БЕСА АРИФИ
За поздравување е фактот што општото про-ЕУ и про-НАТО расположение е јасно видливо и во овие изборни резултати. Мандатар за формирање на новата влада е Зоран Заев. Имајќи ги предвид јасните разлики во ставовите во врска со Договорот од Преспа како и другите суштинско вашни договори за ова земја, многу е значајно што овој пристап ќе продолжи и со новата влада
Парламентарните избори 2020 беа можеби најтешки за прогнозирање. До последен момент не можеше да се предвиди точно кој ќе победи, кој ќе изгуби и кој колку мандати ќе има во новиот собраниски состав. Хакерскиот напад врз веб сајтот на ДИК уште повеќе ја зголеми неизвесноста околу конечниот резултат кој на крај беше соопштен вчера. Иако кај многумина постои разочарување во врска со резултатите, мислам дека овие резултати треба да се сметаат за позитивни и ветувачки. Граѓаните и овој пат одржаа лекции кои треба сериозно да се анализираат како од политички, така и од аналитички аспект во наредниот период.
За поздравување е фактот што општото про-ЕУ и про-НАТО расположение е јасно видливо и во овие изборни резултати. Мандатар за формирање на новата влада е Зоран Заев. Имајќи ги предвид јасните разлики во ставовите во врска со Договорот од Преспа како и другите суштинско вашни договори за ова земја, многу е значајно што овој пристап ќе продолжи и со новата влада која допрва ќе се формира. Да не заборавиме, пред три години Заев не беше мандатар и се соочи со терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата во обид да добие мандат и да формира нова влада. Сега Заев има далеку поповолен старт, со јасна разлика од два пратеници и можност да состави нова про-западна влада.
Исто така, да не заборавиме дека хомологот на Заев во Грција, Ципрас, ги изгуби изборите и отиде во опозиција токму како резултат на потпишувањето на Договорот од Преспа. Тешките одлуки знаат да бидат фатални за државниците кои ги носат. Затоа е важно да се цени ова прва лекција на граѓаните кои гласаа на овие избори, кои и покрај длабоката поделеност на ова општество успешно направија разлика и ги препознаа како достигнување тешките одлуки а не како нешто што треба да биде казнето.
Секако, отвореноста на Заев и СДСМ кон развојот на мултикултурните вредности и предизборното коалицирање со БЕСА играа важна улога. Од друга страна, изјавите од ВМРО-ДПМНЕ дека тие биле главните претставници на етничките Македонци во овие избори не се точни затоа што: 1) ВМРО-ДПМНЕ не доби најмногу гласови во овие избори и 2) ВМРО-ДПМНЕ на овие избори исто-така имаше предизборна коалиција со повеќе партии претставници на другите националности (Срби, Турци, Роми…). До кога во оваа држава предизборното коалицирање со албанска партија ќе се смета за злосторство а таквите коалиции со партиите на други етнички заедници ќе се смета за нормална работа?!
Втората важна лекција која граѓаните ја одржаа на овие избори се однесува на ДУИ. И покрај сите критики за делувањето на оваа партија кои биле повеќепати анализирани до сега, граѓаните докажаа дека една политичка партија не заминува во опозиција затоа што тоа го посакуваат политичките опоненти. Една партија оди во опозиција кога за тоа ќе одлучат граѓаните. Граѓаните овој пат направија разлика и ги забележаа новите изборни списоци, составени од нови и способни лица, реформираната партиска структура во ограноците, креативната кампања како и сериозниот и динамичен ангажман на ова партија во овие избори.
Волјата на граѓаните изразена во тие бројки кои на ДУИ им донесоа 15 пратеници е нешто што треба да се сфати сериозно. Враќањето на ДУИ во политичката сцена, по преполовувањето што и се случи на оваа партија во 2016 година и наспроти очекувањето дека тоа преполовување ќе продолжи и на овие избори покажува зошто ова структура и после 18 години останува важен политички фактор во ова држава.
Третата лекција што ја одржаа граѓаните на овие избори е големата поддршка дадена на коалицијата Алијанса-Алтернатива. Оваа значајна поддршка ја прави ова коалиција дотолку важен политички фактор колку и ДУИ, но не доволно важен за да биде ексклузивниот албански преставник во новата влада. И навистина треба да се анализира ова хирушка прецизност на албанскиот глас што веќе редовно се дава на избори. Се дава многу на опозицијата, но никогаш доволно досегашната позиција целосно да се стави надвор од игра. На овој начин, граѓаните редовно им создаваат главоболки на политичарите кои треба да се договорат за новите влади. Работите не се толку лесни како изгледаат, а големите промени обично не се случуваат преку ноќ.
Четвртата лекција од овие избори е што граѓаните покажаа дека можат да направат разлики при одлучување во критички времиња. Во 2016 година етничките Албанци во ова земја поддржаа опозициска коалиција чија главна цел беше да се ослободиме од Груевски. И тоа се случи токму како резултат на граѓанската одговорност токму на етничките Албанци кои го преполовија бројот на нивните преставници за да помогнат во таа заедничка цел. Потоа, Заев и СДСМ направија важни чекори кои се достојни за почит во промоцијата на концептот „едно општество за сите“.
