Ова се случува во важни моменти за државарта. Пивоваров вели дека граѓаните треба да бидат спокојни и дека службите ќе одговорат на овој предизвик.
Ваквите состојби, како што се лажните дојави за поставени бомби е да внесат вознемиреност и тие кај нас, туку и во регионот, како во Србија, Црна Гора и во Албанија.
„Се случува кога има некои настани, кога има некои посети, носења на некои политички одлуки, значи почнуваат во тие моменти, така почнаа и кај нас. Завчера првите пет дојави точно се совпаднаа со времето на доаѓањето на европската комесарка и на претседателката на ЕК, Фон дер Лајен и потпишувањето на договорот со Фронтекс“,
вели Пивоваров, кој е и национален координатор за гранично управување.
Момент кој треба сериозно да се истражи е кој стои зад овие наводно хакерски напади или, како што вели, можеби станува збор за некои мобилизирачки желби или идеи.
Во однос на штетите, тој смета дека чинат многу пари поради ангажирање на полицијата, службите, и технички и кадровски, и секако поради тоа што децата не одеа на училиште, се губат часови, се внесува можна нервоза кај населението.
„На секој ваков настан мора сериозно да се пристапи бидејќи не се знае во старт дали станува збор за лажна дојава или не“, вели Пивоваров, додавајќи дека вакви случаи неодамна имаше во Србија и во Загреб, Хрватска.
Тој потсети дека во Србија практично ваквите дојави беа поврзани со настаните кога требаше да се преговара со Лајчак за ситуацијата на релација Србија – Косово, што според него, се врзуваше со некој политички, пред се крупен настан како што беше нашиот вчера (се мисли на посетата на Фон дер Лајен).
Прашан за местото од каде доаѓаат лажните дојави, Пивоваров вели дека тоа може да биде од секаде.
„Не мора да значи дека е токму од кај нас, може да е од трета земја, четврта. Но гледам дека во сите случаи и во регионот сите детектирани закани доаѓаат од некои странски земји. Значи никој не се осудува од држава да упати закана, бидејќи, многу лесно ќе биде откриен. Тоа е нормален начин како тие сакаат да ги скријат трагите, односно да си ја постигнат својата цел“, вели експертот од областа на безбедност.
Изминативе три дена неколку скопски средни училишта се цел на дојави за подметнати експлозивни направи, кои по извршените антитерористички проверки од страна на тимовите на МВР беше утврдено дека се лажни.
Последната дојава за поставена бомба беше во петокот, а проверките покажаа дека и таа била лажна, но како што информираа од МВР превентивни проверки се прават во уште неколку училишни објекти.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека истрагата за дојавите за бомби во скопските средни училишта е во тек, и дека се познати првичните информации од каде се испратени мејловите.
„Истрагата е во тек, ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие мејлови. Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП-адреси од каде доаѓа овој, би рекол, монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките. Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да се игра со судбините на децата и на сите нас, ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија”, истакна министерот Спасовски.
Запрашан околу санкциите кон сторителите, министерот повтори дека со оглед на фактот што во најмала рака станува збор за монструозен чин, во кој се злоупотребени училиштата имајќи ја предвид вознемиреноста на децата, родителите, но и граѓаните генерално, казните треба да бидат најстроги.
Сите дојави за бомби во осум училишта во Скопје вчера се утврди дека се лажни, откако завршија антитерористичките проверки во сите школи на чии мејлови беа упатени заканите за наводните бомби.
Првично, во МВР беа пријавени вакви дојави од пет гимназии во главниот град: „Раде Јовчевски Корчагин“, „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“. Потоа стигнаа и дополнителни пријави за уште три други училишта.