„Во моментов јас земам 50 % од продажбата на моите романи и така треба да биде за сите автори“, изјави Петар Андоновски на трибината „Кои се авторските права на писателите?“ во ДПМ

KАТEРИНА БОГОЕВА
„Доколку се работи за авторско дело што е целосна идеја на авторот, книга којашто тој ја напишал и ја понудил на некој издавач, авторските права во секој случај му припаѓаат на авторот. Тогаш тој ги отстапува правата на издавачот на одреден временски период и за одреден тираж, секако за одреден авторски хонорар, некогаш и во комбинација со процент од продажбата – во зависност од хонорарот. Потоа, доколку има и следен тираж, авторот би требало повторно да склучи договор со издавачот (или анекс на договорот), со кој би добивал процент од продажбата на новиот тираж. Во секој случај, правата остануваат во сопственост на авторот и тој со нив располага како што сака по истекувањето на договорот, како и за други територии, односно јазици. Но, постојат и случаи кога авторот предава авторско дело на издавач или друг субјект (во случај на сценарио, на пример, на одредена продукција) кое е нарачано – авторот е најмен да го изработи. Затоа нашиот закон разликува ’морални’ и ’материјални’ права“, рече меѓу другото писателката и издавач, Билјана С. Црвенковска на почетокот од трибината „Кои се авторските права на писателите?“, која во организација на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) се одржа на 25 април, во неговото седиште во центарот на Скопје.
Покрај неа, на трибината своите искуства со авторските права со публиката ги споделија и другите учесници писатели, дел од нив и преведувачи и издавачи: Петар Андоновски, Игор Станојоски, Делвина Крлуку и Блаже Миневски. Настанот беше модериран од претседателот на ДПМ Живко Грозданоски, кој забележа дека иако направил обид, сепак не успеа на трибината да обезбеди присуство и на претставник од Министерството за култура и туризам компетентен за темата на дискусија.
Понатаму, Билјана С. Црвенковска посочи и дека „во случај на изработка на дело по нарачка, авторот тоа го прави за одреден хонорар (во случај на целосен откуп), а во некои случаи и за одреден мал процент (доколку авторот е целосен креатор на делото, да речеме, а не само егзекутира туѓа идеја). Во таквите случаи тој ги има ’моралните’ права над делото, што значи дека мора да е потпишан на тоа дело, дека во одредени случаи (ако е креатор на ликовите и на приказната) треба да биде консултиран за одредени нешта, дека и на дела на коишто во иднина нема да биде потпишан ќе мора да стои дека е автор на идејата и сл., додека оној субјект на кој ги отстапува правата – тој е сопственик на ’материјалните’ права и може со нив да располага или целосно или на одредени начини (зависно од договорот со авторот). Доколку авторот е само егзекутор на туѓа идеја (да речеме пишува дел од приказна која ја разработил друг автор), тогаш тој во секој случај ги отстапува правата на ’нарачателот’ за одреден хонорар. Но, за многу случаи во кои правата се откупуваат од еден автор, постојат исклучоци“, рече таа. Билјана С. Црвенковска посочи и интересен пример со познат писател од Србија, нејзин пријател, кој по нарачка на голем издавач напишал краток роман за деца. Авторот му ги продал правата на издавачот за добар хонорар, но кога романот добил награда, а потоа станал и лектирно издание со големи тиражи, авторот се консултирал со адвокат, по што договорот му бил променет и тој почнал да добива и процент од секој продаден примерок.
Со искажувањето на стекнатите искуства, учесниците на трибината покажаа познавање на начините на кои се третирани нивните авторски права, но покажаа и дека се отворени за промени на постоечките состојби во земјава, во која е познато дека не може да се живее само од пишување книги. Тоа дека не постои закон што ги обврзува издавачите да им исплаќаат процент од продажба на авторите го посочи Петар Андоновски, кој зборувајќи за своето писателско искуство посочи дека кога ја објавил првата книга издавачите биле со став дека му прават „услуга“ со тоа што го објавиле, но со текот на годините тој и уште неколку подобро продавани автори успеале да се изборат да земаат процент од продажба на книгите. „Во моментов јас земам 50 % од продажбата на моите романи и така треба да биде за сите автори. Иако ваквите договори најчесто се склучуваат помеѓу авторот и издавачот – а колку повеќе сте продавани толку полесно се доаѓа до ваков договор – сепак треба да им биде платен трудот и на оние автори чии книги не се продаваат. Затоа треба сите заедно