Што се однесува до описите на Скопје, Челебија многу прецизно ги опишал тогашните урбани јадра на градот,и се смета дека тоа се најдобрите записи од ваков вид кои се направени во XVII век
Во Македонија, не можат да се најдат збирно патеписите на Евлија Челебија за Македонија. Односно таква не е печатена. Впрочем, во светот се многу ретки преводите на Челеби, односно со нивно комплетно издавање се доцни – дури кон крајот на XIX и на почетокот на XX век.
Помалку е познато и пишувано како се случило Евлија Челебија да пропатува низ Скопје и Македонија. Многуте феномени на Скопје од османлискиот период, но и од поширокиот средновековен период, сè до денес би ни останеле непознати или недоволно познати и објаснети, доколку ги нема патописите на Челеби
Наводно, Евлија Челеби бил на служба кај Мелек Ахмет-паша, кој во средината на XVII век бил беjлер-бег на вилаетот Босна. Мелек Ахмет-паша не бил било кој. Тој бил влијателна и позната личност на своето време, што не е случајно, затоа што му бил зет на султанот. Но, за нас е побитно што тој и бил брат на мајката на Челебија – што значи дека славниот патописец бил во служба кај својот вујко Ахмет.
Челеби знаел добро да ја искористи оваа привилегија, бидејќи поголемиот дел од патувањата во многуте земји од светот ги направил како придружник на негов близок роднина. Но, како што тоа обично се случува во животот, една ноќ влегле крадци во куќата на босанскиот беjлер-бег, при што ја ограбиле неговата ризница полна со злато. Мелек-паша се налутил и почнал свирепо да и се одмаздува на рајата. За таа негова свирепост слушнале и султанот и големиот везир, по што тие многу се налутиле, и Ахмет-паша итно морал да ја напушти Босна. Потоа тој бил назначен за беjлер-бег на Румелија.
Така, една многу студена зима, Мелек-паша придружуван од својот внук Евлија Челебија, морал да отпатува. Тоа се случило на 15 октомври1660 година. Според истражувачите на Скопје од периодот меѓу двете војни, Мелек-паша и Евлија Челебија ги минале следниве места: Бања Лука, Јајце, Травник, Сараево, Вишеград, дошле до Прибој, а оттаму, низ новопазарскиот Санџак, Косово Поле и Качаничката Клисура, влегле во Скопје.
Според Александар Матковски, познавачoт на оваа проблематика, тие тргнале од Сараево и преку Нови Пазар дошле во Скопје, а дури потоа продолжиле за Софија, каде што се наоѓало седиштето на румелискиот беjлер-бег. Евлија Челеби и подоцна патувал низ Македонија (1660-1668), како собирач на данокот наречен „захи-ре беха”.
Што се однесува до описите на Скопје, Челебија многу прецизно ги опишал тогашните урбани јадра на градот,и се смета дека тоа се најдобрите записи од ваков вид кои се направени во XVII век. Тој дава генерална слика за местоположбата на Скопје ,детаљно се задржува на Чаршијата, на скопските маала(дури наведува дека на број се седумдесет), амамите, џамиите, тврдината, пазарите,Безистенот, Камениот мост.
Но, неговите описи не се задржуваат само на виденото. Тие навлегуваат длабоко во менталитетот на скопјани, на нивните навики, обичаите, јазикот, исхраната. Поради тоа,неговите патописи се и особено драгоцени.
Евлија Челеби посебно ги опишува Градот (тврдината) и Подградието (Чаршијата), како и пошироката околина. По восхитувачкиот опис на тврдината, вели дека во Чаршијата има околу две илјади дуќани, и дека таа е многу привлечна. При тоа, тој прецизно вели:
„Има околу10.060 прекрасни куќи, високи и ниски, градени од тврд материјал. Куќите се убаво украсени и покриени со црвени ќерамиди. Меѓу нив, особено се истакнува сарајот на Махмуд. Надалеку се познати, исто така, сараите на Емир-паша, потоа сарајот на Коџа Сердар и Сичан Заде”.
Кај него постојат и такви описи на Скопје, на кои би можеле да им завидуваме и денес:
„Всушност, тоа е едно чисто место. Сите главни улици се рамни, поплочени со убава, бела калдрма. Има многу учени луѓе, градски првенци, големи господа. Тоа е гнездо на поети и луѓе пријатели на сиромашните. Жителите особено се наклонети кон задоволства и уживања. Љубовта и насладата се голем капитал на нивните вљубени срца”.
Воопшто, денес кај нас во Македонија, освен грандиозниот потфат на починатиот турколог Александар Матковски, многу малку е направено за запознавањето на македонската историја преку овој вид литература . А преку неа, најавтентично се запознава историјата, бидејќи таа е и говор на автентичното време, а не само на политиката, војните и победниците во нив. Тој вид литература посебно би требало да ја објавуваат и градовите во Македонија, чија историја и традиција ја опишале многу патописци.