Драга Тања,
Само што заврши една телевизиска емисија во која вие шестмина од мјузиклот Mama mia што е на репертоарот на Македонскиот народен театар – Скопје баш убаво се изнаприкажавте, се забавувавте а не забавувавте и нас кои ја чекавме емисијата која уредно беше најавувана (11 февруари 2018). Јасно беше дека и ќе имате што да кажете, и ќе пеете, ќе се смеете и сета таа убавина ќе ни ја пренесете и нам удобно сместени во неделниот домашен амбиент.
Ноќва, всушност, почнав да пишувам две писма: едно до тебе и едно до нашата Бица (Билјана Драгиќевиќ Пројковска). Две писма не се пишуваат одеднаш – затоа и отворив два документа, не за да не заборавам некоја од вас две, туку како моја цел/работа за наредните денови/време. Во мигов важно ми е да ја пренесам љубовта и убавината што ни ја покажавте. Знам дека ноќва ќе биде долга, ама и утре е ден, и ден потоа. Сè додека не ви ги стокмам по мој мерак моите долги старински писма до вас актерите.
Не се сеќавам дека некогаш сум ти се обратила со Татјана како што си запишана во официјалните документи Татјана Павловска Кочовска. Кога пишувам за тебе којзнае како и зошто, впрочем како и многу други, сите ти се обраќаме како на Тања Кочовска.
Пред некој ден во едно ТВ интервју (емисија) ме прашаа како одбирам на кој актер ќе му пишам вакво писмо. Малку како да се збунив за да не навредам некого, ама кажав: им пишувам „долги старински писма“ (на комјутер, одамна ја заборавивме коминикацијата на хартија) кои потоа стануваат „јавни писма“ на оние што ги имам за добри актери и луѓе со кои и приватно секогаш имаме што да си кажеме. Без реазлика дали тоа во тој миг ни се допаѓа или не. На оние со кои можам да го споделиме и официјалното и приватното.
Само по неколку вечери, беше 6 февруари, се видовме во „живо“ на коктелот на одбележувањето на дваесетте години од вселувањето на дотогаш бездомниот Театар за деца и младинци – Скопје, сместен во центарот на Скопје. Овој простор скопјани го знаат по тоа што во него некогаш беше познатата кафеана „Вардар“. Кафеаната одамна беше затворена, а просторот со години зјапаше празен. Го доби ТДМ и си создаде свој дом. Таа вечер се одбележуваа и дваесет години од премиерата на една од култните претстави со која Театарот ја отвори вратата за публиката Убавицата и ѕверот. Во неа, како и повеќемина други твои колеги, играте од премиерата до денес – значи полни две децении.
На отворањето, како што сум напишала (Нова Македнија, ЛИК, 11 февруари 1998), на вас вработените во ТДМ ви беше предаден златен клуч со кој ќе ги отворате срцата на децата. Пред ова имаше и 12 минутна програма со кукли, костими и актери од дотогашниот „номадски“ живот на Театарот. Таа вечер сите вие и ветивте на публиката дека под вашиот покрив секогаш ќе ја пречекувате и испраќате уметноста како доживување за паметење. И го постигнавте тоа со многу грижа за репертоарот и љубов за децата/публиката.
Премиерата на Убавицата и ѕверот по текст на Игор Бојовиќ и во режија на Димитар Христов, беше значи на 6 февруари 1998 година. Беше подготвена/стокмена по мерка на настанот – прва премиера во првиот и нов дом на ТДМ. Ја создаде баш елитно одбран тим: превод и препев Петре М. Андреевски, костими и сценографија Александар Ношпал, музика Славе Димитров и кореографија Александар Хаџиманов. И, се разбира, речиси комплетниот тим на тогашнниот ТДМ – ти Тања Кочовска како Скакулката, лик во кој максимално го покажа својот актерски и музички талент, Драган Довлев, Владимир Лазовски, Ана Левајковиќ, Предраг Павловски и Игор Маџиров.
Наскоро Убавицата и ѕверот ќе ја има 350.та изведба и ќе биде најиграна претстава во Македонија. Таа е мјузикл за деца кој децата/публиката еве две децении го сакаат, му се радуваат, се смеат, добива громогласни аплаузи.
Голем дел од енергијата на претставата ја внесуваш/носиш токму ти драга Тања, заедно со колегите со кои си на сцена. Заедно создавате свет што ја шири и одново ја открива/отвора имагинацијата на децата, ама и на возрасните. Секогаш ја играте во „загреана“ атмосфера – децата гласно се смеат, некое знае и да заплаче, а сите си отад задоволни и среќни од раскажаните/одиграните настани, од приказната.
