Колку што јас знам, не се опфатени луѓето коишто дадоа наредба тоа да се направи, бидејќи тоа е договорен настан, да нема никој дилеми околу тоа, и луѓето кои спроведуваа одредени претходни подготовки тој настан да се случи, и тие се случуваа на територијата на Косово и на територијата на јужна Србија
Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за „360 Степени“, зборуваше за датумот за почеток на преговори со ЕУ и одложувањето на одлуката за октомври.
– Реално, европските институции така постапија заради ставот на германскиот Бундестаг. Она што е важно, а не сум сигурен дека до крај го убедивме нашиот народ, меѓутоа, за тоа има куп докази… одложувањето за септември, односно октомври, е само од технички причини. Можеме да ги анализираме сечии изјави, вклучително и на владејачката партија во Германија… можеби еден-двајца пратеници ќе кажат дека треба уште нешто, меѓутоа ставот на германската влада е кристално јасен, ставот на холандскиот парламент е кристално јасен, за тој документ во однос на Македонија. Ставот на Франција го знаеме, мене ми е криво што луѓето од влада тоа не го соопштуваат.. ставот на Франција за Северна Македонија е кристално јасен, односно дека тие нема да прават никакви приговори за почнување на преговори – рече Пендаровски.
Тој рече дека во секоја од земјите може да се најдат политичари кои имаат ставови против проширувањето, но дека официјалниот став на владите во сите земји е за почеток на преговори со нашата земја.
– Ви тврдам, ниту францускиот претседател, ниту француската влада имаат против почнување на преговори што е можно побрзо. Апсолутно сум сигурен во ова. Разговарав со сите битни носители на функциите во клучните европски држави и во оние што до сега беа перцепирани како можни опструктори на процесот – Франција, Германија, Холандија и Данска – рече Пендаровски.
Тој зборуваше за германскиот Бундестаг и кажа дека од сега се знаат двете есенски сесии и дневниот ред, како и дека канцеларката Меркел го уверила премиерот Заев дека ставот е тој, без ниакква дилема.
Вели претседателот Стево Пендаровски, во интервју за „360 Степени“, каде зборуваше и за настаните од „Диво Насеље“ и судскиот процес за овој случај.
– Моите информации се дека во тековниот процес за Диво Насеље не се зафатени сите клучни актери кои учествувале во подготовката или во позадинското менаџирање на настаните. Значи, зафатени се… дали баш сите до еден, не навлегувам во тоа… меѓутоа, зафатени се воглавно луѓето кои оперативно излегоа на терен и ги направија тие безбедносни проблеми во предградието на Куманово. Колку што јас знам, а нешто знам во тој дел, не се опфатени луѓето коишто дадоа наредба тоа да се направи, бидејќи тоа е договорен настан, да нема никој дилеми околу тоа, и луѓето кои спроведуваа одредени претходни подготовки тој настан да се случи, и тие се случуваа на територијата на Косово и на територијата на јужна Србија – рече Пендаровски.
Тој зборуваше и за ветувањето на владејачката коалиција за меѓународна истрага велејќи дека тој на координации пред избори инсистирал на меѓународна правна помош.
– Не знам зошто тоа досега не е направено. Тоа не е прашање за мене да го одговорам, меѓутоа и мене ме интересираше, затоа што, тврдам, дека случај кој има меѓународен аспект, а три држави се инволвирани, би било добро да се одработи со заедничка меѓународна акција. Јас апелирам до надлежните органи, да побараат помош – рече Пендаровски.