Следната година ќе се допре бројката од фамозната милијарда евра а следната година се оди и преку таа лествичка
ЕЛИДА ЗИЛБЕАРИ
Сумата за редовна исплата на пензиите значајно ќе расте следните две години. Ќе се зголемува и бројот на пензионери. По увидот во новиот Стратегиски план 2020 – 2022 година на државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување, „Порталб“ објавува дека проекциите укажуваат на тоа дека во 2022 та година за редовна исплата на пензии ќе бидат потребни повеќе од 1 милијарда евра.
Во 2022 година 10 150 пензионери повеќе во однос на годинава …
Во 2022 та година во споредба со годинава, прогнозите на ПИОМ покажуваат дека во земјава бројот на пензионери ќе се зголеми за нови 10 153 лица – нови корисници на пензија. Стратегискиот план 2020-2022 што ги содржи проекциите за бројот на пензионери и сумата потребна за редовна исплата на пензии, укажува на нагорен тренд на бројот на нови корисници на пензија.
Корисници на пензија
2020 година 327 125
2021 година 332 163
2022 година 337 278
Ќе расте бројот на пензионери, ќе растат и расходите на државниот фонд кој е зависен од парите на Централниот буџет – без чии трансфери не може да исплатат пензии. Податоците покажуваат дека менаџментот на ПИОМ проектира раст на расходите за пензии, кон приватните пензиски фондови, за плати и надместоци на вработени.
Конкретно, годинава според стратегискиот план само за исплата на пензии на ПИОМ му се потребни 946 милиони евра. Оваа сума се зголемува следната година на ниво од 980 милиони евра, а во 2022 та година надминува 1 милијарда и 20 милиони евра.
Заклучно со првото економско полугодие – во земјава имало 324 518 пензионери, најголем дел од нив или 206 421 примаат пензија од 11 863 денари до 39 356 а само мал дел, односно 2 587 пензионери имаат месечна пензија од 39 356 денари до дури 53 371 денари.
На крајот од 2019 та година во земјава имало 322 704 пензионери додека во државната фонодвска каса придонеси плаќале 581 405 осигуреници што значи дека на еден корисник на пензија имало 1,8 вработени – лица кои плаќале придонеси.
Одржливоста на државниот пензиски фонд стана хроничен проблем кој се заостри во 2007 та година по реформата во пензискиот систем и воведувањето на вториот пензиски столб, а потоа и со намалувањето на даночните стапки, конкретно во 2019 та придонесот за пензиско осигурување изнесуваше 21,2%, а во 2010 та се намали на 18%. Следуваа години на даночни ослободувања од придонеси за одделни категории на вработени, што дополнително ги затвори вентилите за финансисрање на државниот ПИОМ. Оваа состојба ја нотираа и ревизорите во еден од последните извештаи со кои под лупа се стави состојбата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
“Во 2018 година за покривање на дефицитот трансферирани се средства во износ од 478 милиони евра. Утврдената состојба е резултат на стапката на невработеност, законските решенија за ослободување и повластеното плаќање придонес, неповолниот сооднос на бројот на вработени и пензионери, 1,83 вработени на 1 пензионер, висината на стапката на задолжителното ПИО која согласно законските решенија на Фондот изнесува 18% заклучно со 2018 година – пишуваат ревизорите.
Дополнително констатираат дека учеството на изборните приходи од наплатен придонес секоја година се намалува додека расте износот на средствата кои се одвојуваат од Централниот буџет за покривање на дефицитот во ПИОМ па така парите од државниот Буџет во 2011 та година во приходите на ПИОМ учетвувале со 35,7% додека во 2018 та се искачуваат на ниво од 43%. Лани регистрирано е намалување на ова учество на државните средства во алиментирање на дупката во касата на државниот фонд.
СДСМ која според првичните резултати е победник на предвремените паралментрани избори, доколку ја формира новата Влада, најавува натамошно зголемување на пензиите, но според моделот на усогласување со трошоците на живот, односно не се нуди фиксен гарантиран износ за линеарен пораст на пензиите.