Ексгувернерот го коментира интервјуто на сопственикот на пропадната „Еуростандард“ во неделникот „Фокус“. Случајот со „нашата“ Нина говори дека треба да се размисли што да се прави и со такви случајни минувачи низ државниот систем – вели Гошев а опозицијата да не сее магла и да не шири паника, зашто и тие како граѓани ќе жнеат од таа магла
Неодамна во своја колумна ексгувернерот Петар Гошев се задржа на тврдењето на главниот акционер во „Еуростандард“ банката Трифун Костовски дека истата е затворена иако била „златна кокошка“. Но, Искусниот Гошев, согледувајќи ги јавно достапните факти најпрвин се согласува со тоа дека 15 години Банката не поделила дивиденда.– бројките за отсуството на дивиденда се во сите годишни извештаи на Банката. Но, ако е така, тогаш таа, евидентно, таа банка не била „златна кокошка“, туку „искубан петел“, „липсано магаре“, или „бунар без дно“. А таквиот случај не привлекува атрактивни инвеститори, туку, некој што не е „со сите“, или нови матикаши, заклучива Гошев и констатира дека „да му кажеле на акционерот дека банката ќе биде затворена, немало да вложи 11+2,5 милиони евра за нејзина поддршка“
Во неговата банка, продолжува авторот на анализата, депонентите оставиле над 70 милиони евра. Но, бидејќи вкупните средства на Банката на крајот на јуни биле прилично под обврските на Банката, поради што таа влегла во зоната на несолвентноста и поради што НБРМ, по автоматизам, морала да ѝ ја одземе дозволата за работа (по дадениот рок за пополнување на празнината), невнесувањето на наведените износи би значело дека и штедачите (физички и правни лица) и Фондот за осигурување на депозити би биле уште повеќе оштетени, а акционерот, кому му е „жал за нив“, на други сметки и во други фирми би имал плус 13,5 милиони евра. Дали е ова искрено жалење за оштетените клиенти на Банката и фер-размислување постапка?
За негова утеха, да го информирам, илустрира Гошев, во подолгиот теркст, од кој објавуваме само еден дел, пред да ја затвориме Македонска банка, од нејзиниот акционер изнудивме да вложи 15 милиони евра, кеш. Да не го направевме тоа, повеќе десетици илјади штедачи ќе останеа без своите пари, за кои мислеле дека се на сигурно, а тој во својата Србија и во Македонија ќе продолжеше да поткупува нови и нови корумпирани функционери и да живее како султан на некогашната турска империја, како сегашните арапски шеици, или како денешните нео-либерални ајкули. (А можеби од други зделки и поради други луѓе, тој, и покрај судските процеси, сѐ уште е со наведениот статус.)
Акционерот ја прифаќа својата одговорност, но само затоа што им верувал на другите? – е следната изјава која ја коментира Гошев.
Акционерот се самокритикува, јавно, велејќи дека е одговорен, но само затоа што „им верувал на другите“? Кој може да купи ваква евтина обланда? Тој, со неговите членови на семејството, се акционерите – апсолутната власт во Банката. Тој од 2013 година е и претседател на Надзорниот одбор на Банката. Неговиот син 10 години претседател на двата одбори за одобрување кредити – Одборот за кредитирање на населението и истиот за кредитирање на правни лица. И, на прашањето на „Фокус“, „како е можно да се подели толкава грамада лоши кредити“, акционерот дава неверојатен одговор: „Управниот одбор правеше сѐ што сакаше со кредитните одбори; си постави (Управниот одбор) луѓе кои исклучиво ги бранеа интересите на тие луѓе што се во Банката, а не на акционерите. Одлуките што ги носеа кредитните одбори (на чело со неговиот син) беа манипулирани, а начинот на манипулација е евидентен“. И, за да илустрира, вели дека „една нула ‘значи поголема загуба’“, пластично додавајќи дека: „одборот, на пример, носи одлука за кредит од 15.000 денари, со една нула тие стануваат 150.000“.
Од ова зашеметувачко образложение, секој што го слуша може само да заклучи дека изнајмените работници од страна на акционерите ја презеле власта во Банката кревајќи Чартистичко востание, или Октомвриска револуција. И, згора на тоа, ако се знае фактот дека неговата сопствена ќерка остатокот од неколкуте милиони евра од продажбата на осигурителната компанија ги депонирала во конкурентска банка, а не во банката на сопствениот татко, односно во банката на фамилијата, тогаш нема друг заклучок дека навистина имало заговор во врска со Банката, но заговорниците биле од редовите на семејството Костовски, не од НБРМ. Играле сами против себе.
Сепак, можел ли некој да најде спасоносно решение?
НБРМ сигурно не. Зашто, освен лошото управување со Банката, кое, условно кажано, би можело да се „лекува“ со „воведување администрација“ во Банката, таа имала голем недостиг на капитал. Второво НБРМ не можела да ѝ го даде. Можела државата, ако било разумно. Таа, очигледно не била заинтересирана за национализација, делумна или целосна. Акционерот инсистира на двајца појавени потенцијални купувачи на Банката. Првиот, оној од Дубаи, НБРМ го тестирала. Промашување. Вториот, доцна бил стокмен, очигледно за сеење магла. Секој може да прочита безброј текстови за него колку време мамел и колку луѓе измамил во Хрватска и во БиХ. Освен тоа, каков е тој што би дал 100 милиони евра за „искубан петел“, кога со тие пари би можел да стане доминантен сопственик во една од трите најголеми банки во Македонија?
Какви поуки нуди овој случај?
НБРМ да продолжи ригорозно да го применува соодветното законодавство. Критериумите за тоа кој може да има банка треба да се заострат. Акционери кои самите се дискредитираат и кои немаат капацитет за поддржување банка, побрзо да се отстрануваат од оваа дејност. Критериумите за добивање согласност за членови на управните и за надзорните одбори, треба да се оддалечуваат од формалните. Во банкарството на Македонија има голем број членови на овие одбори кои немаат прочитано ниту еден член од Законот за банки, кои немаат елементарно ниту теоретско, ниту практично знаење. И, последново не е отсега, тоа е стара состојба.
Народната банка треба да ги провери процедурите колку луѓе од неа внатре може да знаат однапред дека може да следи затворање на некоја банка. Случајот со „нашата“ Нина говори дека треба да се размисли што да се прави и со такви случајни минувачи низ државниот систем, кои, очигледно, немаат елементарен професионален и етички интегритет, вклучително и да располагаат со такви осетливи информации.
Парламентарните партии кои се во опозиција да не сеат магла и да не шират паника, зашто и тие како граѓани ќе жнеат од таа магла. Тие го имаат Собранието, правото врз основа на Законот за Собранието и деловникот да ги повикуваат претставниците на НБРМ, на седница на соодветната комисија, отворена или затворена, и да им ги постават сите можни прашања, да ги добијат сите одговори и секако да прочитаат што пишува во законите што ги изгласале. Потоа, ако најдат каков било основ и да бараат одговорност по сите институционални канали. Да се биде составен дел од Парламентот и да се исфрлаат изјави какви што слушавме деновите од ВМРО-ДПМНЕ, се само нови докази дека големите болести на нашето општество уште долго ќе траат.
(Текстот, од кој пренесуваме еден дел е објавен во Плусд инфо а илустрациите се на Глообус)