За „крахот на правосудниот систем“ се виновни оние кои „работат таму и кои не работат според закон“ и оние кои „се подложни на влијание од политички или економски центри на моќ“ – вели шефот на државата

Ниту еден од најкрупните случаи на СЈО, осум години од неговото формирање до денес, не се завршени, а сега велат, ќе застарат бидејќи се намалуваат и роковите за застареност кои се врзани со најголемата запретена казна. Па, што правевте досега осум години, зошто не се осудени, вели претседателот на државата Стево Пендаровски во емисијата „Трилинг“, нагласувајќи дека за „крахот на правосудниот систем“ се виновни оние кои „работат таму и кои не работат според закон“ и оние кои „се подложни на влијание од политички или економски центри на моќ“.
Една од најчестите критики од Брисел и од судот во Стразбур, според Пендаровски, е што земјата најчесто не суди во правичен рок.
– Да ја видиме реалноста во очи. СЈО е направено септември 2015 година, до денеска осум години. Последните три години сите предмети на тогашното СЈО се префлија во редовните обвинителства. Осум години ние имаме прилично беден рекорд, запис на крајот на сите тие предмети. Колкумина од нив се осудени, клучните работи кои ги споменуваме, провизии кои се барани, не се докажани. Осум години се малку, па колку, да ги оставиме уште 28 години да судат, посочува Пендаровски.
Во однос на измените на Кривичниот законик и зошто токму сега се носат, Пендаровски вели дека не се работи за неказнивост, бидејќи, како што појасни, не се укинува тој член, туку се намалуваат казните, но и понатаму има казни за тие дела.
– Не станува збор за неказнивост. Ако зборуваме за клучниот став кој е модификуван во 353 „злоупотреба на службена положба“. Во 4 од 5 става досега имаше пропишано казни, а и понатаму пропишано казни. Неказнивост е ако се брише, тоа се декриминализира. Се вели: „По тој и тој член никој веќе нема да одговора, тој член нема да постои“. Значи наместо 10, една запретена казна е сега 5 години, наместо 5 сега е 4 години, значи не станува збор за неказнивост. Петтиот став кој е избришан бидејќи беше прилично широко поставен и досега имаме исклучително мал број докажани случаи, петтиот став досега бараше две работи да се докажат: прво дека си ја злоупотребил положбата функционер, политичар со тоа што си прибавил имотна корист за себе и со тоа си го оштетил буџетот или трета страна, појасни Пендаровски.
На прашањето „зошто си избра овој тајминг и зошто вака експресно се донесе овој закон“ претседателот Пендаровски вели дека го потпишал указот само затоа што му е донесено на маса како текст на законот, велејќи дека „не ги знае мотивите зошто токму сега се носат измените во Кривичниот законик“.
Во однос на наводите дека власта се штити со носењето на ваквите измени, Пендаровски посочи дека тоа ќе било случај ако целосно се избришел членот 353.
– Ако кажевме имаше десет или пет години по одредени ставови, сега е нула, не постои. Тогаш би рекле дека е амнестија и за идни дела. Тоа постои, намалени се казните и олеснета е проширената конфискација, изјави Пендаровски.

Пендаровски вели дека низ „политичката чаршија“ со месеци кружело дека ќе го амнестира Груевски, но тоа се шпекулации и никогаш нема да го направи.
– Ако ги слушам шпекулациите од нашата политичка чаршија, но да бидам и поексплицитен, на едно неформално ниво од пред седум-осум месеци некои актери од политичката сцена ме консултираа околу таа можност и што мислам за таа можност. Им реков децидно дека тоа не би го направил никогаш, бидејќи тоа би било уривање на правната држава, изјави Пендаровски.
Таков тип на милосрдие, според Пендаровски стои во Уставот, но тој не мислам дека е „султан или монарх во оваа држава за такви кривични дејанија самиот да пресудува и решава“.
– Има судски постапки. Низ судски постапки, за мерцедесот се докажа, мислам дека и за шамарите во Центар се докажаа пресудите. На што би личело јас од оваа позиција тука да кажувам. Тоа не би го направил за мој најблизок роднина, а не пак за било кој друг политичар, изјави Пендаровски.
Прашан дали потпишувањето на измените на Кривичниот законик се во насока за поддршка за втор мандат, Пендаровски одговори дека мотивацијата ја кажал претходно.
– Ако некој мисли дека во петтата година од својот мандат со потпишување или непотпишување на еден единствен закон ќе добие политичка поддршка од некои битни политички чинители во актуелната влада за евентуален втор мандат, тој не разбира ништо од политика, изјави Пендаровски.
За Законот за амнестија, Пендаровски рече се работи повеќе месеци, а примарниот мотив е да се ослободат оние кои имаат пред се до шест месеци казна затвор и да се намали затворската популација, што според сите извештаи на Советот на Европа е преголема.
Во контекст на измените на Кривичниот законик, прашан дали власта во земјава се надева на помош од поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а сега бегалец во Будимпешта за обезбедување на двотретинско мнозинство за промена на Уставот, шефот на државата категорично вели дека со овие измени на КЗ Груевски не може да се врати во Скопје.
„Прво, сосема кусо, (Сашо) Мијалков не беше главниот за обезбедување на осумте пратеници за Преспа (за промена на уставното име н.з.), меѓутоа ќе го оставиме тоа на историчарите да го коментираат. Кажете ми, како Груевски ќе помогне од Будимпешта за дветретини врзано за законските промени што ги говориме. Не знам дали утре ќе се случи друго-трето, какви махинации се возможни, јас не сум во тек, не ги знам тие работи, ако ги има. Меѓутоа, врзано со овој закон, Груевски не може со овие измени на Кривичниот законик да се врати во Скопје. Или можеби мислите дека е маѓионичар, па од Будимпешта ќе направи десет пратеника“, рече Пендаровски.
„На едно неформално ниво од пред седум-осум месеци некои актери од политичката сцена ме консултираа околу таа можност, што мислам околу таа можност. Им реков децидно дека тоа не би го направил никогаш, бидејќи тоа би било рушење на правната држава. Таков тип на милосрдие стои во Уставот, но јас не мислам дека сум султан или монарх во оваа држава за такви кривични дејанија самиот да пресудувам и да решавам што е право, што не“, изјави шефот на државата во вечерашното интервју за емисијата „Трилинг“ на ТВ 24
Вели дека указот за измените на Кривичниот законик го потпишал затоа што му бил донесен на маса, одобрен од Собранието, како текст на закон, а дали има мотивација со нив да се овозможи нешто друго, рече дека за тоа треба „кај Владата да прашате“, оти тој не знае
Шефот на државата Стево Пендаровски вели дека не ги знае мотивите зошто токму сега се донесоа измените на Кривичниот законик, но, според него, не станува збор за неказнивост, бидејќи и понатаму има казни за кривичните дела од членот 353 за злоупотреба на службената положба и овластување. Тие се намалени, вели претседателот, но олеснета е проширената конфискација на имот.