Пендаровски како паралела посочи дека токму младите генерации биле главните двигатели за државност во илинденскиот период и во екот на Народно-ослободителната војна
Надворешните пречки не смеат да бидат алиби за забавување на реформите. Напротив, мора да го мобилизираме секој сегмент од општеството во искоренување на корупцијата, непотизмот и криминалот, рече претседателот на обраќањето во Пелинце по повод Илинден
Сеќавајќи се на трите македонски републики – Крушевската од 1903-та, АСНОМ-ската од 1944 и независната од 1991 година, треба да бидеме свесни дека само од нас зависи дали четвртата македонска република ќе биде европска или емигрантска.
Тоа го истакна претседателот Стево Пендаровски на свеченоста што по повод националниот празник Илинден се одржа во меморијалниот центар кај Пелинце, посветен на Првото заседание на АСНОМ.
Пендаровски својот говор го фокусира на иселувањето на младите и опасностите кон државата што може да ги донесе таа појава. Како паралела посочи дека токму младите генерации биле главните двигатели за државност во илинденскиот период и во екот на Народно-ослободителната војна.
„Ако поради преурането востание, младата илинденска генерација беше безмалку десеткувана, денес, поради задоцнети европски реформи постои опасност нашата млада генерација да биде раселена“, рече Пендаровски.
Претседателот посочи дека корупцијата во општеството и злоупотребата на младите за политички цели е една од причините за нивното забрзано заминување.
„Надворешните пречки не смеат да бидат алиби за забавување на реформите. Напротив, мора да го мобилизираме секој сегмент од општеството во искоренување на корупцијата, непотизмот и криминалот. Уште поважно, токму европските реформи ќе ни помогнат да го оствариме нашиот витален национален интерес, а тој е, да ги мотивираме младите да останат во државава и да се вклучат во изградбата на европска Македонија“, истакна македонскиот претседател.
После свеченоста кај меморијалниот центар во Пелинце, македонска државна и владина делегација, на чело со Пендаровски замина во манастирот „Св. Прохор Пчински“ каде во 1944 година, со Првото заседание на АСНОМ се удрени темелите на македонската државност.
Домаќин на македонската делегација беше српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Тоа што манастирот се наоѓа на странска територија, не значи дека не би требало да доаѓаме и да не им оддадеме почит на тие што го направиле тој државотворен чин. Посебно сакам да се заблагодарувам што годинава српската делегација е лично водена од претседателот на република Србија. Се надевам, дека за век и векови, оваа традиција ќе продолжи и нема да се прекинува“, рече Пендаровски во манастирот „Св. Прохор Пчински“.
Вучиќ, пак, во своето обраќање укажа дека со денешно заедничко одбележување на македонскиот национален празник, се потврдуваат исклучителните односи меѓу Србија и Северна Македонија.
„Ние, Србите ги сакаме Македонците, го сакаме македонскиот јазик, не сметаме дека не постои. Одлично го разбираме македонскиот јазик. Немам никаков проблем да кажам дека ние не само што сме пријатели, туку и дека како народи имаме братски односи. Секако верувам дека тие односи ќе продолжат да се развиваат“, рече Вучиќ и рече дека ќе продолжат проекти за трговска размена и железничко поврзување меѓу двете земји со брза пруга.
„Ги сакаме Македонците и Македонија, ништо не бараме, ништо не ни е потребно, освен да соработуваме уште подобро, уште повеќе“, рече Вучиќ и го честиташе празникот Илинден.
На Пелинце беа присутни претставници и од домашните политички партии, евроамбасадорот Дејвид Гир, како и претставници од странските амбасади.