Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ПАТОКАЗ: УКИНУВАЊЕ НА ТАКСИТЕ ЗА СРПСКАТА СТОКА, ПРЕГОВОРИ И ПОТПИШУВАЊЕ НА ДОГОВОР ВО ВАШИНГТОН

January 15, 2019 Filed Under: Свет

Писмото на Трамп до Белград и Приштина дава јасни насоки како да се расплеткаат работите во спрско-косовските преговори. Од друга страна премиерот Харадинај опонира и најавува уште поостри мерки: забрана за влез на возила со српски таблички

БЛИСКОСТ Амбасадорот Гренел се смета за многу близок до Транп

Под притисок на американската администрација, косовскиот претседател Хашим Тачи ветил дека ќе преземе значаен чекор кон решавање на ескалирачкото одмерување на силите со Србија, пишува „Вашингтон пост“. Во текстот се наведува дека Трамп невообичаено директно им се обратил на српскиот и косовскиот лидер со тоа што лично им испратил писма во кои ја навестува можноста дека мировната церемонија би можела да се одржи во Белата куќа.

Американскиот весник наведува дека Тачи на 21 декемеври, неколку дена по добивањето на писмото од Трамп, отишол во Берлин каде се сретнал со амбасадорот на САД Ричард Гренел, човек од доверба на Трамп. Тачи тогаш ветил дека ќе го смени курсот кога станува збор за таксите кои Приштина ги воведе на целата српска стока, а на состанокот отишол со тројца соработници.

Гренел од Тачи побарал нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и директни преговори, велат американски функционери. Весникот додава дека тој не се сретнал посебно со српскиот претседател Вучиќ.

– Тачи и јас разговаравме за значењето на долгорочни одлуки, а не краткорочни реакции. Драго ми е што се согласи и што се обврза дека ќе работи на укинување на тарифите кои неодамна беа воведени за српските производи, изјавил Гренел за „Пост“.

Овој чекор би помогнал да се испратат вистински сигнали дека Тачи е сериозен кога станува збор за преговори, додаде Гренел кој беше портпарол и советник на Џон Болтон, актуелниот советник за безбедност на Белата куќа.

ПРОБЛЕМИ Дали процесот со попуштање ќе се случи на српско-косовската граница или ќе се заостри?

Тачи во изјава за „Вашингтон пост“, на англиски и преку мејл во петокот, рекол дека е „подготвен да разгледа укинување на таксите ако за Косово се отвори јасен пат за продолжување во насока на постигнување конечен мировен договор со Србија“.

„Вашингтон пост“ констатира дека Тачи не може сам да ги укине таксите и оти се соочува со противење на косовскиот премиер и понекогаш политички ривал Рамуш Харадинај, но оти САД го сметаат неговиот гест за прв чекот во насока на деескалација на тензиите и можно враќање кон она што се чинеа најплодни напори во текот на десет години за постигнување конечен мировен договор.

Министерот за трговија и индустрија на Косово Ендрит Шаља вели дека претседтелот Хашим Тачи не може да дава ветувања за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, затоа што одлуката за воведување на таксата ја донесе Владата на Косово, а не претседателот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Министерот Шаља порача дека таксата ќе остане во сила се додека не се отстранат причините поради кои Владата се реши на еден таков чекор.

– Додека постојат причините кои нас како Влада на Република Косово не натераа да ја воведеме таа такса, значи причините кои јас ги образложив ког го изнесов предлогот за таксата, таа никогаш нема да се укине, изјави Шаља за порталот „Калѕо“ (kallxo.com). Тој му порача на Тачи доколку има некое такво барање истото да го достави до Владата, која ќе го разгледа и ќе донесе одлука.

СПЕЦИЈАЛЕН СУД Активирањето на специјалниот суд за воени злосторства може да се смета за своевиден притисок врз Приштина

– Не знам што се занимава претседателот со таа работа. Тоа се работи на делегацијата на Владата на Република Косово за преговори со Србија. Кога тие ќе ни достават барање во кое се вели дека таксата треба да се укине затоа што „сме успеале да го реализираме тоа и тоа“, а што се однесува на причните поради кои ја воведовме таксата, тогаш јас како министер за трговија можам да предложам таа да се укине, порача Шаља.

Инаку последните најави се дека Харадинај размислува да ги заостри санкциите – да забрани влез на автомобили со српски таблички. Но има и контра мерки – повикување на многу косовски функционери во Хаг да дадат изјави пред Судот за воени злосторства.

Filed Under: Свет

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet