Во еден од повеќето настапи на Конференцијата Пендаровски посочи на падот на интересот за ЕУ во регионот, посочувајќи го македонскиот пример, дека и по тешки компромиси, државата нема напредок во интеграцијата кон ЕУ
Според соопштенијата на прес службата на претседателот Пендаровски тој деновиве присуствуваше на тридневната традиц ионална Безбедносна конференција, која се одржува по 60-ти пат.
Војните во Украина и Газа беа во центарот на дискусиите меѓу светската политичка и воена елита, која се собира овој викенд на традиционалната безбедносна конференција во Минхен. На годишната конференција, позната како „Давос за одбрана“, учествуваат педесетина шефови на држави и влади, многубројни министри за надворешни работи и за одбрана, безбедносни експерти и лидери на меѓународни организации.
Центарот на Минхен беше под силно полициско обезбедување. Собирот се одржува неколку дена пред втората годишнина од руската инвазија на Украина и четири месеци од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас што се прошири низ Блискиот Исток, вклучувајќи го и конфликтот на Западот со Хутите во Јемен.
Како што информира Кабинетот на претседателот Пендаровски, шефот на државата учествуваше на настанот „Дали Западен Балкан е дел од големата слика? Мапирање на новата европска безбедносна архитектура“ во организација на Центарот за безбедносна политика од Белград и Центарот за безбедносна политика од Женева.
Пендаровски учествуваше и на настаните „Фокус на Балканот“ и „Насоката за трансатлантската заедница после Минхен“ организиран од Атлантскиот Совет.
За време на учеството на Минхенската безбедносна конференција до 18 февруари, предвидено беше претседателот Пендаровски да оствари повеќе средби со дел од учесниците на собирот. Во фокусот на разговорите на претседателот Пендаровски ќе биде европската интеграција и безбедносните состојби во регионот и во евро-атлантскиот простор.
Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на 60. Минхенска безбедносна конференција денеска говореше на панел-дискусијата „Фокус на Балканот“, на која учествуваа и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, премиерот на Република Албанија, Еди Рама и американската сенаторка Џејн Шахин, член на Комитетот за меѓународни односи на Сенатот на САД.
На настанот се диксутираше за перспективите за интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, и можностите за деблокада на процесот.
Во однос на перспективите за промена на Уставот, како пречка за натамошно продолжување на интеграцијата на Северна Македонија, претседателот Пендаровски рече дека до одржувањето на изборите тоа нема да е можно, бидејќи земјата веќе е во т.н. техничка фаза со формирањето на преодната влада, чија единствена задача е организирањето на фер и демократски избори.
Пендаровски посочи на падот на интересот за ЕУ во регионот, посочувајќи го македонскиот пример, дека и по тешки компромиси, државата нема напредок во интеграцијата кон ЕУ.
Тој додаде дека Европската Унија не е прашање на денот години наназад во целиот регион на Западен Балкан, не само во Северна Македонија, посочувајќи дека блокадата на патот кон ЕУ носи поларизација и помеѓу самите македонски граѓани во однос на ЕУ, не само на етничка основа.
Говорниците на панелот посочија на потребата од обезбедување на јасна европска перспектива за државите-кандидати за членство во ЕУ, што позитивно ќе влијае на севкупната стабилност и просперитет на регионот.
На настанот беше истакната и важноста на поддршката што САД ја даваат на процесот на европска интеграција на земјите од регионот и за продолжување на реформската агенда во тој контекст.
Во меѓувреме македонската јавност дозна дека деновиве во Минхен престојуваа и техничкиот премиер Талат Џафери и шефот на дипломатијата Бујар Османи. Имаше коментари дека вака шаренолика репрезентација немало ама секако треба да се врзе за некои партиски пресметки во предизборниот период во земјава.