ГЛИГОР СТОИМЕНОВ
Самит на ЕУ, каде што несомнено една од главните теми беше нашата земја и спорот кој го имаме со Република Бугарија, од чие што решение зависи нашето започнување, односно зелено светло за пристапните преговори со ЕУ. Тоа впрочем се виде од силниот интензитет на вклученост на клучните луѓе на ЕУ, канцеларката Меркел и францускиот претседател Макрон. Да бидеме искрени тоа ретко се случува за една мала земја
Знам дека во моментов на една недела пред локалните избори сите сме некако окупирани и медиумски бомбардирани со тоа, ќе искоментираме нешто за ова на крајот, но сепак според мене многу важен настан за нас беше она што се случуваше во Брдо кај Крањ, Самит на ЕУ, каде што несомнено една од главните теми беше нашата земја и спорот кој го имаме со Република Бугарија, од чие што решение зависи нашето започнување, односно зелено светло за пристапните преговори со ЕУ. Тоа впрочем се виде од силниот интензитет на вклученост на клучните луѓе на ЕУ, канцеларката Меркел и францускиот претседател Макрон. Да бидеме искрени тоа ретко се случува за една мала земја и тоа претставува (за оние што разбираат) еден силен ветер во грб за двете страни да се дојде до конечно решение, а впрочем тоа е и показател за нашата дипломатија односно показател за тоа што претставува во меѓународни рамки веќе Република Северна Македонија, епа претставува друже, не е веќе држава за мајтап или некоја “заебанција“. Токму затоа од таа гледна точка треба да настапуваме понатаму со силен оптимизам.
Како понатаму до решение?
Иако навидум на прв поглед по овој Самит изгледаше како темни облаци да се надвиснале над нас во врска со овој спор навистина не е така. Сега во периодот што следи ќе се изнаслушаме многу теории и заговори за тоа како сите не мразат, како нема иднина во ЕУ за нас, за тоа како не можеме никогаш да најдеме решение и многу слични работи ќе се изнаслушаме. Ќе излезат оние од МАНУ, (Македонската академија на науките) “белоглави мудреци“ кои никаде ги немаше изминативе десетина години кога државата беше буквално на една раскрсница на каде ќе оди, па денес кога нашата Македонија е фактор во меѓународни рамки, излегле од немајкаде онака, „ничим изазвани“ па ни кажуваат дека ќе сме ја изгубеле државата, ма немој молим те, што ми кажаа. Една работа треба да знаат Македонците! Кога таму некаде во деведесетите години во Република Србија главен идеолог и „гуру“ на политичката сцена беше САНУ,(Српската академија на науките) тие ги доживеаја најмрачните денови во својата историја, изгубија се, на крајот и завршија со бомби врз нивните глави, тоа е таа историја која не сакаме да ни се повтори. Секоја чест на научните достигнувања на нашиот претседател на МАНУ, но кога „пљампа“ празни муабети за меѓународните договори, за нешто што малку разбира, треба да му кажеме да запре и да се одмори малку.
Но прво што треба да направи премиерот по овие избори е сите овие теории сосема да ги игнорира и да се фокусира целосно на изнаоѓање на решение, никако поинаку. Нека батали тоа, МАНУ, САНУ и слични работи, нека ги игнорира сосема. Доколку добие недвосмислена поддршка на овие избори, во што сум убеден, треба да тргне со сиот потенцијал што го има до конечно затворање на ова прашање, тоа впрочем и му е должност, не смее едноставно да потклекнува на лажни патриотски врескања на “Големите Македонци“ и “патриоти“ на кои единствена агенда ќе им биде да не се реши овој спор и да не ги почнеме преговорите затоа што тоа политички им одговара, едноставно свесни се дека решавањето на ова прашање ги води во долг опозициски престој на неопределено време, затоа ќе направат се што можат ова да не успее. Ќе продолжат и понатаму да се “сепнуваат“ и да рипаат на секое доближување до некое можно решение по ова прашање и ќе продолжат да испуштаат неартикулирани изливи на патриотизам, тоа е.
Како што кажав по завршувањето на изборите кај нас и во Република Бугарија, некаде крајот на ноември, мора да тргнеме силно. До сега нашата дипломатија во врска со овој спор покажа една зрелост што е за пофалба, тоа всушност го признаваат и претставниците од Бугарија кога на цел глас викаат дека не успеале да ја убедат Европа во оправданоста на нивната блокада, односно Скопје било поуспешно во тоа. Да секако се сложувам, официјално Скопје беше поуспешно во оваа дипломатска битка од официјална Софија. Па гледате и самите како фокусот на овој проблем постојано се поместува. Прво почнавме да се препираме со тоа чив бил Гоце, па потоа го заборавивме Гоце; проблем стана историјата односно историските фалсификати, па потоа јазикот и неговата мултилатерална примена во институциите на ЕУ, па потоа патоказот, па кога бугарската страна виде дека не оди ниту тоа почна да игра на се или ништо со тоа што ќе ја брани сега Европа со онаа парадигма „почитување на човековите права“, малата Македонија претставувала опасност за европската демократија со тоа што не ги почитувала европските вредности, односно човековите права на луѓето кои се изјаснувале за Бугари, ова едноставно тешко поминува во Европа.
