Нереални желби или административен “бојкот“ – што ги кочи јавните инвестиции?
АНЕТА ДОДЕВСКА
За да се остварат најавите на Владата дека годинава ќе се реализираат 80 отсто од капиталните инвестиции, ќе биде потребно во секој од следните три квартали остварувањето да биде најмалку 24 отсто. На стартот на оваа економска година, односно во првиот квартал, реализацијата на капиталните расходи изнесуваше само 7,7 отсто.. Дел од економистите сметаат дека причината треба да се лоцира во слабиот административен капацитет на државниот апарат, но и во отсуство на одржливи и однапред планирани проекти. Дали 2018 ќе биде една од инвестициски послабите години?
ЗАБРЗАНО ТЕМПО Со оваа динамика на остварување на капиталните расходи, до крајот на годината тешко дека ќе оставри најавата за реализација на барем 80 отсто од планираните јавни инвестиции, коментираат дел од бизнисмените откако официјалните податоци покажаа дека во првите три месеци реализацијата изнесува само 7,7 отсто..
„Со оглед на сегашните параметри, би бил радосен ако до крајот на годината се реализираат 30 отсто од капиталните расходи. Ова не го велам случајно со оглед на тоа што на политичакат сцена се’ уште не чекаат настани кои влијаат на економијата – реконструција на Влада, па доаѓаат летни одмори, еве сега се решева и спорот за името, кој значајно може да ги промени сегашните економски контури. Сегашната Влада можеби обезбеди континуитет во планирање на капиталните инвестиции но прашање е дали тие преминаа во декларативна заложба. НА ХАРТИЈА Имено, се поставува дилемата дали на хартија се проектираше голема амбиција, нерелани желби или навистина имаме слаба администрација која не може да го спроведе она што е зацртано“ – вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија.
И економистите упатија на слабиот административен капацитет, како причина за застојот во реализација на капиталните расходи.
„Едно е да се планираат капиталните инвестиции, а друго е да се реализираат. Секогаш има проблем со нивната реализација, бидејќи немаме доволно способност во јавната администрација за менаџиирање на капитални инвестиции. Потребни се добри физибилити студии и однапред да се предвидат низа работи во проектите кои можат да ги пролонгираат и поскапуваат како што се регулацијата на имотно-правните односи, еколошките проблеми и заштита на археолошките наоѓалишта покрај трасите што придонесува да не се реализираат со предвидената динамика“ – изјави академик Таки Фити.
Во 2017 година, со ребалансираниот Буџет беа планирани капитални расходи во износ од 386,1 милион евра, од нив се реализираа 83,64 отсто или 322,9 милиони евра. Пониско ниво на остварување има во 2016 година, кога со буџетот беа планирани 363,1 милион евра а се реализираа 76,01отсто или 276,0 милиони евра. Во 2015 година, со Буџетот беа планирани 361,5 милиони евра за капитални расходи, до крајот на годината од оваа се потрошија 303,5 милиони евра или 83,96 отсто. Во 2014 година оставрувањето на капиталните расходи изнесува 83,5 отсто, во 2013 година 82,4 отсто, во 2012 година реализацијата е на ниво од 87,5, во 2011 била 84,3 отсто а во 2010 година 86,6 отсто. Со Буџетот за 2018 година, на кој за прв пат потпис стави сегашната Влада, предвидено е ниво на капитални трошења од 400,7 милиони евра, што во однос на 2017 година, претставува раст за 20,3 милиони евра или за 5,3 отсто. Дел од веќе започнатите инфраструктурни проекти продолжуваат и во следната 2018 година.
Така на пример, за гасификација, клучниот проект кој беше во изборната програма на СДСМ, годинава, од Буџетот планирано е да се одвојат 36,3 милиони евра. За поддршка на развојот на мали и средни претпријатија, преку развојната програма на Министерството за економија, Во 2018 година, планирана е сума од 630.000 евра а за проектирање, изградба и доизградба на инфрастурктура во постоечките зони во ТИРЗ Скопје 1, ТИРЗ Скопје 2, ТИРЗ Штип, ТИРЗ Тетово, ТИРЗ Прилеп, ТИРЗ Струга и ТИРЗ Струмица, преку Дирекција за технолошки индустриски развојни зони планирани се средства во износ од 7.000 000 евра.
„Проекцијата за раст на бруто-инвестициите во периодот 2018-2020 година изнесува 4,4 отсто во просек на реална основа. Позитивен придонес врз растот на инвестициите се очекува да имаат планираните инвестиции на јавниот сектор, како и поддршката на инвестициската активност на домашните и странските претпријатија. Враќањето на политичката стабилност во земјата ќе има позитивно влијание врз очекувањата и довербата на економските субјекти, а ќе значи и позитивен сигнал за постојните и потенцијални странски инвеститори“ – наведува креаторот на економските политики, Министерството за финансии во Фискалната стратегија 2018-2020 година.
Според дел од стопанствениците што ги консултираше “Порталб“, во оваа инвестициска “приказна“ не треба да се исклучи и “итвкиот партиски бојкот“ во редовите на администрацијата со кој се соочиле дел од стопанствениците.
„Се случува документи на пат од една до друга канцеларија да “се загубат“ или “да ги снема“ – коментира стопанственик.
Од Владата тврдат дека и покрај сите препреки, најавените инвестиции ќе се оставрат,
„Мислам дека веќе ќе почнеме да имаме резултати во однос на нивната реализација. Оптимист сум бидејќи минатата година најголем дел од капиталните инвестиции беа реализирани во последниот квартал и тогаш успеавме да оствариме највисоко ниво на реализација од околу 20 милијарди денари“ – вели министерот за финансии Драган Тевдовски.
Според опозициската ВМРО ДПМНЕ, сегашните показатели за слабата реализација на инвестициите се последица на погрешни економски политики.
„Економијата тоне, градежништвото стагнира, капитални инвестиции само во првите 3 месеци изнесуваат 7,4 отсто, а раст на БДП-то е на најниско можно ниво во Европа и во регионот и истиот изнесува 0 отсто, Според нив, „Неподготвените проекти и неефикасните тендерски постапки се директна последица на незнаењето и неспособноста на картелот на власт, кои ги ставаат своите интереси над интересите на граѓаните и државата. Нивната неспособност се виде кога речиси цела година држеа готов автопат изграден од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, само поради проблем со преместување на една бандера„ – сметаат од најголемата опозициската партија..
Ланската 2017 година, заврши со пад на бруто-инвестициите за 4,5 отсто а целата економска година заврши со стагнација. Со новата Фискална стратегија 2019-2020 Владата предвидува раст на Јавниот долг до ниво од скоро 54 отсто како резултат на интензивирање на темпото за реализација на инвестициите, особено оние во инфраструктурата.
(Текстот е преземен, спред договор за долгорочна соработка од Portalb.mk. Опремата е на Глобус)