ДЕНКО МАЛЕСКИ
Ситуација ретко видена во политичкиот систем на една демократија – избор на дури четри уставни судии одеднаш. Кога тоа би се случило во најстарата република на светот, во Америка, тоа би било тема на деценијата, ако не и на векот
„Ја вама о планетама а ви мени о парадајзу“, знаеше да каже мојот професор по кривично право, Фрањо Бачиќ, слушајќи ги студентските одговори на испит. Нешто слично се случува деновиве со нашите политичари, новинари и уредници кои учествуваат или информираат за работата на комисијата за избори и именувања на собранието на РС Македонија.
Сè што разбираме е дека владеачката партија бара да се изберат претседател и член на комисијата од нивните редови како замена за оние кои ја напуштиле пратеничката функција за да учествуваат во локалните избори. Опозицијата, пак, бара да заседава комисијата во сегашниот состав а да ја свика поптпретседателот. Едните ја бранат својата теза, другите својата а новинарите ги пренесуваат тие „патлиџани“ на политичкиот пазар и пред македонската јавност.
жжжА „планетите“? Зад овие, навидум, тривијалности се крие ситуација ретко видена во политичкиот систем на една демократија: избор на дури четри уставни судии одеднаш. Кога тоа би се случило во најстарата република на светот, во Америка, тоа би било тема на деценијата, ако не и на векот.
Имено, заминувањето на уставен судија во пензија или заради смрт и именувањето на нов од страна на претседателот станува топ тема во сите весници и на сите телевизии во земјата. Деветте души судии на Врховниот суд на САД се балансерите на демократското начело еден човек еден глас со моќ бе преседан, да го толкуваат уставот и уставноста на зконите. Во некоја смисла Врховниот суд е „недемократски“ инструмент во политичкиот систем на државата кој не се раководи секогаш од вољата на мнозинството. Еден вид брана против самоволието на масите. Затоа главна тема на дебатата стануваат личните квалитети на луѓето кои ќе ги завземат местата во највисоката судска инстанца на државата. Нивните биографии се копааат и на небо и на земја. На насловната страница на „Њујорк тајмс“ осамнува неговата или нејзината фотографија како предлог на претседателот до Конгресот во кој почнува една долга процедура на сослушувања за професуионалните достигнувања и личниот живот на кандидатот. Дотаму што на последниот кандидат му „извадија“ дека како студент се опил и бил агресивен кон некоја колешка. Сето тоа се пренесува директно на телевизија.
Се разбира, битката меѓу партиите да имаат „свој“ уставен судија продолжува. Но, бидејќи се работи за луѓе со личен интегритет тоа не треба да се разбере по нашински, каде што партиската лојалност е пресудна. Демократите сакаат полиберални судии додека републиканците поконзервативни. Иако не баш се, многу зависи и од тоа кој има мноизинство во конгресот и, се разбира во нивната комисија за избори и именување.
По аналогија со она што се случува во македонскиот парламент деновиве се сведува на следното: доколку се обнови составот со новите два членови од македонските социјалдемократи ќе имаме уставни судии по вкус на таа партија а доколку не се обнови, по вкус на македонските националисти. И во едниот и во другиот случај најважно е какви се личните квалитети на идните судии, професионални и како луѓе. Во западните демократии, покрај фактот дека тие самите пишуваат книги од областа на правото или пошироко, за самите уставни судии се пишуваат книги.
Мнозина оставиле силен белег на политиката во текот на својот мандат со своите либерални или конзервативни ставови. Се фаќам за глава кога ќе ја видам постапката за избор на уставни судии кај нас, а некогаш и заради резултатите од тој избор. Се плашам дека и во овој случај толку ќе се исцрпиме со „патлиџаните“ што никогаш нема да посегнеме по „планетите“ – по најдоброто и најзаслужното што го има државата.