Филмот е макотрпен и долг процес, бара многу планирање, не е лесно да се снима филм во Македонија. Без разлика што ги добив финансиските средства од Агенцијата, мораше и кредит да земам за да го почнам снимањето“, вели Пиперковски
Уште додека се снимаше делото „Дедо и внук“ Глобус од време на време пишуваше за проектот. Интересен беше по фактот дека е тоа единствено дело кое целосно е снимано во Охрид, од првиот до последниот кадар. Денес овој филм, кој имаше премиера пред две години, го привлекува вниманието по фактот дека се прикажува на значајни фестивали и дека од таму се враѓа со трофеи. Ова секако говори дека пред нас расте една генерација која гордо може да се носи со своите врсници кои работат во сферата на седмата уметност и која со голема самодоверба влегуваат во компетиција со другите кинематографии.
Така е и оо ова дело и со неговиот автор – меѓународниот филмски фестивал во Буенос Аирес и Осака, Градскиот филмски фестивал во Стокхолм, фестивалите на независен филм во Далас и Рим, како и Меѓународниот филмски фестивал во Шведска се последните филмски фестивали кои го селектираа во својата програма играниот филм „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски. По шест награди, играниот филм „Дедо и внук“ неодамна беше прогласен за најдобар странски филм на престижниот „Independent Film Awards“ во Лондон.
„Мислам дека успехот на филмот се должи на приказната, таа е препознатлива без разлика на кој континент се прикажува филмот, емоциите, начинот на кој е раскажана приказната, актерската игра оставија впечаток и трага кај целата публика и на тој начин стана препознатлив и веројатно затоа филмот освојува награди. Живеам и креирам денес и овде, филмот е огледало на едно општество и една средина во која живееме и затоа филмот е интересен и препознатлив, затоа што тие работи што кај нас се случуваат во здравството не се случуваат во Норвешка или во Јапонија, таму има други проблеми“, вели за Утрински брифинг, режисерот Илија Пиперковски.
Тој своето филмско образование го стекнал во Романија, каде и докторирал и предавал на факултет.
„И моите колеги и таа филмска средина ми помогна да го оформам јазикот на кој комуницирам со филмот. За да комуницираме емоции мора да научиме една филмска граматика преку која ќе раскажеме состојби на битисување, дејствување, состојби на живеење. Филмот е макотрпен и долг процес, бара многу планирање, не е лесно да се снима филм во Македонија. Без разлика што ги добив финансиските средства од Агенцијата, мораше и кредит да земам за да го почнам снимањето“, додава Пиперковски.
Тој кажа дека со готови сценарија веќе конкурирал во Агенцијата, но бил одбиен заради, како што рече, некои необјасниви причини. „Можеби мојот ред не е дојден да добијам финансиски средства за да снимам поамбициозен филм, бидејќи секогаш вториот филм е со поголеми очекувања, така и моето ново сценарио е помабициозно и во однос на бројот на актери и во однос на новите начини на раскажувањето приказна во македонската кинематографија“, вели Пиперковски.
Главните улоги во првиот долгометражен филм на режисерот Илија Пиперкоски, – „Дедо и внук“ ги толкуваат: Дејан Лилиќ, Салаетин Билал, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и младиот охриѓанец Наум Цветкоски.
Сценариото е на самиот Пиперкоски, директор на фотографија е Патру Паунеску од Романија, сценографијата е на Владимир Зафирковски, костимограф е Жаклина Крстевска, автор на шминката и маските е Клаудиа Мусат, снимател на звукот е Мариус Станеску, а продуцент на филмот е Огнен Антов.
„Дедо и внук“ е последен филм на актерот Салаетин Билал, кој почина по долго боледување на 76-годишна возраст.
Што е темата на делото? Во една рецензија се кажува дека приказната на филмот почнува по смртта на еден млад пациент, по што младиот доктор Никола се обидува да направи ред во животот и оди на посета кај својот дедо, кај кого последен пат бил пред 10 години. Ова е филм за конфилкт на генерации, со контраст на морални вредности и можности за втора шанса. Љубовта не е нешто кое треба да биде научено. Тоа е нешто кое веќе го имаме, но иронично е што секогаш мора одново да го научиме. Пиперкоски, кој го напиша и сценариото за филмот, успеа да раскаже прекрасна приказна, со која сите гледачи ќе можат длабоко да се идентификуваат – проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и обичните човечки приказни и односи момче-девојка, татко-син и дедо-внук.
Грешките од младоста често знаат да отворат големи дупки подоцна во животот на секој од нас, па посетителите во многу делови од филмот ги препознаа сопствените или проблемите од нивните најблиски и пријатели.
Видно возбуден, режисерот Пиперкоски им се заблагодари на сите за поддршката и порача дека уште од студентските денови сакал да сними комплетен филм во Охрид.
– Голема желба ми беше целосно да снимам филм во охрид. Мислам дека преку „Дедо и внук“ успеав на некој начин да ја доведам емоцијата на филмското платно на најпрефинет можен начин, рече на премирата Пиперкоски.