Ја стокмивте одлично, почитувајќи го ставот на авторот Бојовиќ кој порачува: … да појдеме заедно во големата авантура на оваа бајка, да уживаме, да се радуваме на стиховите и на музиката, да се забавуваме и заедно да провериме дали убавината, љубовта и добрината ќе ги победат суровоста, одмаздата и злото… Така е две децении: од сцената на децата (па и на возрасните) им нудите и им ветувате подобар и поубав свет и радост.
На вечерта на празнувањто едно време стоевме една до друга. За една од присутните, убаво стокмена дама, ти искрено рече – колку е убава. Ти одговорив – ти си поубава. И додадов – и како човек и како актерка. На тоа ти одговори – те разбрав веднаш, така е.
Твојата убавина драга Тања е отсекогаш видлива. И на лика, и на сцена. Е сега што имаш повеќе килограми тоа е твој избор кој ниту малку не ти пречи на сцената да правиш сè што сакаш, сè што умееш, да растеш во ликовите/претставите, да пееш, да танцуваш, да правиш шпага која е специјалност на добрите и витки балерини.
Театарот е, како што сите знаеме драга Тања, колективна уметност чиј темел е моќен поединец, или моќни поединци. Тој поединец/поединци во претставите во кои играш многу често си ти. Без разлика на која публика и се обраќаш, кому е наменета претставата – децата, младите или повозрасните. Радоста, или ти си знаеш мачнината/тежината додека се подготвува новата претстава, ја пренесуваш моќно на сцената од која истата радост/доверба стигнува до гледачот од било која возраст – сите ти веруваме, сите ти се радуваме.
Ги сакаш сцената и контактот со публиката. Во театарот, на музичката или фестивалска сцена, во играниот филм или во многуте телевизиски серии (сега на екраните оди серијата Преспав во која ти ја играш Стојна, втора сезона и е јасно дека публиката ќе бара и трета…), во рекламите за некои производи…
Играш во претстави кои се со години на репертоарот, освојуваш награди – главно на меѓународно ниво зашто Театарот за деца и младиници и најчесто, во однос на сите други наши театри, е повикан/селектиран на фестивали со меѓународна конкуренција.
Речиси и нема дете, а по дваесет и кусурче години веќе пораснати луѓе, кое не те препознава од ликот во некоја од претставите што ги гледало во Театарот за деца и младинци. Кога јас сум била во салонот, којзнае како ми останало во сеќавање дека токму ти добиваш најмногу аплаузи. И предизвикуваш многу насмевки на детските лица.
Така е во овој театар од 1990 година, односно од 25 март таа година, кога е формиран Театарот за деца и мадинци – Скопје во кој оттогаш се подготвени/изведени 65 претстави кои се одиграни (до 6 февруари 2018) 4030 пати. Во голем дел од нив ти си играла, си добивала аплаузи, пофалби, награди… Така е и денес кога на таа сцена си ги играш ликовите во претставите што се на репертоарот, сега како гостинка. Ти Тања си знаеш како се случи пред две години (на аудиција) да влезеш во кастингот на мјузиклот Чикаго во Македонскиот народен театар – Скопје, па следуваше твоето поминување во него.
На сите ни е јасно драга Тања дека тебе ти „било пишано“ да си на сцената. Сценската магија те зграпчила, веројатно, од најраното детство. Потекнуваш од семејство во кое уметноста, музиката и сцената биле сè. Првородено чедо си на Невена и Панче Кочовски од легендарната музичка група „Мањифико“. Ним родителската радост си им ја приредила со твоето раѓање на 21 јануари 1967 година. Твојата помала сестра Лидија е во музичката фела. Двете, како и родителите, сте урбани градски скопски „фаци“.
Кариерата ја започна по онаа народната „крушата под круша паѓа“ – како пејачка на забавна музика. Некако паралено се определи за она во кое и си го најде местото и стана врвна – глумата. Паралелно со пеењето запиша актерска игра на Факултетот за драмски уметности – Скопје.
Едно време паралелно пееше забавни мелодии на концерти или фестивалии – меѓу другите се памети твојата прекрасна интерпретација на „Твоите очи сине“ (чинам и победи на Макфест во 1993 година) – и глумеше. Потоа целата му се посвети на театарот. Стана актерка која е во, да речам, постојан ангажман, а тоа значи постојано нови и нови ликови во нови и нови претстави, пред нова и нова публика, пред публика која те памети од првите ликови на сцената до денес.
