ЛИЛЈАНА МАЗОВА
Три вечери сцената на Македонскиот народен театар – Скопје (26, 27 и 28 април
беше простор од кој секој што ја виде претставата „Планински џинови“ треба/мора да се запраша, да си постави за цел да ја почитува различноста. Онаа на малите народи кои се малцинство, или што веќе во една земја. И секој останува занемен пред енергијата на различноста на актери кои низ заедничка игра и дополнувајќи се беспрекорно еден со друг, играат/припаѓаат/говорат друг јазик, можат и тоа колку добро меѓусебе да се разберат. Зборувајќи секој на својот јазик на иста тема.
Се работи за претставата „Планински џинови“, за нејзината петте и сега скопска премиера. Претставата се подготвуваше во Риека (премиерата беше на 2 април) а потоа се играа премиерите во малцинските театари кои се во продукцијата во Трст, Суботица, Темишвар и сега во Скопје. Веќе е познато дека продукцијата ќе има и гостувања и фестивалски живот во низа земји.
„Планински џинови“ се дел од регионалниот проект „(Ре)Откривање на Европа„ кофинансиран од ЕУ и Креативна Европа, а копродукција е на Италијанската драма при Хрватското народно казалиште „Иван Зајц“ во Риека (на италијански јазик), Словенечккото стално гледалишче во Трст, Италија (на словенечки јазик), Унгарскиот театар КДЗС во Суботица, Србија (унгарски јазик), Германскиот театар во Темишвар, Романија (германски јазик) и НУ Албански театар – Скопје (албански јазик.
Проектот се подготвуваше во Риека, таму ја имаше првата премиера на 2 април, следуваа премиерите во Трст, Темишвар, Суботица и сега Скопје. Одличен домаќин во Скопје и во Македонија беше Албанскиот театар. Во 12/13 актерски ансамбл избран од режисерот Маџели се и актерите Џевдет Јашари (во улогата на сестраниот актер Баталиа) и Фисник Зеќири (во улогата на Тушко Туш).
Режисер на овој одлично замислен и реализиран проект е големиот Паоло Маџели кој со децении работи претстави во разни држави и на разни јазици. Затоа и за разработка на успешно хуманата идеја за евентуално поништување на различноста (!) што е и сизифовска работа за која мора/треба многу љубов, ја користи недовршена драма на големиот Луиџи Пирандело (1867- 1936, италијански писател, драматург и поет) чии најизведувани драми се „Шест лица го бараат писателот“, „Хенри IV“, … добитник е на Нобеловата награда за литература (1934).
Претставата режисерски, драматуршки и актерски е против востановената нетолеранција. Ја покажува неизбежната (ја бараме и никако да ја најдеме – прво во себе) потреба од разбирање и љубов наспроти веќе излитената фраза – потребна е толеранција, или само толеранција. Покажува/прикажува дека за да стигнеме до тој исто неопходен дел од животот не само на малцинските народи во една земја, туку вкупно во светот, потребно е единствено почитување. меѓусебно – на сите нивоа.
Текстот на Пирандело кој е единствена негова незавршена драма (причина е неговата смрт) е бајка за љубовта и вака незавршена драма е повод за мечтаење, за љубов, за почитување на различноста. Маџели беспрекорно влегол и ја внел целата екипа на „Планински џинови“ во театар за кој е потребна силна љубов и взаемна доверба – почитување. Како ретко кога кога станува збор за мешана екипа и изведба на во случајов пет јазици, сè е синхроно, сè е мајсторски споено, одиграно и жестоко и бајковито.
Симбол за мит за уметноста кој се изразува како современа бајка која ги урнисува бариерите меѓу актерите и гледачите, реалното и иреалното. Приказната следи една трупа актери кои лунѕајќи низ една замислена (или вистинска планина) стигнуваат до недефинирано место и време, во простор кој се наоѓа на раскрницата меѓу реалноста и бајката. Тие таму наоѓаат вила именувана како Проколната, … како надеж, како среќа, како љубов…
На сцената, на средина е едно накосо поставено платно кое е всушност најтешкото во животот на човекот – искачување и симнување до и од „планинските врвови“ на животот. Групата актери во ликовите што ја игра актерската трупа е постојано меѓу реалното и нереалното. Така и ја уриваат бариерата меѓу себе и меѓу себе и публиката. Лутајќи низ никому недефинирано место, што значи и време, тие постојано се во некој простор кој е меѓу стварноста и бајката.
Низ таа речиси невозможна потрага – по себе и за себе – трагајќи по универзалната вистина пак за себе и низ себе до другиот, ним им станува речиси сè можно. Силината е токму низ тие факти: може да се дојде и до отсекогаш неопходното почитување на различноста. На љубовта од секаков вид.
Сите овие копнежи, магии и потреби низ театарскиот јазик, концептот кој Маџели го владее од почеток до крај, концизноста и јасната драматуршка интервенција на магичната сценска приказна на Жељка Удовичиѓ-Плештина, ја создаваат атмосферата на конхерентна и беспрекорно хомогена игра на различни јазици, различни школи и различни видувања на различноста која, сепак, има само едно име – нетолеранција. Токму тоа го уриваат низ играта и танцот и текстот на начин кој разбирањето или неразбирањето на јазикот го ставаат во втор план, иако тој е и примарно значаен кај Пирандело. Така функционира и сцената, и светлото и сценографијата, и музиката, и сценографијата.