да заземеме став, а тоа да биде со поддршка од ДПМ (кое треба да биде еден вид синдикат не само за сопствените членови туку за сите автори) и да не отстапуваме од договореното. Само така нашиот труд ќе биде вреднуван и почитуван“, рече Андоновски. Тој, но и другите учесници, им укажаа особено на младите писател(к)и во публиката, кога ќе потпишуваат договори да внимаваат на нивната содржина. „Во никој случај не треба да му ги препуштаат своите права на издавачот“, потенцираше Андоновски, „доколку авторот и издавачот се договорат половина од правата да ги има авторот, другата половина издавачот, во договорот мора да биде нагласено дека издавачот правата ги има исклучиво на територијата на Р. Македонија. Во никој случај издавачот не смее да ги поседува правата за надворешна употреба, освен ако издавачот не биде во улога на агент, но и во тој случај не смее да задржи повеќе од 20 % од продажбата на авторските права.“

„За жал, ние во земјава имаме недостиг од финансиии, недостиг од мрежа за дистрибуција на книги, од маркетинг за книги, има мал број книжарници, пиратерија, нефункционирање на триаголникот: издавач-книжарница-купувач, имаме намалување на куповната моќ, криза на читање…, а тоа се само дел од предизвиците со кои се соочува издавачката дејност во земјава, особено кај албанската заедница“, рече меѓу другото Делвина Крлуку, нагласувајќи дека иако живее во Македонија, поради состојбите што ги спомена, не соработува со издавачки куќи од земјава, туку само со издавачи од Албанија и од Косово. „Но, овде творам и сакам да бидам успешна и оваа држава да оди напред“, рече таа, забележувајќи притоа дека во комисијата што одлучува за финансирање на книгите на албански јазик при Министерството за култура и туризам работат некомпетентни луѓе: годинава ѝ била одбиена книга со неточно образложение дека таа нема објавено повеќе од пет книги, иако, како што посочи, веќе има објавено повеќе од десет книги. Освен тоа, добитник е и на награда од литературата и од публицистиката. Делвина Крлуку, пренесувајќи дел од позитивнитe искуства од Албанија, укажа на својата добра соработка со издавачката куќа „Онуфри“, која го издава и списанието „Екс Либрис“, каде биле објавени и нејзини препеви од дела на Блаже Конески, Горан Стефановски, Раде Силјан, Ресул Шабани и други автори. Спомена и дека ѝ било платено гостувањето во една тамошна телевизија. Најпосле, таа покажа и текст од весникот „Коха“, со фотографија со македонски знамиња поставени во центарот во Тирана, во рамки на „Неделата на македонската култура“. Укажа дека потребно е ДПМ да соработува со Македонскиот културен центар во тој град.
Игор Станојоски, пак, споделувајќи го своето искуство со авторските хонорари, со настапите на прозни и поетски фестивали кај нас и во светот, издвои дека на неодамнешен настан во странство, сличен на трибината на која учествуваше вечерта, му бил исплатен хонорар од сто евра. „Кога сум одел на некој фестивал во странство обично било покривано сместување, пат, но хонорар и не мора да има. А во Македонија, кога учествуваш на такви настани, организаторите обично сметаат дека ти прават услуга, што ќе бидеш виден, или дека ќе имаш и вечера“, рече тој. Незадоволни од наследениот долгогодишен третман во земјава, кога често нивниот хонорар за вложениот труд не е на потребното ниво или воопшто не им е исплатен, авторите се наоѓаат во ситуација и да проверуваат какви извори на финансирање има организаторот. „Мислам дека сега е време никој да не се срами да го праша организаторот, колкав е твојот буџетот и колкав ќе биде мојот хонорар“, потенцираше Блаже Миневски, а Живко Грозданоски предложи да се разгледа и можноста ДПМ да постигне согласност да постои минимален износ, од 1.500 ден., на пример, за настап на писателите на каков било фестивал или на книжевно читање.
Учесниците на трибината ги разменуваа своите позитивни искуства од гостувањата на настани во странство, но укажаа и на новите, непрофесионални тенденции во земјава кога настапуваат во библиотеки и училишта без хонорари. Ја нагласија потребата таквите проблеми да се решаваат, освен во Министерството за култура и туризам, и во Министерството за образование и наука, за да можат македонските автори за деца достоинствено да се претставуваат во училиштата.
Наташа Атанасова од веб-порталот „Блен“, која ја следеше трибината од публиката, се вклучи во дискусијата и предложи преку ДПМ на училиштата да им се нудат работилници за деца, а за нив родителите да плаќаат онолку колку што плаќаат кога ги носат во театар.