Како дете, и како многумина од нас, си сонувала друга професија. Некаде имам прочитано дека си сакала да станеш хирург! Признаваш и дека талентот, припаѓањето на театарот, си го почувствувала уште во основното училиште кога си покажувала вештина да се снајдеш во секоја ситуација, да „одглумиш“ ова или она, да почувствуваш/преобразиш тага во радост, радост во тага…
Официјално во составот на Македонскиот народен театар си од 1 август 2017 година. До крајот на годината имаше две премиери. Првата е Кец на десетка, а втората Mamma mia. Ти си знаеш како едновремено од проба на Мала сцена се префрлаше на Големата сцена. Во различни жанрови – комедија и мјузикл. Се рабира навечер си ги играше претставите што ти се на репертоарот на ТДМ и во МНТ.
Ако за некои твоето заминување од Театарот за деца и младинци повеќе или помалку беше изненадување, со оглед на фактот дека во него беше повеше од 23 години и играше во над две илјади изведби, те имаше во речиси секоја нова претстава, за мене беше нормална твојата потреба да направиш нов крупен чекор/одлука за себе. Ти самата тоа убаво го објаснуваш.
„Не е лесно после 23 години да се напушти еден театар во кој си растел, си созревал и си оставил многу труд, пот и солзи. Театарот за деца и младинци беше на врвот со години и тој врв го одржувавме ние седум глумци кои бевме вработени скоро од самиот почеток на неговото постоење… Преку 50 премиери и преку 4000 одиграни претстави. Тоа беа години кога бевме исклучиво посветени на таа сцена од проста причина што не смеевме многу да мрдаме и да прифаќаме работа по другите театри. Колку е тоа добро или лошо не можам да кажам, но знам дека ни фалеше. Режимот во тоа време беше таков и затоа можеби даваше и такви резултати во работата: награди од сите можни фестивали, долги редици на каса на ТДМ и барање карта повеќе…“.
Сигурно во времево откако постои ТДМ во Македонија тој е театар кој најмногу е канет или учествувал на фестивали со меѓународна селекција. Во речиси сите претстави кои се играле надвор, си играла и ти Тања. Не само што си ја воодушевувала домашната публика, туку и членовите на меѓународните жирија кои твојата игра ги пленила и ти доделиле награда. За тие настапи надвор и воопшто за твојата предаденост на сцената/театар ти имаш став.
Со гордост кажуваш дека ве нарекуваа „тешка артилерија“ од Македонија, а вие со тоа се гордеевте. За себе велиш „… бев актер кој ’живеев’ во театарот. Не помнам да сум одложила проба или претстава дури и кога децата ми биле во болница, ниту кога сум била болна, а после неколку операции по неколку дена продолжував со проба. Не помнам дека сум задоцнила некогаш на проба или претстава. Не помнам на пауза помеѓу две проби да сум отишла дома, а да не сум останала во театар и да ги одработам и тие два часа од паузата. Не помнам да сум побарала да одморам од некој проект, освен кога сум ги раѓала децата…“.
Не еднаш достоинествено си го „одбранила“ за себе и за сите нас твоето, ајде да речам „жртвување“ што за мене е повеќе професионалност, одговорност за театарот, одговорноста кон него со која максимално владееш, љубовта кон него. Или пак одлуката да заминеш од него и да преминеш во ансамблот на МНТ.
Велиш „Театарот за деца и младинци ме ’порасна’ мене и јас го ’пораснав’ него.“ Го споредуваш како со дете кое кога ќе порасне ќе дојде ред и да се разделиме од него. „Но тоа не значи дека ќе го заборавам или ќе престанам да го сакам. Ова го зборувам поради трансферот што го направив во друг театар. Година ипол размислував за ’разделбата“ со Театарот за деца и младинци, но, промените секогаш годат, ни даваат поинаква сила.“
Убаво и толку точно е твоето толкување дека Театарот за деца за тебе е како дете кое пораснало, созреало и треба од него да се разделиме. Од друга страна, во најкус можен рок за еден актер, ама со долгогодишна и успешна кариера, ти драга Тања стана еден од столбовите на МНТ. Особено во женскиот дел на ансамблот на кој и тоа колку му недостасуваше актерка од твој калибар/формат: која на сцената може да игра во секаков жанр. Од драмски лик, до комичен и лик/актерка која едновремено глуми, пее, танцува.
