Новите учебници, доколку сакаме да ги надминуваме конфликтите, ќе треба да го следат и да се пишуваат во насока на градење на долготраен и одржлив мир, т.е кон педагогија на мирот и кон развивање на критичко мислење кај учениците – изјавува историчарот за Радио Слободна Европа. Покрај кавгата за името и правото на користење на тоа име, тој претставува конфликт за територија, за историско наследство и идентитет.- вели истиот историчар во интевјуто за „Заедно напред“
Бугарија и Македонија имаа заедничка историја и тоа е историјата што ѝ припаѓа на османлиската империја. Но имаат и преплетена историја. Денеска нема историја што не е преплетена историја, вели Петар Тодоров, историчар од Институтот за национална историја и член на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
„Во македонските учебници нема да пишува историја по бугарски терк, во македонските учебници ќе пишува историја по македонски терк. Но каков ќе биде тој македонски терк зависи од идните автори на учебниците по историја. Она што е важно, новите учебници, доколку сакаме да ги надминуваме конфликтите, ќе треба да го следат и да се пишуваат во насока на градење на долготраен и одржлив мир, т.е кон педагогија на мирот и кон развивање на критичко мислење кај учениците, нешто што денеска во учебниците во Македонија, но и во регионот не го наоѓаме – вели тој.
Има ли Македонија заедничка историја со Бугарија?
– Во јавноста често од страна на политичарите и историчарите се користи терминот заедничка историја, притоа имам впечаток дека тоа се користи по потреба на политичкиот интерес на тој или таа кој го користи терминот заедничка историја. По правило кога академска дефиниција, кога за одреден концепт во историјата како што е заедничка историја се употребуваат академски дефиниции и националистички дефиниции доаѓа до краток спој. Заедничка историја не подразбира – „един народ, две држави“, заедничка историја Македонија и Бугарија имаат и тоа е историјата што ѝ припаѓа на историјата на Османлиската Империја. Исто така и Македонија и Србија имаат заедничка историја од 1912 до 1991 во рамките на Југославија. Но Македонија и Бугарија имаат и преплетена историја, еден друг концепт во историографијата кој се користи. Преплетена историја подразбира дека нациите, империите, цивилизациите, ако сакаме и комунизмот и капитализмот не се исклучиви и ексклузивни категории на историографијата, напротив тие настануваат со меѓусебна интеракција и денеска нема историја што не е преплетена историја“, вели Тодоров за Радио Слободна Европа.
Во интервјуто за порталот „Зачекори наорде“овој ситоричар говори на тема – со Спогодбата не се брише македонската историја. Минатото треба да биде толкувано на начин да разбереме кои се причините и политиките што доведуваат до конфликт, а не тоа да биде причина за нов конфликт, вели овој историчар.
Одредницата „Северна“ несомнено ќе има географско значење, од неа не смее да се конструираат придавки како „северномакедонски“ и сите идни влади на Македонија ќе мора да бидат внимателни да нема таква пракса
Противниците на историските комисии треба да знаат дека комисиите даваат можност за првпат во учебниците во Грција и Бугарија да пишува и за историјата на Македонците, а не како досега тие воопшто да не се спомнуваат
Спогодбата од Преспа, се разбира доколку биде спроведена, затвора еден повеќедецениски спор. Иако го именувавме како спор за името, и од текстот на самата спогодба може да се заклучи дека името е само еден аспект. За што, всушност, спорат Република Македонија и Република Грција?
– Поради барањето за промена на официјалното име на Република Македонија, спорот за името несомнено претставува преседан во меѓународните односи. Поради тоа, во Република Македонија често овој спор се претставува и како апсурден и/или бизарен. На прво ниво, тој навистина претставува необичен спор, без преседан во меѓународните односи. Но на едно подлабоко ниво на анализа, тој ги има сите елементи на конфликтите во регионот и пошироко.
Имено, денес во Македонија и во Грција постојат две силно противставени толкувања за значењето на термините „Македонија“ и „македонски“ и за историјата на географскиот регион Македонија. Поради тоа, покрај кавгата за името и правото на користење на тоа име, тој претставува конфликт за територија, за историско наследство и идентитет.
За да се разберат подобро овие противставени толкувања, потребно е да се спомне дека историјата е мошне исполитизирана во двете општества. Таа е разбрана на начин дека треба да им служи на нацијата и политиката. Во таков контекст, толкувањето на историјата често се менува под влијание на политиката.
Кои се главните разлики во погледите на двете историографии што раѓаат постојани конфликти на двете страни?
– Во Македонија е доминантно верувањето дека територијата на географска Македонија, значи Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија, нејзината историја и културно наследство се неотуѓив дел од историјата и културата на македонскиот народ. Поради тоа, поделбата на географска Македонија во Балканските војни, во македонскиот национален историски наратив се дефинира како национална катастрофа и претставува централен настан во градењето на митот за жртвата на Македонците, но и повик за исправање на таа „историска неправда“.
Така, кога Македонецот на прослави пее дека „само една има вистина, има една Македонија, делете ја, парчете ја, пак ќе биде наша најмила“, тој/таа не пее само обични стихови, туку и верување дека има делови од Македонија кои не се дел од Република Македонија.
Во таков контекст, по распадот на социјалистичка Југославија, а од 2006 година и како официјална државна политика, на етничките Македонци започнува да им се продава приказната дека се директни потомци на античките Македонци. Дури и миграцијата на Словените на Балканот е доведувана под прашање. На тој начин, историјата на античка Македонија стана дел од наративот за историјата на македонскиот народ.
Претензиите кон античката историја особено ја иритираа Атина, веројатно зашто и таа полага некакво ексклузивно право на овој дел од минатото?
– Да, тоа ја засилуваше аргументацијата на грчката држава за „крадење на минатото“ кое грчкиот национален историски наратив го смета исклучиво за свое, како и за „иредентизам“, т.е. полагање право на територија. Поради тоа, македонскиот национален историски наратив е во директен судир со грчкиот.
Во Грција, многумина веруваат дека историјата на античка Македонија е неотуѓив дел од грчката култура и грчката национална историја. Уште поважно, во грчкото општество веруваат дека термините „Македонија“ и „македонски“ исклучиво им припаѓаат на Грција и грчкиот народ. Оттука, грчкото разбирање за Македонец е дека тоа е жител/ка на регионот Македонија, кој/а зборува грчки јазик и припаѓа на грчката нација и култура, а во никој случај тој или таа не може и не треба да биде етнички/а Македонец/ка, кој/а зборува на македонски јазик и кој/а припаѓа на македонската нација и култура.
Поради тоа, секое присвојување на термините „Македонија“ и „македонски“ се толкува како „крадење на минатото“ и „иредентизам“, т.е. полагање право на територија од страна на друга држава. Истовремено, тоа е и оспорување на другите да полагаат право на користење и поистоветување со термините „Македонија“ и „македонски“. Оттука, извикувањето „Македонија е грчка“ не е само обична парола на националистите. Таа е и оспорување на правото на еден народ да се нарекува себеси како Македонци, а својот јазик како македонски јазик.
(продолжува во следниот број)