Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ПАЃА БРОЈОТ НА ПРАВОСЛАВНИТЕ ХРИСТИЈАНИ ВО ЕВРОПА, РАСТЕ ВО АФРИКА!

July 27, 2021 Filed Under: Свет

Паѓа бројот на православните христијани во Европа, но затоа расте на африканскиот континент, во земји како Кенија и Уганда, пишува католичката новинска агенција КНА. Точниот број на православните е тешко да се пресмета

ПРАВОСЛАВЦИ Ги има се помалку вна Стариот континент

БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ

Ново истражување на „Друштвото за историја на православните христијани во Америките“ открива дека бројот на православните христијани ширум светот е помал од претпоставуваниот.

Земја со најголем број православни христијани во светот и натаму е Русија со над 100 милиони (77% од населението), Украина со 35 милиони (меѓу 65 и 77%) и Романија со 19 милиони што сочинува 82 отсто од населението.

Православието притоа е водечка религија и во други земји во источна и југоисточна Европа како Белорусија (меѓу 48 и 73%), Грција (95-98%), Србија (97%), Бугарија (88%), Молдавија (93%), Грузија (84%), Северна Македонија (65%), Кипар (89%) и Црна Гора (72%). Значителни православни заедници има и во Босна и Херцеговина (31%), Летонија (18%), Естонија (14%), Албанија (7%), Литванија и Хрватска (по 4%), Словенија и Германија (по 2% од населението).

Точниот број на православните е тешко да се пресмета. Критериумите за припадност кон религијата се многу различни во статистиките. Некои се водат од самоопределба, други од бројката на крштевки или од редовното присуство на богослужби. Но таквото броење, на пример кај најголемата- Московска патријаршија- дава многу непрецизни бројки кои се движат од 100 до 150 милиони верници.

Авторот на студијата, Метју Нами, бројот на православните христијани го проценува на 192 милиони, значително помалку од Патријаршијата во Константинопол, која во своите соопштенија го претставува Патријархот Вартоломеј како водач на 300 милиони православни верници.

Според пресметките на њујоршкиот Пју истражувачки центар, застапеноста на православните меѓу христијанското население во светот е во пад. До пред 100 години православните христијани сочинувале 20 отсто од светското население; денес се околу 12 проценти. Ваквиот развој е во корелација со севкупниот пад на процентот на христијани во Европа од 91 на 77 отсто.

ВАСЕЛЕНСКИОТ ПАТРИЈАРХ ВАРТОЛОМЕЈ Во Цариград оперираат со 300 милиони православци

Причината за демографските промени е во растечкиот број на нехристијански доселеници во Европа од Африка, Азија и Јужна Америка, но и на изразено помалиот наталитет во споредба со исламскиот свет, Индија и Кина.

Но, додека паѓа бројот на православни христијани во Европа- исто како и на католиците и протестантите- бројот на православни христијани во Африка забрзано расте. Околу 1,3 милиони православни верници живеат на овој континент каде, до пред околу 80 години, со исклучок на мала дијаспора од грчката црква, речиси и да немаше православни верници. Половината од овие верници се во Кенија, додека поголеми групи живеат и во Уганда и Танзанија.

Меѓу членките на ЕУ, Романија има најголемо православно население. Оттука не е ни чудно што најголем од православните христијани во западна Европа се Романци. Во Италија живее најголем дел од романската дијаспора: 1,2 милиони луѓе; а таму се наоѓаат и 300 од вкупно 1.300 романски црковни заедници на дијаспората во светот.

Во Германија живеат над два милиони православни граѓани. И тука околу една третина се Романци, но и некаде меѓу 400 и 450.000 православни од Грција, Србија и припадници на руската православна црква. На тоа треба да се додадат и уште најмалку 120.000 православни верници од арапско потекло- претежно бегалци од Сирија и Либан.

КОЛЕВКА Етиопија е всушност една од библиските земји, разбирлив е интересот за христијанството

Filed Under: Свет

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet