Умерените, дикат-модернисти како Малески и Чашуле станаа дипломати. Оние од генерцијата по нив добија угледни државни служби. М. Матевски стана генерален директор на РТВ. А. Поповски директор на „Нова Македонија.“ Г. Тодоровки важна фигура во градскиот Социјалистички Сојуз. Солев директор на македонската телевизија. Така победи модернизмот, а пак Д. Митрев можеше да напише дека и модернистите станале „режимски“ писатели
АТАНАС ВАНГЕЛОВ
И ние имавме добри, дури водечки писатели-националисти. И тоа во времето на нашиот либерален комунизам и колку парадоксално да звучи тоа. Велам парадоксално затоа што: како реал-социјализмот, така и оној со „човечки лик“ (еврокомунизмот) и, посебно, нашиот хаотичен самоуправен социјализам велеше, наполно во духот на Ленин, дека националното прашање било решено еднаш засекогаш. Велеше, ама и сосем забораваше (повеќе намерно отколку случајно!), дека и онаа идеологијата која почива врз темелот „класа“ (комунизам) е, по истиот начин, тоталтарна колку и идеологијата која почива врз темелот „нација“. Тие две работи се „од еден дол дренки“ (Г. Тодоровски).
Не е тешко да се погоди: тврди, непоправливи и агрсивни националисти се, главно, лошите писатели кои, на тој начин, и се наметнуваат на јавноста кога не можат да го сторат тоа со нивните осредни или лоши уметничи дела. Тоа сè уште не значи дека добрите писатели се имуни на тој опасен националистички вирус. Особено тогаш кога ќе се стекнат некои поволни политички околности. Кај нас мошне рано дојде (веќе кон средината на 50-ите години од минатиот век) до реска поделба на реалисти (Митрев, Јаневски, Шопов) кои важеа за догматски марксисти во милост на режимот од кој имаа ќар, и на модернисти како Владо Малевски и Коле Чашуле, на пример, кои се бореа за “творечки слободи,“ веќе нотирени во важни конгресни докменти на СКЈ.
Тие конгресни документи им отстапија некоја автономија на уметностите за да го добие политиката, која си го задржа својот „демократски централизам“, на своја страна тој тенок социјален слој. Јас сум чул од Бранко Црвенковски, на пример, дека своевремено добил совет од Колишевски да им фрлa по нешто на писателите; тие биле политички небитни, ама „можеле да му направат големи бељи.“ Доволно е тоа да се рече: кога станува збор за оние „творечки слободи“ за кои лееја ајле мастило Малески и Чашуле, треба веднаш да се додаде дека беа политички овозможени (подарени). Според тоа, нешто како нов политички курс кој бара поткрепа од интелектуалната и уметничка елита.
Не многу потоа умерените, дикат-модернисти како Малески и Чашуле станаа дипломати. Оние од генерцијата по нив (М. Матевски, Г. Тодоровски, Д. Солев А. Поповски и др.) која, природно, тендираше кон нив, како што го направи тоа и генерацијата на В. Урошевиќ, П. Т. Бошковски, П. М. Андреевски, Ж. Чинго, Б. Ѓузел донекаде и Ј. Котески, добија угледни државни служби. М. Матевски стана генерален директор на РТВ. А. Поповски директор на „Нова Македонија.“ Г. Тодоровки важна фигура во градскиот Социјалистички Сојуз. Солев директор на македонската телевизија. Сите тие, од своја страна, добро ги позиционираа оние од генерацијата по нив. Така победи модернизмот, а пак Д. Митрев можеше да напише дека и модернистите станале „режимски“ писатели како и оние што, со толку жар и зла крв, ги критикуваа пред тоа.
E, сега, во што се состои оној питом, тешко видлив национализам кај толку видни писатели под капата „модернисти“? Сите што имаат макар скромен увид во нивната литература, брзо ќе забележат дека има нешто заедничко кое ги – обединува. Тоа нешто е оној славен, романтичарски volksgeist (народен дух) без кој не може ниедна литература што претендира кон полна „творечка слобода“, кон независност од политиката или која било идеологија затоа што и самата е идеологија (Ц. Тодоров). Кои се упадливите форми на тој volksgeist во делата на нашите писатели национал-модернисти?
Владо Малевски беше, во својата проза, опседнат од народната, изворна народна лексика, дело на колективниот (volksgeist) творец. Чашуле го побара и најде својот уметнички белег во т.н. национална тематика. Г. Тодоровски стана лирски народен трибун. А. Поповски пишуваше поеми за Самоил, Мечкин Камен, Вардар итн. П. М. Андревски за Петар Делјан, Б. Ѓузел се сврте кон паганските (словенски) митови и легенди, П. Т. Бошковски бараше лирски идентитет во легенди и преданија на крушевските села итн. итн. Сето тоа беше на свој начин поттикнато од лириката на Васко Попа кој стекна меѓународна слава, а пак белградската критика го прогласи за поет број еден во Југославија.
Ете зошто мене ни малку не ме изненадува кога и ден-денес ќе се јави некој писател како Жаклина Михајловска, на пример, чиј уметнички опус ми е непознат, а кој грми на „сет глас“ (Мајаковски) на трибина пред Собранието: „Македонија на Македонците!“; „Да сум јас на нивно место би се убила“ (се однесува на пратениците кои ќе гласаат на уставни промени).
Не ме изненадува затоа што, од една стрна, барем по тоа се врзува таа за една жива уметничка традиција иако, претпоставувам, не би можела да се мери со ниеден од тука наведените модернисти. Згора на тоа, не верувам ни дека „би се убила“. Од проста причина што, ете, нејзината мудра судбина ја лишила од опасната можност да биде – политичар. Најпосле, човек многу лесно се убива кога не е тоа што треба да биде за да се – убие!
(Опремата е на Глобус)