Мене ми е сосем јасно дека таа „разделбата“ со ТДМ воопшто не дојде одеднаш. Те имало тебе одамна во претстави на сега твојот Македонски народен театар. Ти во него не си „нова“. Имаш искуство од поодамна во претстави како гостин или копродукции меѓу Театарот за деца и младинци и Македонскиот народен театар. Еве ги тие претстави (наназад): Тартиф (премиера на 20 декември 2016 година, ликот на Дорина), Животот е прекрасен (премиера на 10 април 2016 година, ликот на Маргарита), мјузиклот Чикаго (премиера на 29 декември 2015 година, ликот на Мама Моротн), Декамерон (копродукција, премиера на 18 август 2012 година, Вагинални монолози (самостоен проект, премиера на 20 јуни 2001 година), Баал (премиера на 20 септември 1987 година, ликот на Помладата сестра/Пејачката), Гуштерица (премиера на 6 октомври 1986 година, ликот на Жената на Красноречивиот).
Како вработена во МНТ, од 1 август 2017 година, до крајот на годината, веќе реков ти си знаеш како, речиси паралено работеше на две премиери – на Малата и на Големата сцена. Прво излезе премиерата на комедијата Кец на десетка (на 17 ноември, ти во ликот на Мајката Грациела), и потоа на мјузиклот Mamma mia (24 декември, ти во ликот на Рози). Сега го подготвуваш ликот на Мајката во претставата по текстот на Дејан Дуковски Дух, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ.
Во меѓувреме излезе премиерата и навистина не сакам да зборувам за претставата. Знам дека ќе ме разбереш. (Последнава реченица ја додадов кон крајот на овој април 2018.)
На некои од ликовите ќе се навратам подоцна. Сега сакам да ги набројам, иако
не сум сигурна дека списокот е комплетен, насловите на претставите во Театарот за деца и младинци. Оние низ кои растеше, се калеше деноноќно на таа твоја сцена – сабајле на проба, вечер на претстава – претстави во кои играјќи најразлични ликови стана препознатлива, омилена меѓу децата и возрасните, секогаш своја и секогаш, ајде да кажам и така, „покренувач“ на убавината, на енергијата, на веселиот крај, на победа на убавината/добрината над злото и којзнае уште што. Стана Тања која ја паметат сите кои те виделе во било која од претставите во кои си играла или играш.
Значи, еве ги тие претстави: Убавицата и ѕверот, Могли, Петар Пан, Бескрајни соништа, Алиса во земјата на чудата, Волшебникот од Оз, Македонска приказна, Пат околу светот, Грдото пајче, Девојчето со кибритчиња, Пипи долгиот чорап, Заспаниот разум раѓа чудовишта, Попот и неговиот слуга Будал, Василиса прекрасна, Чук, чук Стојанче, Папагалчето Рики, Сон на летната ноќ, Силјан Штркот, Сказна за царот и овчарот, Крале Марко, Итар Пејо, Ѕвезден коктел, Телефонот, Кралот Кускуле Први, Три древни приказни, Пердувите на жеравот, Спомени во ноќта, Пинокио…
Во овие претстави, играјќи разни ликови од бајките или ликови во претстави на Младинската сцена на театарот, во кабареата или мјузиклите што толку зрело, воодушевувајќи не сите, ги правевте со режисерот Боњо Лунгов (од Бугарија ама и од Европа), ти Тања стана актерка од голем формат. Никогаш не сум те прашала како подобро се чувствуваш: како актерка, или како глумица. Чинам во некои од нашите средби/разговори говориш како за глумица.
Имаш гостувано и во Народниот театар во Струмица во Евангелие по Јуда, работена според првиот драмски текст на Југослав Петровски (негова испитна задача во втора година на студиите по драматургија на ФДУ – Скопје), во режија на Горан Тренчовски. Премиерата беше на 10 март 1993 година. Во изведбата учествувавте, освен актерите на овој ансамбл, и петмина актери од други театри. Ти Тања го играше ликот на Марија. Претставата беше праизведба на драмата која „дигна“ голема и непотребна врева. Барем јас не знам дека повторно е поставена некаде. Авторот ја одредува по жанр како постфарса.
Двете во сеќавање ги имаме деновите пред премиерата и атмосферата пред почетокот на премиерата и неколку дена потоа. „Скандалот“ го иницираа некои црковни големци кои повлекоа и маса на верници и, се разбира, сеирџии. За на читателот да му биде појасно ќе го цитирам Југослав кој, како автор, пред изведбата објасни што е драмата.