Говорејќи за своите авторски искуства со преведување и пишување книги, Игор Станојоски посочи дека главните финансии за превод на македонски јазик не доаѓаат од нашето Министерство за култура и туризам, туку од странски фондови. „Мислам дека во Македонија повеќе се исплаќа да бидеш преведувач отколку писател“, рече, со што се сложија и другите учесници. „Јас преведувам од чешки, од украински, од повеќе јазици на македонски, и во изминатите пет години имам преведено над 20 романи, а како писател издадов романи на македонски јазик во 2017, па во 2023 година. Сум преведувал со државни пари од Украина и од Чешка и на некој начин тие ‘меѓу редови’ ми велат: ‘батали пишување, еве ние ти плаќаме, ти преведувај ги нашите книги, да ја афирмираме чешката, украинската книжевност. Батали пишување, не ти треба да ја афирмираш македонската книжевност’. Во меѓувреме македонската книжевност, условно речено, губи затоа што нема мој нов роман“, рече Станојоски. Тој смета дека би било добро да се направи истражување колку авторски права, за колку книги купуваат македонските издавачи годишно, а колку авторски права за дела на македонски автори се продаваат во странство. Смета дека соодносот би бил 100 спрема 1. „Македонија не финансира преводи на странски јазици. Имаме една програма за превод која беше активирана во 2012-2013 година… каде е сега таа програма?“, праша тој, по што додаде дека страницата на Министерство за култура и туризам има верзија на македонски и на албански, а нема верзија на англиски. „Се прашувам како странскиот издавач ќе ја најде таа програма, која треба самата да се рекламира и на Фејсбук, на Инстаграм. За сите нас е важно таа програма за финансирање на преводи на дела од македонската книжевност на странски јазици да функционира како што треба“, потенцираше тој и укажа дека програмата треба да остане во Министерството за култура и туризам и да профункционира, или пак во негови рамки да се отвори посебен центар кој би се викал „aгенција за книги“, „центар на книгата“, или пак „институт на книгата“.
Споменувањето на овој проблем го актуализираше повторно прашањето за отворање на соодветна агенција за книга во земјава, која во изминатите години беше само најавувана.
„Можеби треба ДПМ да покрене иницијатива до Министерството за култура и туризам дека е неопходно за македонската книжевност, за македонските писатели, за писателите кои работат во Македонија, да се отвори една таква агенција, затоа што сите нормални земји во светот ја имаат, но ја имаат и земји кои можеби и немаат потреба за тоа. Особено малите земји мора да ја имаат“, рече Блаже Миневски, кој наброја десетина такви примери. „И во Словенија веќе 23 години функционира таква агенција, и до лани, тие од словенечки јазик поддржале превод и објава на 667 дела на германски јазик, на англиски 322 дела, на хрватски 266 книги, на македонски 204 книги…“, додаде тој, изразувајќи уверување дека Македонија може да го следи примерот на Словенија, а таквата агенцијата да работи со 8 луѓе. „Таа агенција, или центар, да не биде само за книга, туку да биде за читатели, значи да води сметка во исто време и за читателите. Ние сега имаме страшен суфицит на извоз на култура од Македонија, ние увезуваме пет-десет пати повеќе отколку што извезуваме. Затрупани сме, на пример, со преводи од странство, а едвај излегуваме со десетина книги во светот годишно. За ваква агенција веќе имало иницијатива во 2014 година, направиле и подготовки, подготвени се и дел од законите, била обезбедена дури и просторија, но потоа дојде до промена на власта. Но, и во програмата на СДСМ, кога дојдоа на власт, во 2016 година, стои дека меѓу приоритетите, во првите шест месеци, ќе им биде формирање на агенција на книга. Поминаа седум години – ништо не направија. Значи сега, трет обид, сега има можност ДПМ да направи притисок, дека е неопходно за македонската книжевност да се направи соодветна агенција.“ Според Миневски, оваа агенција би се потпирала на три столба: „издаваштво, меѓународна соработка и читачка култура. Мислам дека за пет месеци би можело да се завршат законските процедури. Значи, од први јануари би можела да стартува со работа, да се вработат млади луѓе, кои ќе комуницираат со агенции по светот, со агенти, со издавачки куќи. За една година ќе можат да направат мрежа, сега немаме никаква мрежа. Сега немаме ни приватна агенција за пласман на македонската книга во светот. Македонија има субвенции за извоз на јагниња, за извоз на вино, а нема субвенција за извоз на книга. А мора да субвенционира таков извоз“, рече Миневски.
Живко Грозданоски најави дека како претседател на ДПМ ќе се заложи што поскоро да се побара средба со одговорни лица од Министерството за култура и туризам за да се реализира идејата за агенција за книга во земјава.
Ненад Стевовиќ од издавачката куќа „Или Или“ се согласи со фактот дека е потребна агенција за книга, но посочи дека проблемот кај нас е многу поголем, пред сè поради недостигот на доволно преведувачи од македонски на други јазици. Тој потсети дека во изминатите години и во времето на владеењето на ВМРО беа укинати повеќе лекторати за македонски јазик во светот. Стевовиќ се согласи и со мислењето на учесниците на трибината дека писателите во земјава не можат да живеат од продажба на книгите, но сметаше дека нивното добро пишување и нивната препознатливост како добри писатели во јавноста е она што им оди во корист, и што може да им овозможи да добијат поинтересни и можеби поисплатливи ангажмани, коишто не се директно врзани со пишување на книга и со нивната продажба. На овие зборови од Ненад Стевовиќ, кон крајот од дискусијата, се надоврза Игор Станојоски, кој одговори дека тој еднаш почувствувал корист од писателството, случајно, во Градскиот трговски центар во Скопје: „Купував парче пица, а продавачката ме познавала како писател и ми даде гратис кроасан со вишна“.