Јасно е дека е релативно лесно да функционира тн. економска или комерцијална Европа, но, политичката Европа функционира многу подобро ако рабовите на географска Европа се пацифицирани, (не пасивизирани, туку смирени), ако се демократски, и ако се внатре во системот, наместо надвор од него, кога сигурно ќе генерираат нестабилност и надвор од своите граници.
СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ
Како Национален координатор за НАТО, моето излагање ке биде за целината на евроатлантските интеграции затоа што мислам дека пристапните процеси и во двете организации се слични, а вредностите врз кон почиваат практично идентични. Затоа и членството се поклопува во повеќе од 90 посто.
Јасно е дека се гледа светлото на крајот на западно балканскиот тунел, а тоа, според мене, последниот извештај на ЕК недвосмислено го потврдува и за Западниот Балкан и за РМ.
Точно е дека тоа не се случува за прв пат, во изминативе децении тоа светло се покажуваше и порано, во неколку наврати, кај нас, во РМ, последен пат во 2005-та, но, точно е и дека и во најтешките периоди, прозападните и прореформски сили не губеа надеж дека наспроти недемократските тенденции ќе ја вратиме државата таму каде што реално припаѓа.
Ако реинтеграцијата во европскиот меинстрим на централно европските држави по 1989 година беше сметана за морална обврска на Европа, интеграцијата на западно балканските држави, освен моралната димензија, е сосема практична потреба на локалните нации, но, и на континентот, од аспект на заоружување на проектот за сопственото стабилизирање. Имено, јасно е дека е релативно лесно да функционира тн. економска или комерцијална Европа, но, политичката Европа функционира многу подобро ако рабовите на географска Европа се пацифицирани, (не пасивизирани, туку смирени), ако се демократски, и ако се внатре во системот, наместо надвор од него, кога сигурно ќе генерираат нестабилност и надвор од своите граници.
Алтернативите на Европа се присутни во регионот веќе неколку години: илибералните модели на персонализирани автократии ги злопотребуваат локалните разлики и хетерогеноста на општествата, со цел, да покажат дека западните варијанти на либерална демократија не носат просперитет. Во РМ таквите увезени модели ги злоупотребуваат меѓуетничките односи, македонско/грчкиот спор за името, а најчесто, преку лажните вести и платената политичка пропаганда, не убедуваат дека одредени девијации во функционирањето на западните општества се правило. При тоа, намерно пропуштаат да објаснат дека станува збор само за исклучоци од правилата и дека по сите параметри – економски, политички, социјални, еколошки, образовни, западните модели на демократија се системски подобри од сите останати, независно од тоа со кој регион или организација во светот ги компарирате.
Според мое мислење, наспроти локалната перцепција, позитивни трендови се случуваат и во Европа, откако ентузијазмот за промени во Брисел објективно беше спуштен на најниско ниво по референдумот за излегување од ЕУ на Велика Британија, која беше дел од големата тројка која изминативе 15 години доминантно ги менаџираше сите битни процеси, поврзани со проширувањето на Унијата. Освен другите причини, најверојатно за таквиот тренд значајно влијание имаше зголемената свест за реалните и долгорочни консеквенци од големата мигрантска криза од 2015-та и можноста таа, во некој облик, да се повтори во наредниот период.
Република Македонија два пати во својата историја покажа завиден внатрешен капацитет за демократски исчекор, незабележан во пост- комунистичката историја на западниот Балкан. Првиот пат кога само за 4 години по конфликтот добивме статус на земја- кандидат за членство во ЕУ, и вториот пат, во јуни оваа година, со чистата препорака за почнување на преговори само 12 месеци по крајот на најригидната автократија на Балканот која се појави по падот на Милошевиќ.
Немам ниту најмала намера да ја минимизирам виталната, посредничка улога на меѓународната заедница во овие постигнуваве, напротив, но, факт е дека и пред 13 години и денес, круцијален фактор беше политичката волја на домашната владеачка структура и мнозинството граѓани кои ја поддржуваа, да се вложи себе си без остаток, но, и да ги ангажира сите потенцијали на општеството за доаѓање до целта. Да не заборавиме, Договорот со Бугарија го постигнавме без надворешна асистенција, што беше прв таков случај за сензитивни прашања на целиот Балкан, а договорот од Преспа е уникатен во светски размери, не само според количината на политичка храброст и во Скопје и во Атина, туку и со неколку аплицирани оригинални решенија за еден крајно нестандарден дипломатски спори со што конечно беше направен компромис врз достоинствена основа.
Во овој триаголник на крупни политички пробови, да не го заборавиме два пати изгласаниот Законот за јазици, што беше исто така, случај без преседан, затоа што, почнувајќи од Законот за амнестија во 2002-та, преку Законот за територијална поделба две години подоцна, никогаш ниту еден битен закон кој произлегува од РД, не бил усвоен без претходна медијација на меѓународниот фактор.
Сето ова го кажувам со цел да потенцирам дека влегувањето на Македонија во повисоките фази на евроатлантските интеграции може да биде, пред се, домашен продукт. Нема да биде подарок, туку, сатисфакција за вложените напори на одговорни политичари кое во изминатиов период, реално, преземаа чекори многу повеќе мислејќи на иднината на Република Македонија отколку на следните избори и на сопствениот политички рејтинг.
На крајот ке ми дозволите и мала доза на критика кон нашите пријатели од Европа во однос на последното и веројатно најкрупно политичко прашање кое остана за решавање на Балканот – спорот меѓу Србија и Косово.
Сеќавањата од последните војни се се’ уште свежи, раните незалечени, деструкцијата видлива во секој дел од полуостровот, помирувањето меѓу народите ниту во почетна фаза, за да дозволиме ноншалантен однос кон опцијата за можна промена на границите и размената на луѓе и територии. Межународната организација која е симбол за демократија и заштита на човековите права не би требало да поддржува став дека Белград и Приштина треба да се остават сами да го решаваат спорот и секое решение кое тие евентуално тие би го прифатиле, по автоматизам да биде прифатливо и за сите останати.
Образложението дека таквото решение би важело само за тие две држави и само во тој случај е наивно затоа што радикалните националисти и вооружени екстремисти кои сеуште постојат на овие простори никогаш ниту ги читаат, ниту пак се интересираат за потпишаните билатерални договори.
Според мене, отворањето на прашањето за границите на Балканот сигурно ќе значи ревизија на сите, до сега, постигнати мировни договори од Дејтон, преку Кумановскиот договор за Косово до нашиот РД. А тоа во истиот момент ќе значи милиони бегалци кон западна Европа, широко отворен простор за пенетрација на тероризам со верски предзнак и продор на илиберални модели на владеење, или во превод, доаѓање на сцена на неколку нови регионални диктатори.
Последната поддршка во Македонија за членство во НАТО и ЕУ е околу 80 отсто, и таква не е забележана во ниту една постојана земја членка. Затоа одложувањето на преговорите за јуни 2019 сигурно не можеме да ги толкуваме како поддршка на реформаторите кои направија политичко чудо со македонско/грчкиот договор,а во исто време беа лош потег од аспект на репутацијата на Унијата.
Западниот Балкан не мора секогаш да биде третиран само како бафер зона за потенцијалните бегалски бранови, туку и како простор во кој практично ќе бидат реализирани европските идеали за политичка заедница, обединета во различности.
На 30 септември со поддршка од нашите европски партнери и пријатели, очекуваме уште една јасна проевропска и проатлантска одлука на нашите граѓани кои до сега никогаш ја немаат погрешено стратешката насока по која треба да се движи земјата.
(Прогрес конференција /РМ и ЕУ – 31.08.2018 година)