Токму заштитата на идентитетот на етничките Македонци е позитивната и најзначајната придобивка од спогодбата. Македонските историчари и политичари во минатото не пропуштаа можност да ја спомнат важноста на заштитата на идентитетот. Тоа прашање беше секогаш ставано пред самото име на државата. Всушност, одбраната на името беше претставена како заштита на идентитетот, поточно дека мора да останеме Македонци
Колку од ова е дневна политика, а колку судир на двете науки, на македонската и грчката историографија?
– Тоа што ја усложнува ситуацијата е што овие различни толкувања ги наоѓаме и во учебниците по историја кои се користат во државниот образовен систем на двете држави и со кои се влијаело на многу генерации на оформувањето на ставовите и погледите за минатото и соседите.
На кратко, Македонците и Грците денес спорат за тоа кому му припаѓа историјата на античка Македонија (историското и културно наследство), за карактерот на Македонија, дали е грчка или македонска, за „неправедно“ одземените територии на македонскиот народ (територија) и за правото на користење на термините „Македонија“ и „македонски“, (идентитетски конфликт).
Тоа е суштината на спорот?
– Сè произлегува од тоа што македонскиот и грчкиот национален историски наратив го сметаат името Македонија и историјата на географска Македонија како исклучива и несподелива категорија. Доминантната историска и политичка мисла верува дека историјата не може да биде споделувана со други народи и држави. Туку целото историско наследство на територијата на Македонија може да ѝ припадне само на една нација, а секое посегнување по Македонија од страна на други народи и/или држави се смета за непријателско.
Разбирајќи го и злоупотребувајќи го минатото на овој начин, често во македонското и грчкото општество се зборува за историски неправди нанесени врз македонскиот или грчкиот народ, со што имплицитно, а понекогаш и директно се повикува на исправање на тие историски неправди и наплаќање на старите долгови. Притоа, проповедниците на овие идеи не се сосема искрени спрема своите сограѓани/ки за последиците од тие политики. На Балканот, и во светот, нема националистичка политика и реторика кукавички затскриена зад повикот „во името на народот“, која не довела до национална катастрофа, поточно до човечки жртви, напуштени домови, уништени економии.
Овој пристап кон проучување и употреба на минатото е спротивен на современите историски и политички школи, кои наспроти исклучивоста и ексклузивноста, ги претпочитаат споделеноста и инклузивноста на историјата. Денес, нема национална историја што не е испреплетена со други национални истории, особено со оние на соседите. Не може да се разбере историјата на македонскиот народ, доколку не се земе предвид историјата на соседите и обратно. Овие различни пристапи и школи во толкувањето на минатото се една од основите за постоење на различните и силно противставени толкувања на договорот во двете држави. Минатото треба да биде толкувано на начин да разбереме кои се причините и политиките што доведуваат до конфликт, а не тоа да биде причина за нов конфликт.
Што значи спогодбата за историјата и идентитетот на македонскиот народ и со што може во актуелниот политички и општествен контекст таа да помогне за да се надмине грчко-македонскиот спор?
– Проблем кој опстојува повеќе децении сигурно нема да се реши со самиот чин на потпишување на спогодбата помеѓу Македонија и Грција. Но, таа секако е првиот важен чекор во надминување на спорот и рамка во која треба да се движи процесот на градење пријателство и добрососедски односи. Земајќи ја предвид природата на спорот и неговиот развој во изминатите децении, одредбите во спогодбата не се однесуваат само на новото име на државата, туку и на историското наследство и на идентитетот на етничките Македонци.
Разбирливо, најголемиот дел од критиките на договорот се однесуваат на промената на уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија. Со прифаќањето на новото име, Република Македонија се ослободува од мошне непријатната референца Поранешна југословенска Република Македонија, или ПЈРМ/FYROM, која беше насекаде користена во мултилатералните средби на претставниците на Република Македонија, а македонскиот јазик не ретко беше именуван и како јазик на ПЈРМ.
