и малку злато, па подоцна тоа да е причината да се уништи гробот и сега да нема никаков белег за најголемиот балкански патеписец од седумнаесеттиот век!
(крај)