„Оваа драма се обидува да закорени нова театарска чувствителност, притоа трагајќи по слободата на духот. Нова артикулација на изразот и вообличување на сценската магија. Така постфарсата Евангелие по Јуда своеволно влегува во хаосот како почеток и крај на сè, носејќи во себе изворен пагански дух кој го враќа човекот кон неговиот архетип, кон појдовната природност. Уривајќи ги цивилизациските табуа, оваа драма истовремено се раѓа и се убива како форма, израз и како чин, постигнувајќи ја својата суштинска цел. “
Дали ова, плус и нечие „дошепнување“, дигна голема врема. Некои црквени лица си дозволија да бараат и забрана на изведбата. Се испомешаа лончињата, се создаде нетеатарска атмосфера во која вие актерите бевте најголеми жртви. Вечерта на закажаната премиера вие внатре во театарот стрепевте што ќе се случи, ние надвор се судрувавме со една чудна толпа од народ која се претставуваше како верници кои „на невидено“ имаа свој став – се скрнави верата, викаа, фрлаа по оние што бевме дојдени на премиерата со јајца и домати… Објектот го чуваа едно чудо полицајци. И толку – тензијата попушти, публиката под обезбедување влезе во објектот/салонот. Вие актерите на сцената и ние гледачите во салонот стрепевме цело време што може да се случи во следната минута.
Претставата како театар беше оценета како осредна, за скандалот се пишуваше и говореше уште неколку дена, разноразни мудруваа… Како секое чудо кое барем кај нас трае три дена. Остана стресот и сеќавањето на она што се случуваше. Вие актерите и другите вработени во Театарот, како и јас и многумина други, сигурно го паметите „случајот“ како нешто недолично, нетеатарско. Ние надвор и како нечовечко, недолично.
Да продолжам со убавите нешта. За мене ти си Тања одличната актерка, еве и глумица. И не само тоа. Одлична мајка си на Александар и на Нела (која поради љубовта кон Чехов и неговата Нина Заречна од Галеб, си сакала да ја крстиш Нина) и сопруга на твојот Предраг, нашиот исто така актер од Театарот за деца и младинци. И тој, како и ти, минатата 2017 година замина од ТДМ и стана постојан член на ансамблот на Драмски театар – Скопје, но и тој не се откажа од претставите што му се на репертоарот на ТДМ.
За вас Предраг во едно интервју има кажано:
„… Со Тања се знаеме уште од факултет. Чисто колегијално. Нашето познанство не беше ништо посебно. Во 1993 година, кога дојдов во Театарот за деца и младинци, симпатичната колешка Тања веќе беше таму. Некако набрзина се најдовме и мислам дека уште првата вечер ја побарав за жена. Сега се прашувам којзнае дали требаше така (се смее)…“.
Ти пак драга Тања, исто искрено, не криејќи ја среќата од вашиот убав/хармоничен брак, велиш дека „не е добро кога сопружниците работат заедно зашто проблемите од работа секој си ги носи и дома. Ама позитивното во вашиот брак е што функционирате на поинаков начин.“
Велиш: „… не го склопивме бракот на основа на поседување на другиот. Не. Ние не сакаме да манипулираме со нечиј живот. Двајцата сме дошле со некој минат живот и сме стапиле во брак многу свесно. Ниту еден од нас нема право на животот на другиот, ние си имаме приватен живот независно еден од друг. Никогаш не сме се прашале ’каде одиш, со кого, каде беше и зошто’. Ние сме заедно на многу интересен начин, веројатно затоа и врската ни функционира одлично.“ И точно така е. Таа состојба е и моја: заедница во која секој си има поранешен багаж, која функционира на верба, доверба и љубов.
Знеш да кажеш дека кога работиш нов проект, можеш да мислиш само на улогата, на ништо друго. Познавајќи те, тврдам дека не е така. Ова го велам затоа што знам дека во исто време го играш редовниот репертоар, снимаш нешто ново, те има во надсинхронизациите на телевизиските серии, во други активности кои се врзани за тебе и твојата професија.
Немој на ова да ми замериш ама знам дека кога работиш на нов лик/нова претстава и тогаш (како и секогаш) си одлична домаќинка: готвиш, го уредуваш и преуредуваш домот, правиш најубави манџи, салати, благо, а и слатка – незаборавно е твоето слатко од цели мандарини, сакаш гости на кои им приредуваш различни кулинарски задоволства, не можеш да одолееш на „ситници“ или едноставно кажано „домаќинлаци“ кои на секој дом му ја даваат топлината и љубовта што во него се создала/создава/трае.