Промената на уставното име е најголемата отстапка која Република Македонија ја прави во преговорите во замена за гарантирање на идентитетот и јазикот. Промената е тешко прифатлива, не само поради очигледното оспорување на правото на самоопределување, туку и поради развојот на националниот дискурс за името, кое често беше толкувано како историско име на етничките Македонци.
Какво значење понатаму ќе има одредницата „Северна“?
– Поради важноста на идентитетскиот аспект за Република Македонија, новото име, поточно одредницата „Северна“, несомнено ќе има географско значење. Таа го одразува современото разбирање за географијата. Имено, Република Македонија се наоѓа на северниот дел од пошироката територија на географска Македонија. Поради тоа, „Северна“ во никој случај не е, и не треба да претставува, етничка одредница.
Меѓутоа, неколку изјави од странски владини претставници кои ја користеа придавката „северномакедонски“ за да ги именуваат припадниците на институциите и самите институции на Република Македонија, предизвикаа оправдани реакции и стравувања дека географската одредница директно ќе влијае на именувањето на Македонците како Северномакедонци. Меѓутоа, ставот 3 (ѓ) од членот 1 од спогодбата јасно кажува дека придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“, а не „северномакедонски“.
Поради тоа, оваа и сите идни влади на Република Македонија ќе мора да бидат внимателни овие погрешни толкувања да не станат пракса, која директно е спротивна на одредбите од спогодбата со кои јасно се заштитува идентитетот на етничките Македонци.
Ако промената на уставното име е најголемата отстапка направена од наша страна, што е најголемата придобивка?
– Токму заштитата на идентитетот на етничките Македонци е позитивната и најзначајната придобивка од спогодбата. Македонските историчари и политичари во минатото не пропуштаа можност да ја спомнат важноста на заштитата на идентитетот. Тоа прашање беше секогаш ставано пред самото име на државата. Всушност, одбраната на името беше претставена како заштита на идентитетот, поточно дека мора да останеме Македонци. Со членот 7, став 1 и 3, Грција многу јасно и експлицитно препознава и признава постоење македонски јазик и македонски народ и култура. Поточно, „…термините Македонија и македонски се однесуваат на различен историски контекст и културно наследство.“ (чл. 7 став 1) и во однос на Република Македонија „…ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство…“ (чл. 7 став 3) Со напомена дека нашето разбирање на овие термини е различно од грчкото.
Од историски аспект, оваа одредба јасно го препознава и признава правото на секоја од страните на сопствено толкување на термините „Македонија“ и „македонски“. Со тоа, Грција, за првпат во својата историја, прифаќа различно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“. Тоа, пак, е директно противставено на верувањето дека Македонија е исклучиво грчка, со што одредбата деконструира еден од најсилните грчки национални митови.
На сличен начин, овие одредби го деконструираат и македонскиот национален историски мит за ексклузивното право врз територијата на географска Македонија, нејзината историја и културно наследство.
Сепак, кога станува збор за националните историски митови, со членот 7 став 2, спогодбата одредува дека историјата на античка Македонија, нејзиното културно наследство и симболи припаѓаат исклучиво на Грција, а со членот 8 став 1 и 2 се ограничува употребата на симболите од историското и културно наследство на античка Македонија, а нивното користење во Република Македонија мора јасно да упатува дека тие припаѓаат на античката елинска историја и цивилизација, што со спогодбата се означува како историско и културно наследство на Грција.
На овој начин, спогодбата го препознава митот за античка Македонија како дел од грчкото историско и културно наследство. Тоа, пак, е спротивно на современите сфаќања за историјата на нациите и нивното скорешно потекло. Овие политички интервенции во однос на толкувањето на минатото и ексклузивноста врз историското наследство на античка Македонија треба да се бараат во развојот на спорот за името во изминативе децении.
Имено, идентитетскиот конфликт и опседнатоста со историјата и нејзиното толкување во текот на разговорите, како и политичките интервенции во толкувањето на минатото во двете држави, само го усложнуваа решавањето на спорот и доведоа до тоа овие прашања неизбежно да се решат преку политички компромис со цел да се надмине конфликтот.
(продолжува)