Советот на град Скопје донесе заклучи околу загадувањето и … толку- констатира советникот Пенов. Цивил медиа –

На последната вонредна седница во Советот на Град Скопје посветена на загадувањето во главниот град и неговите причинители, советникот од ЛДП, Ристо Пенов, изјави дека тој, лично стравува дека и вонредната седница ќе помине како досега, во општи констатации и неверување дека нешто навистина може да се промени, додека искуствата во светот говорат дека големи промени се можни и тоа со не толку многу средства.
„Ние откако го донесовме заклучокот за Цементарница Усје, иако е тој премногу општ, се рашири еден дефетизам, ‘кој тоа може, чини многу’… па ние само да ги прашаме сопствениците на Цементарница Усје како им ги затворија во нивната држава цементарите и колку им платија? Кога ние ќе си ги поставиме условите што се потребни, тогаш тие самите се повлекуваат. Мора да почнеме од фактот дека во 2025 година никој со мал прст не мрдна за загадениот воздух во Скопје. Ниту градот Скопје, ниту институции, ниту владата, никој ништо не направи со било каков ефект и затоа е состојбата ваква каква што е“, изјави Пенов.
Тој додаде дека „мора да признаеме после последната прес конференција на Државниот инспекторат за животна средина дека таа институција не е сојузник во нашата битка, затоа што тие констатираа дека е сѐ во ред“.
„Неколку казни напишаа, не ни кажаа што и како нѐ загадило, од што да се штитиме… плус тоа, ни кажаа и дека не си ја работат работата. Конкретно, додека цело Скопје врие околу Цементарница, државниот инспектор бил во две инспекции во Цементарница, на 18.11 и на 20.12. Четириесет дена за две инспекции кога градот се гуши и кога сите факти говорат дека во Цементарница се гори и петрол бокс и увезено ѓубре од непознат квалитет, можеби со документи, но на нашата царина кој може да ѝ верува?“, прашува Пенов.
Град Скопје исто така има вработен инспектор за животна средина, кој бил во една инспекција на Цементарница, само на 18.11 (кога и држниот инспектор –н.з.).
„Ние овде правиме вонредни седници, носиме вонредни заклучоци, тој не најде за сходно да нѐ информира што видел и што гледа кога оди во Цементарница. Или да побара совет, да му кажеме што да види. Затоа што не мора многу високо на Водно да се качи, гледате дека тој оџак чади колку 10.000 станбени единици што не можат да зачадат и формира еден црн талог, најпрво низ Лисиче и покрај реката Вардар, а потоа тоа се распоредува и во центарот на Скопје. И ние на тоа ќе молчиме и ние тоа ќе го прифатиме и ние само ќе констатираме низ некакви заклучоци; или сме и ние некаков орган, некаква власт и можеме нешто да преземеме или да се изјасниме и да побараме некој да го преземе што е надлежен во наше име“, вели Пенов.
Советникот Пенов посочува дека Советот исто така има и свои задачи кои сѐ уште не ги исполнува.
„На 25 декември донесовме Буџет и ставивме ставка „филтри за оџаци“. Имаме нешто преземено? Ќе речеме ај, краток период, празници, во ред. Но Скопје гори. Скопје е под пожар. Тоа можеби не може туку така да се набави, дури јас и не знам дали постојат такви филтри на домашниот пазар. Но, да преземеме нешто. Кој ќе ги монтира тие филтри? Тие луѓе што од социјални причини горат сѐ и сешто да стават филтри? Па да потрошат уште 1.000-2.000 денари за мајстор? Тоа е мисловна именка и тоа мораме ние да го направиме. И мора да определиме од таа сума колку за монтажа, колку за набавка?… да направиме тендер, сигурно треба, од Бирото итна набавка, да видиме кои типови филтри ќе ги набавиме“, вели Пенов и посочува дека времето ги гази и доколку сега се почне, за наредната зима нема да има некаков ефект.
Пенов заклучи дека „потребно е да се има волја за да се дискутира, но треба таа дискусија да има и некаков ефект, затоа што советниците во Советот на Град Скопје ги претставуваат граѓаните кои на нив им дале доверба за да ги променат работите, а не само да дискутираат“.
Орце не блефира – казни од 53.000 евра за загадувачите!
Донесени се мерки против 45 загадувачи, кажува градоначалникот, но не ги објавува имињата на загадувачите. Треба ли да му се верува- прашува Цивил медиа. И ја пренесува атмосферата од последната седница на Советот на градот Скопје. Истата беше посветена на амбиенталниот воздух.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на истата истакнал дека по долго време за овие прашања се дискутира искрено и конструктивно, без политиканство, со цел да се преземат конкретни мерки.
„Загадувањето не се решава преку ноќ и не е проблем кој ние го создаваме, но сега е наша обврска да делуваме“, рекол Ѓорѓиевски.
Навел конкретни мерки – во периодот од 6 ноември до 1 јануари се изречени 90 прекршочни платни налози и глоби, издадени се 33 решенија за задолжување, направени се 35 вонредни инспекции и врачени 290 опомени
„Само во овој период, инспекторите за животна средина спроведоа над 45 вонредни надзори на правни субјекти во кругот на поранешни фабрики ОХИС и Стаклара, како и во општина Сарај. Изречени се глоби од 1.000 до 53.000 евра. Одговорните лица во правни субјекти добија по 3.000 евра, а десетици физички лица беа казнети со по 250 до 500 евра за неправилно одлагање на отпад“, додаде градоначалникот.
Контролите на градилишта и јавни површини исто така биле засилени:
9 градилишта контролирани од инспекцијата за патен сообраќај и патишта, 240 контроли на градилишта од комуналната инспекција, 25 опомени, 11 изречени глоби од 1.300 евра.
Комуналните редари изрекле повеќе од 60 казни.
Инаку Буџетот за 2026 година обезбедува 64 милиони денари за животна средина, во споредба со 24 милиони во 2025 година. Дополнително, се обезбедени 220 милиони денари за подигање и одржување на јавно зеленило и паркови, како и за субвенции и мерки за домаќинства.
„Со обединета работа, засилени инспекции и конкретни мерки, можеме да го заштитиме здравјето на нашите сограѓани и да создадеме Скопје во кое децата и идните генерации ќе растат безбедно и здраво“, рече Орце Ѓорѓиевски.
Скопје заслужува ред, зелени паркови и чист воздух – и ние тоа го правиме со видливи, мерливи и трајни резултати.
Име на ниту еден казнет не беше објавено, ниту на седницата ниту по неа!




