ВОЈО МАНЕВСКИ
Како граѓани на оваа држава мораме да влеземе во посуштинска дебата околу одржливоста на досегашните форми на пензиска и социјална политика. ПИОМ е Фонд заснован на генерациска солидарност и неговата суштина е „сегашните генерации кои уплатуваат во него ги обезбедуваат пензиите за генерациите кои го исполниле условот за пензија“
Ставот на Фискалниот совет како анализа на состојбата во Фондот за пензиско осигурување и предлог на мерки, веднаш наиде на политички или синдикални одговори. Предлогот наместо да се анализира како излезно решение се дочека како уште една тема за натпревар меѓу партиите и синдикалните организации. Како и да свртиш сите се во право, ама тоа не нуди решение. Како граѓани на оваа држава мораме да влеземе во посуштинска дебата околу одржливоста на досегашните форми на пензиска и социјална политика. ПИОМ е Фонд заснован на генерациска солидарност и неговата суштина е „сегашните генерации кои уплатуваат во него ги обезбедуваат пензиите за генерациите кои го исполниле условот за пензија“. Дефинициите кај нас се толку релативизирани од популистички политики што тешко дека и најдобриот социолог би можел да ги подведе под нејзините рамки.
Како илустрација би навел само еден пример на кој бев присутен. Во мојот Штип вчера беше словенска делегација од нивните здруженија на работодавачи и пред моите работоспособни граѓани ги презентираа условите за работа во Словенија. Судејќи според интересот, а и рекламите кои им ги прават локалните медиуми не се сомневам дека ќе имаат корист од мисијата. Како новинар поставувам прашање. На која спогодба со ЕУ се темелат ваквите колонијалистички активности? Имаме ли со Република Словенија ваков договор според кој нашите сограѓани ќе ги пополнат потребните работни места во словенската економија? Кои се правата на нашите граѓани таму, како нивни работници, ама наши граѓани? Доколку им се нарушат правата која држава треба да ги заштити? Мачен ми беше впечатокот морам да признам. Како во крајот на шеесеттите кога преку Заводот за вработување маса мои роднини и сограѓани одеа на „привремена работа“ во Германија. Се сеќава ли некој на песната „возот браќа тргнува право за Германија“? Тажна ми е помислата мој народе кога направам паралела. Се менува ли нешто во корист на овој народ или неговата печалбарска и иселеничка судбина му е константа? Сите тие што ќе отидат да работат во Словенија и сите оние што веќе работат во европските држави своите придонеси ги уплатуваат во нивните фондови. Кога ќе исполнат услови ќе имаат нивна пензија. Така е кога секој си го прави својот есап. Тие ќе имаат пензија од социјалната солидарност на државите во кои работеле и уплатувале во тие фондови. Овде сѐ помалку има работници кои ќе уплатуваат во нашиве фондови и Фондот нема да може да исплатува пензии токму на нивните родители кои очекуваат генерациска солидарност.
Да се вратам на анализата и предлогот на Фискалниот совет. Народите опстануваат и се развиваат само кога имаат јаки и одговорни институции. Формирани на демократски начин и со закон утврдена одговорност. Која е таа карактеристика на сите граѓани на РСМ кога сѐ што може да ни понуди излез или ни ја подотвори вратата кон подобро утре ја претвараме во пародија. Членовите на Советот врз основа на податоци кои ги имаат и економската логика која им нуди решенија предложиле зголемување на работниот век на 67 години. Тоа што го имаат како податоци им вели дека Фондот на оваа основа не може да ја врши својата функција уште долго. Нашето разбирање дека сѐ зависи од личностите кои во дадениот момент ја исполуваат содржината на институциите нѐ доведе до ова дереџе. Ни најсовесната и највредната личност не може да ги замени институциите, кои демократски се формирани и имаат одговорност кон граѓаните. Личностите се ограничени со мандат и со животен век, а институциите треба да се оформени за напредок на заедницата. Некогаш не се според интересот на заедницата, која секогаш е конзервативна и не е подготвена на промени. Затоа демократските институции треба да се пополнети со одговорни граѓани, а не со партиски послушници. Тие треба да се носители на одговорноста за опстанокот и развојот на заедницата како и да биде крстена (село, град, држава, сојуз на држави).