Да се вратам на театарот и на наградите што ги доби за претстави во ТДМ.
Убавицата и ѕверот на престижниот Меѓународен фестивал на театри за деца во Суботица, истата 1998 година доби две награди: ти Тања за актерска игра и Ношпал за костими и сценографија. Дел си од екипата на најиграната на меѓународни фестивали Македнска приказна (се игра од 2000 година): три гран при награди за најдобра претстава, две за колективна актерска игра, една за најдобра актерска игра чиј добитник си ти Тања, награда за режија на Боњо Лунгов и награда за музика на Драган Даутовски. За Волшебникот од Оз исто така освоивте гран при за најдобра претстава, а ти за најдобро одигран лик.
Награда за најдобар лик доби и за Бабата во Чук, чук Стојанче, дел си од наградата за колективна игра за претставата Телефонот, доби награда за најдобра актерска анимација за ликот на Ѕвончица во Петар Пан, награда за колективна игра во претставата Бескрајни соништа. Имаш и две Буба мари за најпопуларна/најдобра актерка: за играта во Вагинални монолози и за ликот на Мама Моротн во Чикаго…
Ми се допаѓа и твојата приказна за студиите на Факултетот за драмски уметности – Скопје на кој се запиша во 1985 година. За приемен испит си одбрала песна од учебник за 8. одделение „Стојанка мајка Кнежопољка“ од Скендер Куленовиќ, која си ја изрецирала на српски јазик. Си влегла во првиот круг. Раскажуваш дека професорот Владимир Милчин те прашал дали си ќерка на „Мањифико“, си му рекла дека сте роднини… Баш тој однос и хумор личи на тебе. Припаѓаш и на генерација која не ја водел само еден професор во текот на целите студии.
Прва и втора година класата ја водел Владимир Милчин, трета година Владо Цветановски и Кирил Ристоски, потоа Илија Милчин, па Слободан Унковски, а дипломиравте кај Љубиша Георгиевски со претставата Дупло дно по Горан Стефановски.
За тоа твое студентско време кое многу си го сакаш „поради падовите и успесите“, го истакнуваш и фактот дека сите сте работеле со по двајца режисери. Велиш „мислам дека тоа е добра варијанта за еден глумец (хахаха, еве велиш глумец) да почувствува различни начини на работа и пристапи. Бевме заедно 24 часа, спиевме таму или кај некој од класата, заедно јадевме, заедно учевме, се дружевме…“ И се сакавте, нели Тања! И по дипломирањето беше еден сосем кус период вработена во Драмскиот театар и успеа да играш во популарната Грев или шприцер (замена), во Црнината не и стои на Електра, во Мечка. И се префрли во Театарот за деца и младинци.
Тоа е речиси четврт век поминат во еден театар. Сега пак си во Македонскиот народен театар во кој во овој твој официјален ангажман веќе имаш три премиери. Иако во МНТ си играла од 1986 година.
За ово твое време во МНТ ќе почнам од мјузиклот Чикаго во кој ти го играш ликот на Мама Моротн. Првите две премиери беа на 29 и 30 декември 2015 година. На аудицијата за актери учесници во мјузиклот, беше одбрана од режисерката на Чикаго Наташа Поплавска. Лиценциран и копродукциски проект, со 70.тина учесници; актери, музичари, пејачи, танчери…
Создадовте/одигравте сатиричен мјузикл, по текст на Фред Еб и Боб Фоси, по драмата Чикаго од Маурин Далас Ваткинс, на музика на Џон Кандер. Освен популарноста и долговечноста на овој мјузикл најнапред на сцената во Бродвеј, Њујорк, а подоцна мјузиклот е снимен и на филмското платно и доби дури шест Оскари (2003), вие со изведбата на сцената на МНТ предизвикавте бура од убави реакции и чувства, се бараше карта повеќе, а и на најубав можен начин ја затворивте продукциската 2015 во МНТ.
Твојата Мама Моротн е одличен спој на игра/глума, пеење, танц, забава која само ти умееш толку точно да ја искреираш и твојата енергија да ја пренесеш на другите. Да ги поведеш и другите. Обликуваниот лик со твојот глас и стас публиката го сака, како впрочем и другите ликови во мјузиклот во интерпретацијата на твоите колеги. Фалбите и воодушевеноста беа кон сите вас. Остана да ѕуни твојот глас, твојата игра, твојата моќ секој што те гледал да те запамети, да си отиде задоволен.
