Во кругот на избраните има само едно помалку познато име – тоа е делото „Зелениот дворец“ на авторот Сибо
„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“), „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“) се петте романи што се најдоа во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ за 2023 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Оваа одлука ја донесе жири-комисијата во состав Влада Урошевиќ (претседател и минатогодишен лауреат), Бранко Цветковски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата).
Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје и која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, годинава се доделува по јубилеен 25-ти пат. Таа се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Жири-комисијата ќе го соопшти името на лауреатот на оваа престижна награда на прес-конференција што ќе се одржи во петок, 15 март, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 12 часот.
Од петте автори во најтесен избор тројца веќе се добитници на наградата Роман на годината. Така, да се потсетиме, „Одбројување“ на Фросина Пармаковска е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2017. Од своето деби во литературата, Пармаковска ја покажа својата умешност во креирање на впечатливи карактери, непогрешливо разоткривајќи ги емоциите и комплексноста на човечките односи. Нејзиниот стил на пишување е препознатлив по неговата врвна драма, силно претставена во секоја страница, што ги освојува читателите со својата автентичност и длабоки размислувања. Во нејзината нова книга, „Сѐ уште можам нешто да сторам”, Фросина Пармаковска ја истражува личноста, времето и просторот на човекот преку интимни приказни, кои се вплетени во вакумот на исчезнувањето и постојанството. Тоа е роман за исчезнувањето, за моќта на реалноста да создаде свет полн со необични настани.
Творечки плодниот прозаист, есеист и признат и ценет книжевен критичар Томислав Османли за книгата „Дваесет и првиот“ ја доби наградата „Роман на годината“ за 2009 г. што тогаш ја доделуваше се уште потоечкиот дбевен весник „Утрински весник“. „Заборав“ е негов петти роман и говори за Алцхајмеривата болест. Тоа е проза фокусирана на суштествените проблеми на современоста, од интимните до општествените аспекти на заборавот како битно својство на ова, и локално и универзално, сѐ подехуманизирано време. Тоа гледиште му овозможува на писателот, познат по длабоките книжевни нурнувања во проблемските аспекти на историјата и современоста, да изгради ново, жестоко видување на современото општество, низ сплет од впечатливи приказни што се случуваат кај нас и низ светот. Османли и лани беше во кругот на авторите чие дело остана во најтесен круг за добивање на наградата!
И Блаже Минвски доби награда за „Нишан“ в9о 2008 година за Роман на годината за 2007 година. Гдинава тој се натпреварува со „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“. Ова најново дело на познатиот писател го отвора прашањето за тоа дали може да се биде среќен без чувства, трансформирајќи ја дилемата „да се биде или не“ во максимата „да се чувствува или да се умре“. Големата љубовна одисеја на Гоце Делчев и Јанка Каневче почнала кога таа имала дваесет и две а тој дваесет и осум години, и траела речиси три години, до крајот на неговиот живот.
Лидија Димковска (53) е еминентен автор а до сега нема добиено награда Роман на годината. Романот „Единствен матичен број“ еден од читателите го оценил како „освестувачки за нашиот свет што заборавивме да го сакаме. Трогателна приказна за обесчовечувањето на човештвото. Роман потрага по утопијата на идентитетот преку дистопијата на животот.. Како по секоја книга на Лидија, се запрашувам колку богата може да биде емотивната имагинација на една писателка за да може да ја преточи во едно вакво дело што наликува на исечок од текст пишуван „според вистинска приказна“. Од друга страна сум горд дека имаме вакви македонски писатели кои на македонски јазик беспрекорно добро создаваат сведоштва за македонскиот живот.
И како последна во изборот на жирито е дело на нам непознатиот автор Сабо, за кого дознаваме дека е музичар на жичани инструменти во групата „Баклава“ Ова негово деби ње дело посветено на Скопје, поточно на една од највпечатливите градби во Скопје, Зелената куќа-дворец во населбата Црниче, околу која со години се плетеа мистерии и легенди. Романот, кој е добитник на наградата „Пегаз“ за 2022 година, беше промовиран лани во април во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје, во присуство на многубројна публика од културната и книжевната сцена. „Отсекогаш сум сакал да напишам книга за Скопје, да му се оддолжам за сѐ што сум преживеал со него. Книгата ја напиша градот, вметнувајќи дел од приказните на неговите жители. Ова е книга за градот, за скопјаните, за скриени приказни на малите, но големи луѓе, за Ристиќева палата, за поплавата, земјотресот, за едно Скопје што веќе го нема и за Скопје што го познаваме. Оваа книга можеби не е само за една куќа, една мистерија, ниту за една љубов ниту за нечиј живот. Но, приказната е во Скопје. Можеше да се случува каде било, а сепак е блиску до нас“ – вели авторот.