Сега, рака на срце, мора како нација да признаеме дека се уште „влечкаме“ со нас некои историски тези од едноумието, една идеолошки обоена историја со посебна намена за оддалечување од Бугарија и тие остатоци за жал се уште се присутни, сакале тоа да го признаеме или не. На секое доближување до одредени точки по однос на овој спор и можноста тој да се реши, се активира веднаш цела онаа булумента на „длабоката држава“ која вели НЕ! На секое споменување на некој можен компромис се активира веднаш една телевизија со национална концесија и со „унгарски пари“, да ни ги репризира по кој знае кој пат сите оние „ДВА“ филма снимени пред педесетина години каде што Бугарите се претставени во најлошо издание, навистина сето тоа е веќе депласирано, но знаете најлошо од се е тоа што не го прават ова затоа што се патриоти или многу им значела Македонија, го прават ова само за да ги комплицираат работите за да ништо не се реши, да останеме заковани таму кај што сме, да не одиме напред, тоа е агендата. Се надевам дека и за овој 11 Октомври ќе ги репризираат истите филмови., Но сето ова сепак не поминува.
По завршувањето на изборите треба да продолжиме со овој модел на преговори како до сега, да делуваме во две насоки, директни преговори на основа на оној протокол кој го договоривме со Бугарската страна, со наш тим од едната страна кој не мора да биде голем (3-5 члена), сосема доволно и тимот на другата преговарачка страна. Другата насока на делување треба да биде исто како и до сега, со интензивно лобирање и притисок кај нашите европски пријатели, лобирање кај Американците, во Брисел, во Европската комисија, секаде каде што ќе може ќе притискаме и досаѓаме ако треба, абе на глава ќе им се качиме, нека разберат дека оваа наша мала Македонија заслужува да ги започне преговорите и да биде дел од ЕУ. Суштината на овој спор е во тоа да се обесмислат или прикажат бесмислени барањата на Бугарската страна во очите на ЕУ, за да компромисот кој секако ќе мора да го направиме во некоја точка биде што помалку безболен. На пример вметнувањето на Бугарите во нашиот Устав не би требало да претставува за никого проблем, но сепак тоа да се направи на крајот на преговарачкиот процес, не сега, односно кога ќе бидеме пред портите на ЕУ, за такво нешто не гледам проблем да се обврземе. Исто така оние ситни глупости кои ги правиме како она со промена на плочата која е во оригинал на бугарски јазик на оној војвода “Скочивирчето,, во она село таму, навистина тоа не ни треба, само ќе искористат можност да не нападнат дека еве продолжуваме со фалсификати на историјата, абе баталете тоа луѓе, не ни треба, нека биде плочата каква што била, тоа е историја, не се брише. Сепак на крајот сум убеден дека со еден ваков мудар пристап кон работите ќе изнајдеме конечно решение и ќе одиме напред.
Што се однесува почитувани до локалниве избори немам многу што да коментирам. За време на оваа кампања се изнагледавме се и сешто и видовме секакви кандидати, квалитетни и помалку квалитетни, културни и некултурни, некои не вредат ниту кафе да испиеш со нив но тоа е, демократија е сега. Но една работа ми остава посебен впечаток, а тоа е дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ во својата историја немала до сега послаб кандидат за градоначалник на главниот град. Едно навистина бледо, многу бледо издание на кандидатот односно кандидатката, која е инаку “независна“ нели. Кога ја слушам имам впечаток дека е некоја студентка од оние кои учат на памет и ако ја прашате нешто вон материјалот, односно од она што и е запишано, ќе се збуни и вцрвени и ништо нема да Ви одговори, тоа е мојот впечаток и не верувам дека би пливала добро во некој ТВ дуел пред камери. Тоа најдобро го илустрираше еден вмровец кој го сретнав деновиве, ми вели “ Абе друже, Коце за оваа беше ееееее, смешки, ама тоа е.
Ќе дадам поддршка и ќе гласам за кандидатите на политиката на континуитет, на политиката која не води напред а никако во минатото, глас за она што е најдобро за општината и најдобро за Македонија, без разлика што се ова локални избори секако се важни како потврда и верификација на една политика за која се уште сум сигурен дека е единствено исправна.