ИВИЦА ЧЕЛИКОВИЌ
Внимателно градениот имиџ на шведскиот политичар во себе мошне малку содржи „одлепеност“ од секојдневниот живот на обичните граѓани и избирачи.
Веста дека македонскиот претседател во текот на својата службена посета патувал низ Шведска со воз, предизвика медиумски публицитет. Такво нешто, сосема разбирливо, во Македонија добива третман на една од вестите на денот, имајќи предвид дека користењето на услугите на јавниот превоз ни од далеку не претставуваат некаква норма во начиниот на однесувањето на политичарите, и тоа најмалку на високопозиционираните.
Шведската амбасада во Скопје го поздрави таквиот избор на претседателот Пендаровски, кој се определи да ја користи шведската железница, бидејќи „тоа е претпочитаниот начин на транспорт низ цела Шведска за луѓе од сите возрасти и сфери на живот“. А една од причините за користењето на железничките пруги е и грижата за животната средина, бидејќи возовите придонесуваат помалку за емисиите на јаглерод отколку авионските патувања.
Во Шведска од поодамна не се гледа некаква спектакуларност во тоа што, на пример, пратеници во Парламентот, или партиски лидери во текот на предизборни кампањи, патуваат низ земјата со воз. На најширок план, сепак, не станува збор за константа во однесувањето на шведските „народни избраници“, бидејќи медиумите одвреме-навреме известуваат и за одделни појави на злоупотреби на надоместоците од страна на политичарите, на пример, за патни трошоци и одвоен живот, но тие главно се доживуваат како нешто што претставува исклучок од правилото. Внимателно градениот имиџ на шведскиот политичар во себе мошне малку содржи „одлепеност“ од секојдневниот живот на обичните граѓани и избирачи.
Пендаровски припаѓа на генерацијата која веројатно се сеќава на телевизиските снимки на почетокот на 1980-тите години, на кои се гледаше поранешниот шведски премиер Улоф Палме како пристигнува на велосипед пред седиштето на шведската Влада, или како седи со семејството во дворот на својот дом, во новоизградена населба со типски куќи за средната класа. Има и „поекстремни“ примери, како, на пример, во случајот на поранешната градоначалничка на Гетеборг, Анели Хултен, која на еден партиски собир соопшти дека ќе се обиде да стигне на конгресот на Социјалдемократската партија во Стокхолм возејќи велосипед. Релација од околу 500 километри.
Нема никакво сомневање дека Стево Пендаровски на својата неколкудневна турнеја низ Шведска имаше убава прилика да ужива во квалитетот на транспортните услуги што ги нуди шведската железница, чии возови, – не треба воопшто да се идеализира, – знаат и да задоцнат, но мошне често стигнуваат на време, па дури и некоја минута предвреме. Може да се претпостави дека македонскиот претседател уживал и во глетките од возот, исполнети со пејазажи на заштитени шумски предели и езера, чисти и средени градови и помали населени места, каде што треба вистински да се помачите за да забележите некоја срината и руинирана градба, соголена и олупена фасада, расфрлан смет, рѓосна железурија, или, пак, исечени и израмнети канти за сирење, употребени за пополнување на дупките во некоја ограда крај железничката пруга. Модерен воз, се разбира, не може да се движи, всушност не може ни да постои како брзо и ефикасно транспортно средство во еден таков девастиран амбиент.
Во Скандинавија често се користи една изрека со која се нормира начинот на однесување, посебно од морален аспект. „Живеј како што пропагираш“. Не може да се очекува дека шведски пратеници ќе патуваат со „мерецедеси“, додека во општеството се прават големи напори за изградба на разгранета железничка мрежа, како еден од најзначајните инфраструктурни проекти за модернизирање на општеството.
Дали македонскиот претседател размислува на сличен начин во извршувањето на својата значајна општествена функција, останува да се види во текот на неговиот мандат. Позитивните примери, во секој случај, секогаш бодат очи и даваат позитивен штимунг меѓу оние кои сакаат да видат и да се уверат дека постојат позитивни исчекори што даваат придонес кон градењето на заедничкото добро. Без тоа едно општество тешко може да функционира по каква било линија на прогрес.
Дел од својата набиена програма на службената посета на Шведска, македонскиот претседател ја посвети и за средби и разговори со македонската дијаспора. А и тоа секако може да се оцени како уште еден убав гест од негова страна. На дијаспората ù е потребно зближување со татковината, се чини како никогаш досега. „Ништо друго нема да помогне, освен забрзан економски развој“, нагласи Пендаровски на средбата со претставници на Македонскиот сојуз во Шведска, одговарајќи на прашање како би можело да се спречи масовното иселување од Македонија, посебно на младите.