„Во сериозни држави се менуваат Владите, но не и луѓето кои работат во службите, бидејќи како што таму велат: јас сум човек на државата, а не на партијата“, нагласува нашиот соговорник
ДЕРХАН МУРАТОВ
Владата на Христијан Мицкоски го назначи Бојан Христовски за нов директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Тоа предизвика реакции во дел од јавноста и медиумите, затоа што Христовски извршувал партиски функции во ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е во спротивност со стандардите на оваа институција важна за безбедноста на државата.
Универзитетскиот професор Владимир Пивоваров за ЦивилМедиа вели дека во Агенцијата за национална безбедност треба да се поставуваат натпартиски луѓе, односно стручни, професионални и со интегритет, бидејќи таа служба е во служба на државата и граѓаните, а не на партијата која е на власт.
„Меѓутоа, кај нас, за жал, 33 години се поставуваат партиски послушници на челните позиции и потоа ни се случуваат несакани работи како, на пример, масовното прислушкување во времето на Сашо Мијалков или Љубе Бошкоски. Со АНБ треба да раководи лице кое поседува интегритет и да си ја знеа работата. Тоа ти е како да ми дадете мене Ролс Ројс да возам, а јас не знам ниту Фичо да управувам. Кај нас треба да се почитуваат Уставот и законите, ни помалку ни повеќе. Меѓутоа, кај нас сè се сведува на тоа ‘стави го – наш човек е’“, изјави проф. Пивоваров за ЦивилМедиа.
На прашањето за предвременото разрешување на Зарко Милошевски, досегашниот прв човек на АНБ, Пивоваров вели дека Владата е таа која го именува и го разрешува како да е јаболка или круша на пазар.
„Во сериозни држави се менуваат Владите, но не и луѓето кои работат во службите, бидејќи како што таму велат: јас сум човек на државата, а не на партијата“, нагласува нашиот соговорник.
Тој додава дека државите кои имаат силни и натпартиски служби, имаат силна безбедност и добра економија, бидејќи политиките што ги прават тамошните влади се потпираат на извештаите и податоците токму од тие служби. Тој додава дека кај нас не е таков случај, туку „купи ден, продај ден“.
Според Законот за АНБ, член на политичка партија нема право да биде директор на Агенцијата, а Христовски до неодамна извршуваше конкретна партиска функција – претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје. Исто така, во неговата биографија е и функцијата директор на Јавното претпријатие „Градски паркинг“ до септември 2022 година, кога поднесе оставка по конфликтот на актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.