Резултат на тие чекори е сеуште важниот контингент на гласови од етничките албанци и од сите други етнички заедници кои ги има СДСМ. Можеби оваа партија не направи радикални чекори за присвојување на уште повеќе директни гласови за нив, сепак треба да се истакне дека реториката на СДСМ во последните години се разликува длабоко од националистичката реторика на ВМРО-ДПМНЕ. Да не заборавиме дека е токму заслуга на СДСМ што во последните години меѓуетничките односи се потполно релаксирани. СДСМ дури направи многу важен чекор на предизборно коалицирање со албанска партија што за прв пат се случи во парламентарни избори.
Допрва треба да се анализира колку албански гласови СДСМ доби од предизборната коалиција со БЕСА а колку изгуби од аАлбанците кои имаат идеолошки разлики со програмата на БЕСА и кои не сакаа да се идентификуваат како нивен гласач во овие избори. Од друга страна, СДСМ и БЕСА не успеаја до крај соодветно да го артикулираат концептот на мултиетничка предизборна коалиција за време на оваа предизборна кампања. Тие спроведоа потполно поделени кампањи кои создаваа впечаток дека се срамат или се плашат отворено да ја промовираат нивната коалиција.
Така, лидерот на БЕСА не успеа никако да го објасни концептот на мултетничко предизборно коалицирање пред албанските гласачи, плашејќи се да го промовира овој концепт наспроти националистичката реторика во која другите албански партии се чувствуваат мошне комотно. Од друга страна, СДСМ се повикуваше на коалицијата со БЕСА единствено во местата населени со Албанци, а кај етничките Македонци се промивираше со промотивни материјали во кои БЕСА не се гледаше никаде.
Мултиетничките коалиции се нешто што е многу потребно во Северна Македонија бидејќи само преку такви коалиции се дава предност на обединувачки теми кои помалку се однесуваат на етничката припадност а повеќе на економската и социјалната благосостојба на земјата. Но за промовирање на такви коалиции не е доволно само декларативно истите да ги составите.
Партиите кои одлучуваат да делуваат мултиетнички треба да рефлектираат полна сигурност во тоа што го прават, полно верување во вредностите на диверзитет и интеркултурализам а не истовремено да калкулираат и со мултиетничкиот и со националистичкиот концепт. Или верувате или не верувате во мултиетничка коалиција. Ако верувате, тоа треба да го изразите секаде, и во Струмица и во Тетово, а не да рефлектирате некомотност во врска со таа идеја.
Тој концепт бара жртвување и ризик, полна верба во тие вредности пред секого и насекаде. Граѓаните ја здогледоа таа несигурност, и можеби е ова една од причините што не се постигна уште поголема разлика меѓу коалицијата „Исправи се Македонија“ која промовираше националистички вредности и коалицијата „Можеме“. Длабоко сум уверена дека треба да се продолжи работата во правец да се формираат идеолошко координирани коалиции кои вистински ќе веруваат во овие вредности од кои општеството може да добие само позитивни работи: повеќе жени претставници, повеќе претставници од сите етнички заедници, и секако, мандаторско место на предводникот на таа коалиција.
Петтата лекција од овие избори се однесува на Левица која функционира како екстрмна десничарска партија. Треба сериозно да се анализира фактот што во 2016 година, кога ова партија настапи со типичен левичарски концепт не успеа да влезе во Собрание. Ова година, кога ова партија се претстави со крајно националистичка реторика тие добија два пратенички мандати. Во предизборната програма на ова политичка партија јасно е напишано, црно на бело, дека тие ќе се залагаат за укинување на Договорот од Преспа и на Охридскиот договор. Тие се залагаат за повлекување на познавањето на Косово и беа големи противници на зачленувањето на Северна Македонија во НАТО.
Реториката на лидерот на ова партија често повикува на насилство и омраза. Сепак, токму таа реторика успеа да мобилизира над 30.000 гласа кои овозможија оваа партија да ги претстави во Собрание. Ова е најдобар доказ дека национал-шовинизмот останува актуелна тема во Северна Македонија а Апасиев можеби е слабо олицетворение на Ле Пен во ова земја.
Завршната лекција која треба да се извлече од овие избори е новото факторизирање на албанскиот глас што доведе до повторно зголемување на бројот на преставниците на етничките Албанци во Собрание. Албанскиот гласачки корпус во земјата е флуиден и секогаш ја прави важната разлика во смисла на донесувањето на главните државнички одлуки во земјата.
Ова мислам е доволно за претставниците од ВМРО-ДПМНЕ кои мислеа дека на овие избори може да го промовираат концептот на единствена македонска нација. Единствена македонска нација со секогаш одлучувачки албански фактор звучи крајно утопистички и наликува на тие уставни решенија кои за децении не оставија во ќорсокак од кој едвај се опоравуваме.