Набргу по оваа премиера, имаше вкупно четири: по 29 и 30 декември и на 4 и 5 јануари 2016 година и, според договорот со имателот на лиценцата, се играше дваесет пати, во МНТ почна да се работи нова претстава.
Со големиот режисер на бугарскиот, европскиот па и светскиот театар Александар Морфов, ти Тања пак како гостинка и одбрана на аудиција, ги почна пробите на Животот е прекрасен. Драмата/адаптацијата е на рускиот автор (и советски) Николај Ердман (1900-1970), чиј оригинален наслов е Самоубиец. Напишана е во 1928 година, но имала „несреќен“ почеток: и покрај сите напори на водечките театарски личности од тоа време, а и подоцна, советските власти не дозволувале нејзина изведба сè до 1987, иако праизведбата ја имала во 1968 година во Шведска.
Претставата ја стокмивте по мерка на секој од актерите во ликовите/поделбната. Отворена кон денешново време, денешните и стари колку и времето состојби. Отворено, како и во текстот, го прикажува животот на „малиот човек“. Од почеток до крај докажувате дека сте добри, посветени актери со кои видливо е дека Морфов работел на секој детаљ. Во создавањето на ликовите, ситуациите, сцените и целината, ги откривате врелите општествени прашања.
Вие актерите, според режисерскиот коцепт, сте своевидни арлекини кои се одраз на гротескни состојби. Тажна комедија за живеачката/живеачкава. Со креатури кои мислат дека сè им е дозволено, се демистифицира општествено-политичкиот поредок, со силни удари по вистината. Токму таква, гротескна и силна е и твојата Маргарита драга Тања. Со/преку неа гротескно ги покажуваш разулавените состојби низ кои и Маргарита Ивановна и другите ликови/актери ја отсликувате злоупотребата на малиот изгубен човек за потребите на „високи општествени цели“.
Следуваше твое ново гостување во МНТ – во претставата Тартиф од Ж.Б. Молиер, во режија на ценетиот Галин Стоев (Бугарија), кој сега живее и работи во Париз и работи и по разни други театарски дестинации. Гледајќи ги претставите од репертоарот на МНТ, Галин те одбра тебе драга Тања за ликот на Дорина.
Вашиот Тартиф, кој е одлична креација на Драган Спасов Дац, е моќен и притоа дискретен. Заедно сте против лицемерието кое го третирате/играте преку духовноста и сексуалноста. Таквото толкување во текот на целата изведба гледачот го воведува во свесност што води кон соучесништво. И битното: како да се влијае на можноста да се избориш против лицемерието.
Во борбата со лицемерието твојата Дорина е силна, сигурна. На премиерата, се сеќавам, ти како Дорина добиваше аплауз по речиси секоја сцена, токму затоа што твојата игра беше отворена кон ликот и сосем „влезена“ во карактерот на целиот тек на претставата.
Среде лето, додека и двете бевме покрај брегот на Охридското Езеро, ти ми кажа дека конечно стигнало решението за твое преминување од Театарот за деца и младинци во Македонскиот театар (1 август 2017). Чинам и тогаш беше „на две“: го правиш ли вистинскиот чекор! Го направи: твојот ТДМ порасна, ти во него созреа и време беше за ново/стар предизвик.
Со крајот на летниот одмор, во МНТ почнаа подготовките и на двете претстави: комедијата Кец на десетка и мјузиклот Mamma mia. Ти влезе во поделбата и на двате нови претстави, иако тоа го знаеше и порано. Ама сега како член на ансаблот, вработена во Македонскиот народен театар.
Прво излезе премиерата на Кец на десетка по текст на Митко Бојаџиски. Црна комедија во режија на двајца искусни актери Драган Спасов Дац и Јордан Симонов. Четирите лика ги играте и вие четворицата искусни актери: Александар Микиќ (таткото Доксе), ти Тања Кочовска (мајката Грациела), Нина Деан (ќерката Ана) и Ивица Димитријевиќ (Тоше, момчето на Ана). Ја играте на Малата сцена на МНТ, а премиерата беше на 17 ноември (2017).
Твојата Грациела е дел од црната комедија за спротивностите во нас, за она што сакаме да го скриеме ама, сепак, излегува на виделина. Атмосферата е трагикомича мрежа во која се насукани четирите лика. Можеби и сите ние, наше огледало од кое бегаме да се погледнеме во него.