Немам намера да го бранам Економско-социјалниот совет, туку да се придружам на дебатата која мора да е суштинска и заснована на економска одржливост, а не на дневните политички интереси. Нашиот пензиски фонд е неодржлив без дотациите од буџетот. Таа констатација е стара колку и независна Македонија. Имаше периоди кога тој процент беше околу 25%, ама имаше периоди кога се доближуваше и до ПОЛОВИНА од потребните средства за исплата на пензиите.
Сега слушаме дека треба да се поострат мерките кон сивата економија и непријавување на вработените како и исплатата на рака или како минимална плата. Ако има нешто што е за пофалба на Владата од 2008 година е воведувањето на бруто плата како услов за исплата на платите на вработените. И со таков закон се најдоа разни марифетлуци да се избегнува обврската од законот. Работниците притиснати од и онака малите плати, а се деценија или повеќе од денот на пензионирање прифаќаа сѐ за да опстанат. Сега кога одат во пензија она што им е уплатувано е на работ од минималната пензија. Работодавачите велат дека се приморани на такви книговотствени операции зошто структурата на економијата и нејзината ниска доходовност не им овозможува да исплаќаат повисоки плати. Тие одговорноста ја препраќаат на адреса на админстрацијата и нејзината неефикасност заедно со големите трошоци за нејзино сервисирање.
Владите мора да се грижат за својата популарност и често носат неекономски мерки и наместо да ја одржуваат макроекономската стабилност со даночната политика, одредуваат минимални плати и покачуваат пензии. Смешни се изјавите на партиските претставници кога гордо изјавуваат дека ги покачиле платите и пензиите. Ако е изворот задолжување на домашен или надворешен план тогаш тие ама ништо не покачиле, туку само нѐ задолжиле уште повеќе. Веројатно генерациската солидарност ја разбираат како превземање на обврски за идните генерации за кои не знаеме ни што ќе работат или што е пострашно каде ќе работат и кои фондови ќе ги полнат.
Ако се намали администрацијата ќе има социјални, а кај нас и протести со националистичи рефрени како неправда кон одреден национ. Ако се зголеми данокот ќе има зголемувања на сивата економија зошто ваквиот државен апарат не е способен да ја изврши таа задача. Партизацијата е евидентна препрека во ефикасноста на државните институции.
Да не ги редам препреките или непринципиелностите кои ќе го затрупат било кој рационален предлог за реформи во пензискиот систем. Еднаш напишав дека не се изведливи парцијалните реформи, туку е потребна суштинска реформа на економски, социјален и посебно политички план.
Но, дебатата како демократски израз на интересите на разните слоеви на граѓанството ни е нужна. Изгледа излез за пензискиот фонд ни е негова потполна интеграција во државниот буџет со потребна даночна реформа и напуштање на принципот на генерациска солидарност. Нема солидарност од генерации кои нема да постојат. Сериозно разгледување на австралискиот и новозеландскиот модел на пензија за сите граѓани кои исполнат одреден број години (таму е 67 години за мажи и 64 години за жени) и заснованост на пензијата врз годишните приходи на примателот. Доколку примателот има повеќе од 26.000 долари годишен приход пензијата се одложува за годината кога ќе има приход под таа граница. Сите други форми на заштеда на граѓаните за старост е врзана за разни осигурителни и инвестициски фондови.
Знам дека веднаш ќе бидам нападнат за неправда кон оние што досега ја исполнувале својата генерациска солидарност и уплаќале повеќе од таквата пензија, ама сите сме свесни дека реформите се нужни. Ако сега не ги започнеме реформите може да дојдеме во состојба пензиите секако да бидат социјална помош која државата ќе ја одредува и ќе ја плаќа од буџетот. Само тогаш со право политичарите ќе велат „ви ги покачивме пензиите и од нас зависи нивниот износ“. А можеби така и сака мојов народец. Кога веќе имаме господар тој и нека се грижи за сѐ, па и за пензиите. Македонијо, се претвораш во земја на пензионери и државна администрација.