Преку твојата Грациела, сопруга и мајка во семејството кое е распаднато (или и официјално пред распад), се следи растурен брак, маж кој веќе ја напушта сопругата, млада ќерка со веќе две деца која е во врска со момче со кое сака да ги запознае родителите. Бара од нив да се претстават како идеално семејство, меѓу другото и затоа што и тој е дете од пропаднат брак… Колку и да сакаат да не се видат нивните нарушени односи – сè пука… Разгалената/хистерична Ана е пак бремена, нејзинот Тоше станува алкохоличар, таа со трите деца заминува за Америка, раѓа уште две деца, Доксе и Грациела си го обновуваат бракот, имаат пет внучиња – три Македончиња и две Американчиња и сите пет ретко ги гледаат… Позната приказна во нашава средина.
Откако ја видов премиерната изведба и напишав рецензија за истата, тебе драга Тања те издвоив онака како што те доживеав: ѕвезда на претставата. И тоа дека не е често ликот толку да му легне на актерот, но и актерот од него да создаде креација која беспрекорно владее со ликот од сцена во сцена, од влез или излез од сцената или обратно. Со сето свое мајсторство ти Тања најнесреќните ситуации ги играш комично, поточно црнокомично.
Твојата Грациела со појавата на сцената и сето она што ти и го даваш од себе, ја играш отворено кон состојбите – и оние најцрните, и предизвикуваш воодушевеност/смеење кај публиката. Навидум кротко, низ покрет, низ секој збор, низ костимот (Ивана Каранфиловска-Уруговска) како сериозна „госпожа“ или онаа сцена на крајот кога претрчуваш преку сцената во балетски фустан танцувајќи, навистина си прекрасна и публиката те обожува и како Грациела.
Како и во 2015 година и 2017 во МНТ ја затворивте со спектакл, со мјузиклот Mamma mia, пак во режија на Наташа Поплавска, на 24 декември, а имаше и уште три премиери потоа. За сите се бараше билет повеќе. И сега при секоја изведба салонот ви е полн, гледачите прават селфи на кои секој е насмеан, ги објавуваат на фб „да се пофалат“ дека ете биле, ве видела, среќни се, а на крајот и танцуваат – тие во салонот вие на сцената.
Mamma mia е копродукиција меѓу Македонскиот народен театар – Скопје и Prospotd.o.o./Presented by Arrangement with Musik Theatre International/Europe која ги има ексклузивните права за мјузиклот во земјите од регионов. Работен е по музиката на Бени Андерсон и Бјорн Улвеус од легендарната шведска поп група АББА, по текст на Кетрин Џонсон и приказна на Џуди Крејмер. Премиерно е изведен во Лондон во 1999 година, и оттогаш има повеќе од четириесет изведби/продукции по целиот свет како џубокс или поп мјузикл/спектакл во секој поглед, а има и филмска верзија.
Вашата верзија на сцената на МНТ е полн погодок – како изведба која внесува радост и во вашите срца и во срцата на сите нас кои сме ја виделе, и оние што ќе ја видат кога ќе дојдат до билет.
Мјузикал е во кој пак твојот глас е доминантен во текот на речиси целата изведба. Којзнае како ти е во целата атмосфера меѓу вас актери, танчерите, музичарите, хористите односно поддржувачи на мелодиите кои нормално се малку потешки за другите актери зашто ги немаат твоите гласовни можности/способности. Заедно навистина сте исклучително хомогена екипа.
Докрај ја изведувате целта да ја одиграте среќата, да се отворат срцата и да се разбудат емоциите. Со финале во кое учесници се сите: оние на сцената, во музичката школка и во гледалиштето. Јасна е и целта, важна за изведувачите и особено актерите: да ја покажете/одиграте љубовта, радоста и надежта, како неопходност на/за сечиј живот.
Сите овие елементи вие (а ве има многу) ги постигнувате низ взаемната соработка. Твојата Рози, драга Тања, и во овој мјузикл/претстава е извонредна и во актерскиот дел, и во пеењето и во танцувањето. Енергијата си ја подигаш на највисок степен и таква ја пренесуваш и на другите колеги на сцената и на нас во гледалиштето. Пак добивте Златна Буба мара на популарноста за мјузикл.
Би можела уште долго да ти пишувам. Доста е. Знам дека сите твои други идни ликови ќе ми бидат провокација за повторно навраќање на она што ќе го сработиш и постигнеш на сцената. Дотогаш ти посакувам само убавини и ликови кои ќе ти значат многу, кои ќе и годат на твојата постојана жед за нов и нов лик, во нова и нова претставата.
Февруари, 2017 година Те сака
Л.